Само ти сонувај

21.04.2016 16:25

Некои луѓе проживуваат цел живот
без да напишат ни една единствена песна.
Станува збор за исклучителна челад која не се двоуми
да парчоса нечиј череп или срце.
Крајно лежерно си одат на бејзбол
и како на шега играат неколку рунди голф.
Дотолку, влегуваат в црква
како тоа да е составен дел од животот.
Инвестирањето пари им е втората природа.
Придонесуваат кон политичките кампањи
без ронка лирски дух,
како денес така и во иднина.
Навечер седат крај вечерата и се прават
дека во ништо не се тенки.
Децата ќе им ги фатат како крадат во шопинг‒мол,
но никој не би признал дека е баш поезијата
тоа што им фали.
Семејниот пес завива цела ноќ, осамен и гладен
по складни верси.
Зошто ли им е толку тешко да согледаат
дека без лирика животите им се мијазмести?
Се разбира, имаат тие свои банкети, прослави, крокети,
ловови по лисици, свои морски брегови и сончеви залези,
свои коктели по балкони, трки на кучиња,
сите оние бакнежи и прегратки
и ‒ да не заборавиме ‒ добрите дела, каритативната работа,
целоноќните бдеење над младите на веверицата,
па зимското снабдување со храна на куќичките за птици
и помошта на непозната дама да ја промени гумата.
Меѓутоа, тука е тој непријатен мирис
на нешто распаднато, суптилен, но секаде продирачки.
Тие чекорат наоколу горди како олимпијци.
Благоглаголиви, урбани, штоскасти.
Но во ретките моменти на самотија со часови
ѕурат во шпиглот, вџашени оти тука било и баш тоа нешто
што сакале да го кажат, но не го кажале: „Ако ја сместиме
значи фигурката на носорогот веднаш до пинцетата
прошетаме ли три пати низ собата, научиме да јодламе, ја избричиме главата,
ги привикаме предците назад од мртвите ‒“
но поетски земено, и ова сеуште е промашување,
стечај, а уште ни еден слог не си начкрабал.
Ти си ништожник кој ја промашил суштината
на сопственото битисување, вознемирен за ништо и обратно.
Но она што следи можеби и нема да биде толку долговечно.
Озарената детска љубов, тајната шифра на сетрајната радост и тага,
нестварниот молив ги сенчи капаците:
целодневна, целоноќна медитација, јазол на надежта,
јадро на копнежот, чиста обичност на животот,
со поезија барање благослов или постела
за човек да се испружи, спои, открие, истражи,
да се всади целисходност во екстравагантниот тек
на денот. Меѓутоа, сурово е да се очекува премногу.
Редок е видот птици
кој одбива класификација.
Нивната песна едвај чујна е.
Како вилино коњче во сон ‒
се лелее ваму-таму, ваму-таму
во страсниот лет на јантарните крилја
за потоа да се вивне во вис и да исчезне од погледот.
Но тој сон крие болка во срцето
чиишто чуда се повеќекратни,
или барем го бие таков глас.

Превод: П. В.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото