„Преродбеници“ формираат Сорос-вистинска!

20.04.2016 13:56
„Преродбеници“ формираат Сорос-вистинска!

Скопје, 20 април 2016

Откако видоа како неколку десетици илјади „соросоиди“ неуморно протестират низ улиците на Скопје, истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ решија да свикаат иницијативен одбор за формирање нова партија – „СОРОС-ВИСТИНСКА“.

Од извори блиски на илуминатите дознаваме дека координатор на иницијативниот одбор за формирање на „СОРОС ВИСТИНСКА“ е Илија Димовски, кој во „соросоидните“ кругови е познат по прекарот „Иљче Гебелс“.

„Јас кога бев соросоид-координатор, и кога делев Соросови пари како член на комисија во Соросовата фондација, половина од овие што сега глумат соросоиди не ни знаеја кој е Џорџ Сорос“ – изјави со резигнација Илија Димовски, упатувајќи презир кон накотените лажни соросоиди.

На прашање кои се членови на иницијативниот одбор за формирање на „СОРОС-ВИСТИНСКА“, „Иљче Гебелс“ појасни:

„Се разбира, почесен член ни е сегашниот претседател Ѓорге Иванов, кој беше член на управниот одбор на фондацијата СОРОС. Претседател на задграничниот комитет на „СОРОС ВИСТИНСКА“ во Лондон ќе ни биде амбасадорот Јован Донев, кој беше најдолго претседател на Управниот одбор на фондацијата СОРОС од 1996-2002. Претседател на месниот комитет на „СОРОС-ВИСТИНСКА“ во „Идризово“ ќе ни биде Паско Кузман, кој исто бил член на управниот одбор.“

Дознаваме дека „СОРОС-ВИСТИНСКА“ нема да биде еднонационална партија. За претседателка на општинскиот комитет на „СОРОС-ВИСТИНСКА“ во Тетово е планирана Теута Арифи, истакната членка на управниот одбор на фондацијата СОРОС, а за Шуто Оризари истакнатиот соросоид Реџеп Али Чупи (заменикот на Амди Бајрам).

Од извори блиски на илуминатите дознаваме дека за партиски ескперти на „СОРОС-ВИСТИНСКА“ се пријавиле повеќе поранешни експерти на Соросовата фондација, вклучително и Тања Каракамишева и Сашо Клековски.

Како портпарол на „СОРОС-ВИСТИНСКА“ се планира актерот Тони Михајловски, кој бил еден од првите стипендисти на фондацијата СОРОС, и кој му е вечно благодарен на неговиот професор Владимир Милчин што ем станал актер, ем добивал меѓународни награди играјќи во негови претстави.

На основачкото собрание на „СОРОС ВИСТИНСКА“ е планирано да присуствува и Никола Груевски, кој ќе одржи пригоден говор за неговото познанство со Џорџ Сорос.

Извор: Слободна Македонија