Триумф пред капијата на злото

19.04.2016 10:29
Триумф пред капијата на злото

Сите што го заштитија провокаторот-насилник, кој на саботните протести во Скопје удри девојка која сакаше да испише графит на „Порта Македонија“, заслужија да поминат како херои низ која било триумфална капија. За свесноста и присебноста што ја покажаа во момент на експлозија, за одговорноста, разбирањето, за високиот праг на толеранција. Всушност, за сè она што никогаш не биле, не се и нема да бидат способни да го направат градителите и бранителите на капијата. Затоа настанот е многу повеќе од обичен инцидент.

Уште подобро е што тој се случи токму на тоа место. Зашто, самата градба - најапсурдната од сите бесмислени во проектот „Скопје 2014“ - е споменик на триумфот на проектантите од злосторничкото здружение на власт, предводени од лидерот, тогаш на функција суверен владетел-премиер. Симбол-симптом на нивната општа неодговорност, незнаење и некултура, и посебно на неговата болна волја за насилство, омраза и одмазда, како израз на неговиот комплекс (наполеоновски) на виша вредност. Сето тоа, како низ медиум - вклучувајќи ја и „долгата рака на партијата“, помина и изби низ „ставот“ на оној насилник. Тоа го прави уште поголем гестот на тие што го одбранија од казна и на лице и на место. Оваа проклета авлија Груевски ја изгради на мала врата, наспроти резултатите од сите анкети, значи само за инат на граѓаните. Затоа, да не го тупиме со графити и со јајца. Оваа „порта“ заслужува да биде триумфално затворена, како што бараше Груевски во друга прилика - со динамит!

Извор: Слободен печат
Фотографија: Ванчо Џамбаски