„РEфлексии“: Изложба на современ накит од дизајнерката Јана Ацевска

20.04.2016 12:16
„РEфлексии“: изложба на современ накит  од дизајнерката Јана Ацевска

Една од најистакнатите македонски дизајнерки, Јана Ацевска, повторно се враќа на уметничката сцена со изложба на софистициран, современ накит од колекцијата насловена „РEфлексии“. Љубителите на дизајнот, на иновациите, на убавиот накит, ќе имаат можност да ги погледнат најновите дизајнерски парчиња на накит од Ацевска, кои од 21 до 23 април ќе бидат изложени во салонот за мебел „Think“.

Изложбата ќе биде од продажен карактер, а накитот ќе може да се погледне и да се купи на 21 април (четврток) од 17 до 21 часот, на 22 април (петок) од 15 до 20 часот, како и на 23 април (сабота) од 10 до 15 до часот.

Накитот како одраз на нашата внатрешност содржи приказни за сегашноста, но исто така и за минатото, пренесувани со генерации. Релацијата на традиционалното со современото, е обид да се создадат нови приказни, единствени и специфични. Тоа е идејата на новата колекција „РEфлексии“ на Јана Ацевска, која се потпишува под името „Капка“.

Накитот е инспириран од текстури, од бои и од материјали присутни во македонската народна носија, а истовремено претставува и инспирација за креација на современи предмети врз основа на традиционални елементи. Прецизно избраните бои на стаклени мониста и метални нишки се основните материјали од колекцијата на „РEфлексии“.

Всушност, она што овој пат го издвојува накитот на Ацевска од останатите, е што парчињата накит сопственикот може сам да ги обликува и да создава своја лична приказна. „РEфлексии“ е спој на минатото, сегашноста и иднината, односно на креатори од минатото и на авторката, каде минатото и сегашноста се испреплетуваат.

Покрај новите парчиња на накит од колекцијата „РEфлексии“, на изложбата ќе бидат претставени и творби од минатите и веќе познати колекции на Јана Ацевска, односно на уникатниот бренд „Капка“.

ОкоБоли главаВицФото