1017 hPa
63 %
17 °C
Скопје - Вто, 17.09.2024 09:59
Поведена од:
-Студентските протести кои беа првите предвесници на македонската демократска пролет и ми ја разбудија надежта дека нешто може да се промени во мојата држава,
-Професорскиот пленум во кој активно учествував и сите останати пленуми на кои им давав сесрдна поддршка,
-Објавените телефонски разговори во кои се гледа шизофренијата, лудилото и криминогениот карактер на актуелната власт,
-Црниот понеделник, 24 декември 2012 година, кога опозицијата и новинарите беа најбрутално избркани од македонскиот Парламент,
-Основаните сомневања дека последните неколку изборни циклуси биле лажирани со вметнување фантомски гласачи,
-Очигледната партизираност на Уставниот суд, како и на целиот правосуден систем, кој систематски го опструира Специјалното јавно обвинителство,
-Бедната психолошко-пропагандна војна која потчинетите владини медиуми ја водат против сопствениот народ,
-Претворањето на мојата Македонија во мафијашка творба во која власта владее со клиентелизам, страв, уцени и поделби,
-Континуираното задолжување во режија на власта, со цел долгорочно економско уништување на македонското општество,
-Револтот што со мојата земја владее една неписмена багра на повторувачи, кецароши, кибритџии и улични џепџии кои ја оддалечуваат Македонија од Европа,
-Разочараноста и резигнацијата кај младите кои масовно се евакуираат и бегаат од неподносливите услови за живот во нивната држава,
-Прекрасните луѓе кои изминатите година и пол ги запознав на барикадите,
-Новиот македонски активизам кој прерасна во граѓанска револуција против лагата, силата и неправдата,
-Феноменот наречен „груевизам“, кој претставува симбол на најдолен балкански примитивизам, тоталитаризам, апсолутизам и предавство,
-Фикусот наречен „претседател на држава“ кој слепо и беспоговорно ги извршува наредбите на оние кои со фалсификувани избори го поставија на функцијата,
-Прекрасните живи бои поставени врз нивните стиропорни споменици - кои ги доживувам како симболи на злото,
-Ерупцијата на гнев, незадоволство, храброст и одважност на обичните запоставени луѓе, која почна да се шири низ цела Македонија...
Јас, Гордана Попсимонова, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, мајка, сопруга, пријател на моите пријатели, другар на моите другари, а пред сè, граѓанин на Република Македонија, го барам следново:
-Ниедна партија не смее да преговара во мое име за судбината на мојата држава, бидејќи зад мојот ангажман стојам јас, мојата совест и моето достоинство.
-Груевски, Заев, Ахмети и Тачи, на најавената средба во Виена за 22 април, пред Хан, Вајгл, Кукан и Ховит, можат да ги претставуваат само своите партии и ништо повеќе од тоа. Не ме интересира што сакат тие, туку што сакам јас, не ме засега што бараат тие, туку што барам јас.
-Итна оставка на актуелната власт и формирање експертска или преодна Влада која во најкус можен рок ќе ја врати правната држава во Македонија, ќе ги прочисти избирачките списоци и ќе подготви регуларни избори. Таму нека учествуваат партиите и нека се борат за гласови. Во моментов, мојот глас одлучува на улица, а не нивниот на преговарачка маса, бидејќи со криминалци не се преговара.
-Оставка на Ѓорге Иванов од функцијата – претседател на Република Македонија, како и повлекување на сите аболиции потпишани од него.
-Итно формирање Специјален суд каде што ќе можат да бидат процесуирани обвиненијата од СЈО.
Помина времето на тактизирање наместо преговарање, трикови наместо исполнување договорени обврски и тоалетни хартии наместо договори. Јас, граѓанинот, не сум сама. А и моето трпение е при крај.
Гордана Попсимонова
Скопје, 19 април, 2016 г.
Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фотографии: Ванчо Џамбаски