1006 hPa
81 %
5 °C
Скопје - Пет, 23.01.2026 12:36
Ја одведов својата ќерка Келси на железничка станица. Додека возот заминуваше, меѓусебно си мавтавме и мавтавме. Веќе никогаш не ја видов. После таа стана првата жена на Месечината. Како стигнала таму, никој не знае. И оттогаш, колку што знам, не се вратила. И никогаш не ми напишала писмо, никогаш не ме повикала. А јас се надевам дека е среќна, мојот Месечински зрак. Секоја ноќ ја поминувам крај телескопот. Гледам диносауруси, снежни леопарди, птици пламенци. Видов еднооок пес како мавта со опашот. Видов поштенски камион. Видов едрилица иако вода, се разбира, нема. Видов знак за вода насочен кон Земјата. Видов знак за хамбургери насочен кон Земјата. И видов малечко девојче како паѓа од својот трицикл. Само едно паф на атомска прашина со боја на мандарина, тоа е сè. Веќе никогаш не го видов тоа девојче. Превртените тркала на трициклот и понатаму се вртеа. Спиј, реков, спиј малецко детенце.
Превод: П. В.
Поезија на Тејт е извртена, хиларична, понекогаш дури и инфицирана со работата на нонсенсот, речиси на начинот на Луис Керол, но секогаш со јасна наративна линија. Тонот е често конверзациски и наизглед „обичен“, но секоја претстава за конфекциската дикција Тејт упорно ја нарушува со апсурдистичкиот хумор, како и со посегнувањето кон надреалистичките фигури од својот непресушен арсенал на бизарни поетски слики. Она што Тејт го позајмил од надреалистите, кои дури кон крајот на педесеттите почнаа попресудно да влијаат на американската поезија, беше примената на логиката на сништата и на слободното асоцирање, но во неговиот случај често во рамките на специфичниот американски локален колорит. На свој начин радикално откачена, ако веќе не и „непресметлива“, поезијата на Тејт со својот имагинарен вишок како конститутивен елемент нуди всушност концепт за песната како дарежлива и отворена структура која секогаш може да биде окончана со соодветна и духовита поента, во што Тејт е вистински мајстор. (Дамир Шодан)