За граѓаните и за писателите

21.04.2016 09:41
За граѓаните и за писателите

Деновиве се покажа дека граѓаните на Македонија имаат многу појасна свест за вредностите какви што се правдата и слободата, отколку голем дел од македонските писатели

 

Ова е моја трета реакција на актуелните случувања во земјава, реакција во која посочувам на македонските писатели. Првиот пат тоа беше по оној 24 декември, кога власта со употреба на сила ги отстрани опозиционите пратеници, но исто така и новинарите, од Парламентот. Јас тогаш, по четириесет години членување, го напуштив Друштвото на писателите на Македонија во знак на протест што не реагираше на исфрлањето на новинарите, а најголемиот број писатели, во сите изминати децении, во работна смисла, биле новинари во разните весници, списанија, радијата и телевизиите.

Вториот пат кога ги ставив во контекст писателите, тоа беше на Регионалната конференција на Македонскиот ПЕН центар пред две години, во дебатата насловена како Зборот и слободата. Тогаш реков дека, она што често се вели, оти гласот на писателот е гласот на неговото дело, не е спорно кога е во прашање книжевно-уметничкиот контекст, но спорно е кога тој „уметнички глас“ на писателовото дело, се сака да се употреби како замена за слободата на зборот надвор од тоа дело, во општествениот простор. Се вели: Јас творам уметност, еве ви го моето дело! Не, твоето дело не претставува замена за јавниот збор. Друго е твоето дело, а друго е твојот глас како човек, како граѓанин по однос на зборот и слободата со авторитет на писател. Не се затскривај зад уметничкото дело како граѓанин, зашто крајниот извод од таквата теза би била дека писателите треба да молчат. И не само писателите: и тутунарите би требало тогаш да молчат, бидејќи нивниот глас е нивниот тутун што го садат и што го нижат, и возачите на автобусите треба да молчат, и студентите треба да молчат зашто нивниот глас се испитите што треба да ги полагаат итн.

Сега, еве, по трет пат ќе ги посочам писателите. Го правам тоа во исклучителен момент, кога граѓаните на Македонија - со реакциите, со јавните проценки и протести, покажаа дека имаат многу појасна свест за вредностите какви што се правдата и слободата, отколку голем дел од македонските писатели. Нашите писатели ги нема на јавната сцена. Се разбира, не станува збор за сите писатели, би можел исклучоците и да ги набројам, но ситуацијата ми дозволува да зборувам за една општа состојба на духот сред македонските писатели. Додека огромниот број граѓани на Македонија, кои сега секојдневно ги гледаме како достоинствено бараат правда и слобода („Нема правда, нема мир“), додека, значи, граѓаните точно проценија дека станува збор за суспендирање на правата и слободите, за криминал, за уривање на правниот поредок на државата и поткопување на националниот идентитет - нешта што го достигнаа својот климакс со последните потфати од страна на власта (Парламентот, Уставниот суд, аболицијата на Претседателот на Републиката), дотогаш кај македонските писатели не може да се види дека до нив допрела свеста за значењето на моментот токму по однос на она што би било природно да им биде инхерентно – слободата. На уметноста ѝ е иманентна слободата. Тврдам дека граѓаните имаат далеку повисока и појасна свест за денешниот судбински момент за земјата и за сите нас. И видоа дека во обидите на „хунтата“ да се спаси од прогоните пред законот, секојдневно се урива правниот поредок. И поради тоа постои ова дејствување на нејзините одреди во лицето на ГДОМ, контрапротестите што можат да доведат до крвопролевање. Во таборот на писателите пак гледаме молк. Тромост на духот ли е или страв, или, еве да одам и понатаму, да не е можеби во прашање и поткупливост. За поткупливоста, Лорд Актон има речено: „Поткупливоста е поефикасна од справите за мачење“.

Македонските писатели, следејќи го она „гласот на писателот е гласот на неговото дело“ и паролата „не се мешаме во политика“ – молчат. Божем ова што се случува е политика! Божем ова е некаква идеологија? Тоа, се разбира, не е никаква политика и никаква идеологија. Оваа власт ниту практикувала ниту е способна да практикува политика како умешност на менаџирање на една држава или на една заедница со цел барање и прифаќање на механизми за оптимален напредок. Ова што го имаме е само деструкција на една изделена група, фамилија што презема активности само доколку тие активности служат за задржување на власта и на личните интереси, фамилија која одамна ја има дефокусирано земјата и граѓаните од својот поглед, па ќе се покаже дека ја дефокусирала дури и сопствената партија ВМРО, која сè уште не знае да најде излез, ако вооопшто го има на оваа основа.

Да завршам. Деновиве на порталите, во некои статии, прочитав два цитата од двајца луѓе кои живееле во сосема различни времеиња – едниот од Ренесансата, другиот од новово време, едниот Данте, а другиот Антонио Грамши. Првиот вели: „Во пеколот постои едно посебно место за сите тие кои останале неутрални во време на морална криза“. Ете, зарем Данте Алигиери не беше писател и зарем неговото дело не беше негов глас? А пак Грамши, големиот италијански мислител, вели: „Мразам индиферентни... Индиферентноста со својата мртва тежина ја притиска историјата... Не може да постојат само луѓе, туѓинци во градот. Оној кој навистина живее, мора да биде граѓанин...“

Сме ли, драги колеги, граѓани, освен што сме писатели?

 

Фотографии: Томислав Георгиев

ОкоБоли главаВицФото