За лажното наследство и лицемерието на Елизабета Канческа-Милевска

21.04.2016 01:17
За лажното наследство и лицемерието на Елизабета Канческа-Милевска

По завчерашната колоритна интервенција на зградата во која е сместено Министерството за култура на РМ, од страна на граѓаните кои на свој креативен начин го изразија револтот против одлуката за аболиција потпишана од претстедателот Ѓорге Иванов, вчера се огласи министерката Елизабета Канческа-Милевска.

Во официјалното соопштение, освен политичките квалификации е наведено дека „ваквиот примитивизам, немање основно чувство за сопствената култура и држава и почит кон културно-историските споменици мора да бидат предмет на осуда на сите граѓани кои Република Македонија ја чувствуваат за своја татковина, како и на сите претставници на меѓународната заедница во државава кои се залагаат за почитување на културниот идентитет како една од темелните вредности на Европската Унија“.

Така е, г-ѓо Министерке, секој граѓанин треба да го осуди таквиот чин, особено заради поврзаноста на културното наследство и идентитетот кој во многу фини, префинети нишки е вграден во секое културно наследство, па во ова смисла и во нашето. Исто така сум убедена дека граѓаните многу добро ја чувствуваат таа поврзаност и сосема оправдано реагираат кога ќе забележат целосна негрижа и запоставеност, маргинализирање на нашето автентично културно наследство, наспроти огромните финансиски средства кои „се истураат“ на создвање ново, лажно наследство со други, туѓи идентитетски импликации. Следејќи ја вашата логика содржана во погоре изнесената изјава, сосема природно е граѓаните да го изразат својот револт токму пред таа зграда во која е сместено Министерството за култура и вие како актуелен министер!

Дури не требаше ниту да се запрашате зошто, туку само да го очекувате денот кога ќе ви тропнат на врата. И тоа се случи. Граѓаните дојдоа да го изразат својот револт и да го осудат вашиот примитивизам кој лицемерно го практикувате цели десет години како главен менаџер во реализацијата на криминалниот проект „Скопје 2014“, кој започнавте да го прогласувате за културно наследство.

Г-ѓо министерке, вие сакате да нè убедите дека тоа е културно наследство и дека таму е вграден нашиот идентитет?! Не, г-ѓо министерке, не е тоа наше културно наследство, туку подметнато кукавичко јајце! Можеби тоа е ваше, партиско, затоа и си го изградивте.

Но, сето тоа можевте да го направите на некоја ливада со ваши партиски пари и секојдневно да му се воодушевувате, а не не на јавен простор и со рефасадирање и бришење на статусот споменик на култура на постоечки културно-историски споменици. Ете, тоа е примитивизам кој треба да го осуди секој граѓанин, а не неколку флеки од боја на фасада која може веднаш да се среди. И впрочем тоа го прави, на еден многу автентичен креативен начин.

Како дополнителна илустрација, сега ќе ве потсетам што е примитивизам кој лицемерно го подметнувате на други, а вашиот го прикривате. Тоа што го извршивте на барање на поранешниот премиер, да наредите со едно решение да бидат исбришани најмалку 131 објект сместени на 131 КП впишани како споменик на култура – Урбана целина - ,,Централно градско подрачје II“ не е само примитивизам, туку криминален чин прикриен со Закон… Знаете на колкав потег се распоредени овие споменици на културата кои вие со едно решение ги избришавте? Еве, ќе ве потсетам. Овие споменици се наоѓаат на просторот помеѓу реката Вардар, булеварите ,,Св.Климент Охридски“, „Партизански одреди“ и улиците „Димитрие Чуповски“, „11 Октомври“, „Македонија“ и „27 март. Освен решението има и друг доказ за постапката во која вие директно сте учествувале – Бомба 35, транскрипт. Премиерот рекол: вадете ги за да не се споменици на културата… Г-ѓо Канческа-Милевска каде се сега овие споменици? Ги гледате некаде, ги нема! Најголемиот дел од нив се преоблечени во ново квази- барокно руво, поранешната зграда на НАМА на арх. Славко Брезовски доби дури и карикатурални каријатиди, а сега на пат е и модернистичката зграда на поранешен ,,Метропол“ на арх. Милан Злоковиќ да добие ново стиропорно квази-барокно руво! Само за ова што го направивте, ние граѓаните треба да ви поднесеме кривична пријава за извршен злочин – геноцид/културоцид, против нашето културно наследство!

Се повикувате на меѓународната заедница, а ниту една од ратификуваните конвенции не ги почитувате. Ја погазивте конвенцијата од Ла Валета, го преоравте археолошкиот локалитет Плаошник и го забетониравте за век и веков. Не оставивте ни 0.1% неистражен простор, а камоли 30% на кои инстистира Конвенцијата - простор кој треба остане за истражување и интерпретација на следните генерации! Ставивте ваш партиски печат на цел локалитет кој го претворивте во градежна локација. И за ова треба ние граѓаните да ви покренеме кривична пријава! Кривична пријава треба да ви покренеме и за обидот да го продадете Офицерскиот дом во Битола, за куќата на Татарчеви во Ресен која претставува повторно партиско гледање на поимот „реконструкција“, за снижувањето на категоријата на Охрид кој од светско наследство денес со вашата партиска законска регулатива е изедначен со Крушево, Кратово и Скопската чаршија; за тоа што Нерези, Курбиново, Перивлепта, Св.Софија во Охрид, Канео, Архангели во Варош, Св. Никола во Прилеп, Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, Св. Никита Горњане, Св. Богородица Елеуса во С. Вељуса, Св. Ѓорги Козјак, Св. Петнаесет Тивериополски маченици… сè уште не се ревалоризирани и прогласени за културно наследство од исклучително/универзално значење; за тоа што пропаѓа Теќето во Тетово, Султан Муратова џамија во Скопје, Аквадуктот, Св. Никола Шишевски... за криминалот извршен на скопско Кале!!! За тоа што токму во вашиот мандат изгореа Бигорски и манастирот Трескавец и се случи т.н. кражба во Музеј на Македонија; за тоа што ни ги крадат иконите од црквите и целосно се нарушени професионалните стандарди во заштитата… има уште многу да се реди! Г-ѓо Елизабета Канческа-Милевска, ве очекуваат многу кривични пријави, затоа што граѓаните знаат да препознаат што е вистинско, а што лажно. Што е реална грижа за културното наследство, а што лицемерие.

Извор: Либертас
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото