Пристигнува 19. Скопски филмски фестивал!

20.04.2016 12:47
Пристигнува 19. Скопски филмски фестивал!

На своето 19. издание, Скопскиот филмски фестивал ќе донесе богата програма и содржини, во чии рамки ќе понуди 77 филма, како и работилници и мастеркласа.

Годинешниот фестивал се отвора на 22 април, во киното „Милениум“, со „Сен Амур“, филмот што го отвори и последното издание на Берлинскиот филмски фестивал. Се работи за најновиот филм на белгиско – францускиот режисерски двоец Беноа Делепин и Густав Керверн (Benoît Delépine, Gustave Kervern). Во овој филм, во главните улоги ќе ги видиме Жерар Депардје, но и Кјара Мастројани, ќерката на легендарниот Марчело Мастројани и Мишел Уелбек, еден од најинтригантните писатели на денешницата.

Филмовите се распоредени во девет програми: Гала, Програма на авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, во која публиката ќе ги види најновите кратки, анимирани и документарни филмови на млади македонски автори. Скопски филмски фестивал за својата публика има подготвено Ретроспектива на Педро Алмодовар, во рамките на која ќе идат прикажани девет негови филмови. Годинава, ќе може да се видат и најнтересните француски филмови во програмата Фокус на францускот филм, а во соработка со Кинотека на Македонија и Фокус на тајванскиот филм. Ќе биде прикажана и Програмата на кратки филмови од најановата светска продукција и посебна Програма на кратки шпански филмови.

Во Гала програмата ќе биде прикажан добитникот на Оскар за најдобар филм од неанглиско подрачје, унгарскиот „Синот на Шаул“, моќен дебитантски филм на режисерот Ласло Немеш, потоа „Каде да се окупира следно“, најновиот филм на оскаровецот Мајкл Мур, а меѓу другите и „Мојот крал“, награден на Канскиот филмски фестивал, „Крвта на мојата крв“, новото дело на италијанскиот мајстор Марко Белокио, а во оваа програма е и филмот „Лазар“, најново остварување на македонскиот режисер Светозар Ристовски.

Во програмата Авторски филм ќе бидат прикажани филмовите како „Рјузо и седумте следбеници“ на Такеши Китано, „Слободен пад“ од Ѓерѓ Палфи, кој по „Таксидермија“ се враќа со ново остварување. Ќе биде претставен и „Мажи и кокошки“, на Андерс Томас Јенсен, највпечтливиот филмски талент од Данска, по Ларс фон Трир.

Како дел од програмата Панорама на светскиот филм, ќе го видиме „Карол“ со маестралната Кејт Бланшет и „Суфражетки“ со извонредна актерска екипа предводена од Мерил Стрип, а се издвојува и францускиот „Мојот крал“ со Винсент Касел и Емануел Беркот во главните улоги, кои беа наградени во Кан.

Во рамки на годинашново издание на Скопски филмски фестивал во кино Фросина, на 28 април ќе се одржи Работилница за филмска музика со Игор Василев Новоградска. Предавањето е за јазикот на филмската музика и комуникацијата меѓу музичките форми и драмското дејство.

Годинава ќе се одржи и Работилница/ Мастер класа за експериментален филм со Карл Абрахамсон.

На фестивалот ќе се одржи и првиот Media day (Инфо ден) со цел да се информираат и да им се даде поддршка на македонските филмски професионалци и други заинтересирани во изготвувањето на апликации за потпрограмата МЕДИА Креативна Европа. Канцеларијата во Агенцијата за филм на РМ ја води Владимир Стојчевски.

Во соработка со Дебатно кино Контра кадар ќе се одржи дебата и проекција на филмот „Вита актива, духот на Хана Арент“. На дебатата на тема „Како се банализира злото“, во кино „Фросина“, гостинка ќе биде проф. Мирјана Најчевска, а дискусијата ќе ја модерира Слаѓан Пенев.

Најевтиниот билет за една проекција чини 50 денари, а целодневниот билет за 3 или 4 филмови ќе чини 200 денари.