Примитивизмот носи „Версаче“

20.04.2016 12:24
Примитивизмот носи „Версаче“

1.

Актуелниов општонароден гнев излеан низ улиците (не само) на Скопје, помеѓу другото, е насочен и против македонскиот (или подобро речено властелинскиов дпмнеовски) примитивизам што десет години арачи низ земјата. И тоа е евидентно следејќи ги главните цели на демонстрантите – особено онаа скандалозно грда Порта како израз на триумф на овој примитивизам. Затоа, впрочем, граѓаните секоја вечер ја разубавуваат. И така навистина изгледа попристојно и секако треба да се следи предлогот тоа грдо здание, вака дотерано, да остане како вечен спомен за скопските/македонските демонстрации против режимов.

И јасно беше дека кога-тогаш малоумните „архитектонски“ производи на мегаломанскиве примитивци во опинци ќе се најдат на удар на граѓанскиот гнев. И тоа не само заради фактот што граѓаните не беа прашани за ваквиот скап зафат и нивните континуирани протести низ годиниве беа целосно игнорирани, туку пред сè заради веќе изградениот естетски вкус на овој град кој не дозволува така да биде нагрдуван. И ова воопшто не беше спорно, беше само прашање на време. Лично, не очекував тоа да се случи со вакви размери, особено не уште во времетраењето на режимот. Мислев дека тоа ќе дојде post festum, што не значи дека и сега не ми се допаѓа, напротив! И, повторно, на удар очигледно се токму перјанциите на невкусот – Портата на срамот и Аце среде плоштад! Иако не се единствени. Другите веројатно ќе дојдат на ред подоцна. Ги има многу и треба да се направи редослед.

Но, да не заборавиме, на ред дојде и институцијата на примитивизмот – Министерството за (не)култура како државен орган задолжен да ги изведува/координира сите примитивни чекори во македонската култура во изминатава деценија! Штета за зградата која ни крива ни должна трпи секојдневна тортура, ама и таа се претвори во олицетворение/тврдина на простотилакот. Штета и за скулптурата на Саздовски, ако навистина е оштетена, зашто таа е една малкуте пристојни дела што се нашле помеѓу сиот скопски кич!

2.

Се разбира, примитивизмот не би бил тоа што е кога би знаел дека е примитивен. Како впрочем и нашана министерка за некултура, сосе нејзината „Версаче“ чанта која ѝ личи како на глушец сурла и нејзиниот коментар за примитивизмот на демонстрантите и нивниот „… насилен однос кон културните институции во земјава и кон културното наследство кое го поседуваме како држава …“! Прво, таа изгледа сè уште не може да разбере – а како и би можела? – дека нејзиното Министерство за (не)култура се трансформираше во најомразена институција во македонската култура токму заради неа и нејзините некултурни политики. Таа квазиинституција се претвори во дувло на срамот на македонската – поточно дпмневската – некултура, на антипод на македонската современа култура која сè уште егзистира, ако треба и по улиците. Таа, се разбира, нема капацитети тоа да го разбере. Таа, сосе нејзината „Версаче“ чанта, мисли дека културата се мачка на леб или се носи под мишка. Или пак се обложува со стиропор! На примитивецот едноставно не можеш да му објасниш што е тоа култура, дури и да му ја посочуваш со прст, да му пуштат филмови (кои таа, кутрата, никогаш нема да ги разбере) или да му читаш книги (за кои таа, повторно, во животот не слушнала)! На примитивецот не можеш да му објасниш дека културата е идентитет (но не „версачеовски“), континуитет (ама не од Ацета наваму), квалитет (но не овој примитивен, дпмнеовски) … па и дека шмекот на haute couture на „Версаче“ не може да се усклади ако од ушите ви ѕиркаат опинците!

И второ, после толку години во самиот врв на власта и, присилно, во врвот на (не)културата, таа не разбра (а и како би можела?!) што е тоа културно наследство, односно дека истото не се создава денес, и тука, а особено не од стиропор и мермер што не е мермер ама личи на мермер! Џабе е и „Версаче“, и „Диор“ или „Луј Витон“ ако немате поим што е врвна култура во сопствената земја, ако за културно наследство прогласувате скандалозно грди порти и очајно неуки и кичерајски спомен домови, па нека се и на Мајка Тереза! Сето тоа е џабе кога не умеете да кажете имиња на два-тројца сериозни а не партиски сликари, еден-двајца „класици“ на македонската литература наместо овие партискиве стрип мејкери... Таа, кутрата, уште живее во некоја друга Македонија, онаа од времето на „ала франка“. Не научи дека светот одамна не ги цени луѓето според тоа што го носат врз себе, туку според она што го носат во себе, особено во главата!

И како што оној Богов тртља во Вашингтон дека македонската економија била стабилна а земјата му гори, така и оваа ко сретсело муабети за стиропорот како културно наследство додека ни пропаѓаат цркви стари десет века!

3.

Но, дека примитивизмот не е одлика само на оваа средина или актуелната политика, повторно (по којзнае кој пат) ни потврдува – кој друг ако не тој – нашиот Милчо „национале“, во новиот лупинг апропо македонските протести. И во овој контекст морам да му се заблагодарам на г-дин Героски за текстот „Гнасното во себе“, бидејќи нè ослободува од обврската повторно да се мачиме со овој типус и неговиот примитивизам долетан директно од Њујорк или некоја друга светска метропола.

Сакам да кажам дека примитивизмот навистина нема роднокрајност, ниту пак е по правило врзан за посиромашните слоеви (како што некогаш кажуваше теоријата). Не, зашто нашиве Бети и Милчо – едно време си беа добри другарчиња – секој на свој начин, ги побиваат сите стари и нови теории за примитивизмот и неговите исходишта. Впрочем, како што и ние како „држава“ со нашиве изминати десет години ги урнавме сите можни тези за демократијата, владеењето на правото, за нормалноста, културата, цивилизираноста итн. Станавме држава за во учебник како не треба да се постапува! А впрочем, може(ше) ли друго нешто да се очекува од ваков примитивизам?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Фотографии: Ванчо Џамбаски

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура / Филм
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото