Поради шарената револуција, ВМРО-ДПМНЕ ги враќа црно-белите телевизори

21.04.2016 12:04
Поради шарената револуција, ВМРО-ДПМНЕ ги враќа црно-белите телевизори

Скопје, 21 април 2016

Исплашени од шарената револуција, од ВМРО-ДПМНЕ ќе им доделат црно-бели телевизори на 300 илјади македонски граѓани, соопшти денес Илија Димовски.

Граѓаните заинтересирани да се вратат назад во времето ќе можат да аплицираат за црно-бел телевизор во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ, но и да се пријават на некој од собирите на ГДОМ.

Со црно-белите телевизори, граѓаните ќе добијат и подарок - празен сендвич.

„Да не беше деструктивното сценарио на СДСМ и Сорос, ќе имаше и за салама и кашкавалче во сендвичите, евентуално некое крукче кисела краставичка. Оваа криза е штетна за државата и треба да се разреши на избори какви што само ние знаеме да организираме“, објаснува Димовски за Пара вести.

Тој не крие дека е разочаран што многубројните иницијативи на ДПМНЕ да го врати народот назад во времето очигледно не го дале очекуваниот резултат.

„И досегашната програма на телевизиите не беше којзнае колку шарена. Ама што е сигурно, сигурно е“, ја објаснува Димовски црно-белата ТВ акција на неговата партија.

Слика: Александар Јосифовски