Ела Пероци и Марленка Ступица - Мојот чадор може да е и балон

16.04.2016 11:10
Ела Пероци и Марленка Ступица - Мојот чадор може да е и балон

Славната приказна на уште пославната словенечна писателка за деца, Ела Пероци, прв пат е објавена во далечната 1955 година. Дејството на приказната се случува, всушност, во воздухот над Љубљана! Во воздух полетува, носена од својот жолт чадор, главниот лик, малата Елена, која набрзо пристига во земјата Шапкарија во која шапките се сосема посебни: каква шапка ќе ставиш на главата - таков ќе станеш.

Ела Пероци (1922-2001) е класик на словенечката книжевност, добро позната и на македонските читатели.

Илустраторката и сликарката Марленка Ступица (1927) исто така е легенда на југословенската и словенечката илустрација за деца - авторка на десетици незаборавни сликовници, меѓу кои една од најрепрезентативните токму е „Мојот чадор мож да е и балон“.

Во продолжение претставуваме фрагмент од новата сликовница објавена во едицијата „Во пет кај вртелешките!“

 


Покрај потокот се простираше широк тревник. На тревникот имаше отворен малечок жолт чадор. Чадоров на Елена ѝ беше шатор. Елена скокаше околу шаторот и си играше со црвена топка. Топката беше сосема нова, па дедо, баба, мама, тато и тета многу се грижеа за неа.

„Внимавај на топката!“ ѝ рекоа на Елена, кога таа ја изнесе на тревата.
„Ла, ла, ла, ла!“ пееше Елена, ја фрлаше топката високо во воздух, па ја фаќаше в раце. Потоа ја фрли топката толку високо, што не можеше да ја фати. Топката падна во потокот и потокот ја однесе со себе.

Низ прозорецот од куќата гледаа дедо, баба, мама, тато и тета. „Елена, каде ти е топката?“, ја прашаа. „Ми падна во вода“, одговори Елена и седна во својот шатор. Дедо, баба, мама, тато и тета заканувачки ѝ замавнаа со показалците: „Воопшто не внимаваше на топката!“ Елена го зграпчи својот шатор за дршката и си го стави врз главата. Ги затвори очите за веќе да не ги гледа налутените лица, кои ја ѕиркаа од куќата.

Со затворени очи ѝ се чинеше дека е сосема сама. Цврсто го држеше жолтиот чадор.

„Мојот чадор може да е и балон!“ шепотеше.

Чадорот се наду и уште повеќе се испакна. Почна да се крева, а Елена силно мижеше. Јасно слушна како оздола ѝ се чудат: „Каде одиш?“ Се стрчаа кон улицата и гледаа како надуениот жолт чадор го носи девојчето меѓу белите облаци.

„Си замина туку-така, без прашање“, рече тато.

Елена ги отвори очите дури кога се најде над градот. Големите куќи изгледаа сосема малечки. Помеѓу куќичките виде четириаголни дворови. Во еден од дворовите имаше висок куп цепеници, толку висок што отсјајуваше од сонцето.

А таму, на врвот од купот, седеше една мачка и се топлеше. Тук-таму, помеѓу куќичките и уличките можеше да се види зелениот килим од тревниците. Среде еден од тревниците стоеше дрвено коњче, а едно момче јаваше на него кон некоја измислена земја. По уличките се возеа кутивчиња, веројатно трамваи. Покрај куќичките врволеа црни точкички – тоа беа жителите на градот. Од покривите излетаа бели гулаби, па се вивнаа токму кон Елена и летаа крај неа. Таа ги повикуваше: „Гулапчиња!“

Потоа птиците повторно се спуштија на покривите, а Елена продолжи да лебди. Го обиколи стариот замок и им мавташе на децата што таму си играа криенка. Ѝ се зачудија кога ја здогледаа како лебди во воздухот. Стапнаа врз клупите и се качија на ѕидот околу замокот за да ја видат подобро. Ги пружаа рацете кон неа и ја повикуваа, но Елена го заврте својот балон кон облакодерот.

Таму, на една тераса, луѓето си пиеја кафе. Сите се кренаа од столчињата штом ја здогледаа. Беа воодушевени. Елена со жолтиот чадор во небото! Колку убава слика беше тоа. Дури и сонцето сјаеше за глетката да биде уште поубава.

Лебдеше спрема паркот. Полека се спушташе кон земјата и слета во една леа со цвеќиња. Само што тоа не беше паркот и тоа не беа цвеќиња. Тоа беше земјата Шапкарија, а во леата растеа шапки. Колку чудесни шапки! Сите беа различни и растеа на долги страци. Ветрот ги нишкаше.

 

Превод: Давор Стојановски
Извор: „Мојот чадор мож да е и балон“, Темплум, 2016.

Слични содржини

Книжевност
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност

ОкоБоли главаВицФото