Му се чувствува крајот

18.04.2016 01:10
Му се чувствува крајот

Мислам дека таа вечер уште не бевме свесни дека лудилото толку многу ќе трае. Слушнавме дека кај Чичко Стоилко се става ограда за да дигаат триумфална капија и некако набрзина се организиравме. Мала полноќна акција на местото на најновиот злостор на лудакот.

Имаше доволно спреј за графити, многу смеење, скршена тегла мармалад на плочникот (зашто некој рече дека тешко се чисти), чување стража од џандари, потсмевање со самите себе дека сме стари за пишување графити… А и Марче беше жив. Знаевме дека до разденување ќе ги префарбаат тарабите, но тоа не ја намали посветеноста.

Откако ја подигнаа, никогаш не поминав под неа, ни пешки, ни со точак. И од револт, и поради фушерајските плочки кои за кратко време се расклатија. Триумфот на глупоста материјализирана во портата и во безброј други злодела нè поклопи сите и секој пристоен човек сам си знае какви последици му остави.

Но, ете, бидејќи Земјата е сепак тркалезна и редовно се врти, дојде и таков ден кога омразената Порта ми се виде убава и чудесна, зашто на бездушниот гипс му се вдахна живот, значење, поента. Тоа што кичољупците го сметаат за вандализам, всушност е првокласна уметничка интервенција.

И затоа се разнежнив сеќавајќи се на онаа пријатна ноќ, кога уште не бевме свесни дека лудилото ќе трае олку долго. А и можеби причината за нежно приспомнување е во тоа што конечно му се чувствува крајот.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фотографија: Марјан Забрчанец