Сиромаштијата заглупува

22.04.2016 02:03
Сиромаштијата заглупува

Истражувањата уште одамна покажаa дека сиромашните во просек се помалку интелигентни од богатите. Поради политичката некоректност на конечниот наод, во потесните кругови не се зборува на таа тема. Исто така, во име на еманципираните предрасуди во однос на студијата, корелациите од тој тип се забранети. Сепак, поновите психолошки опити и когнитивни капацитети на сиромашните се оние кои всушност го потврдуваат соблазнителниот наод за нивниот лош когнитивен перформанс. Но, со суштинско надополнување: дека во тест-ситуациите еднакво лоши резултати постигнуваат и оние кои се родени сиромашни и оние кои станале сиромашни. Сиромашните потешко ја одржуваат концентрацијата, полесно се откажуваат и донесуваат погрешни одлуки, посебно кога станува збор за комплексни задачи. Одлуките ги донесуваат лесно и импулсивно, во корист на долгорочни штети. Порадо одбираат да добијат малку но веднаш, отколку многу но подоцна. Истите личности во тест-ситуациите постигнуваат подобри резултати кога имаат пари, отколку кога нивната финансиска состојба не е добра.

А кога несиромашните испитаници според условите на психолошкиот експеримент ќе осиромашат, во когнитивниот перформанс покажуваат дефицит налик на вистински сиромашните луѓе. Наведеното сепак ѝ дава приоритет на тезата дека само сиромаштијата заглупавува, а не дека глупавите луѓе осиромашуваат. Сиромашните се такви зашто живеат сиромашно. Нив во суштина ги уништува токсичниот социјално-егзистенцијален контекст на немаштијата. Бидејќи кога ќе осиромашат, ни богатите веќе не се толку паметни. А кога ќе се збогатат, ни сиромашните веќе не се глупави. Затоа, кога сиромаштијата би се искоренила, луѓето веднаш би станале попаметни. И затоа, какви и да се, социјалните надоместоци помагаат бидејќи ги ослободуваат когнитивните капацитети на сиромашните, ослободувајќи им простор за другите важни аспекти од животот.

Пониското ниво на интелектуално функционирање (па и психичките нарушувања) одат со сиромаштијата и претставуваат нејзин составен дел. Да се биде роден сиромашен, да се расте и старее во сиромашна средина, само по себе ја зголемува веројатноста на лошото когнитивно функционирање. Затоа не чуди фактот дека незгрижените запуштени и образовно занемарени сиромашни деца фукционираат когнитивно дефицитарно. Или дека децата на несиромашните родители се просечно воедно и поинтелигентни деца. Општествените нееднаквости на паметните, вредни и сиромашни деца им го отежнуваат искачувањето на општествените скалила. А истовремено го забавуваат општественото пропаѓање на неамбициозните богати деца со пониски когнитивни капацитети. Оној кој ќе се роди сиромашен има поголема веројатност тоа и да остане, отколку што ја има оној кој не се родил сиромашен.

Сиромаштијата не е избор. Не е ниту посреден избор. Никој не ја сака. Таа не произлегува од недостатокот на карактер на сиромашните, и не е резултат на нивната неспособност, туку е резултат на оштествените нееднаквости кои ја генерираат супкултурата на сиромаштијата. Сиромашните се чувствуваат зависно, несреќно, беспомошно, безвредно и маргинализирано. Како да се исфрлени и да не му припаѓаат на општеството. Тие се исклучени од пазарот на трудот. Во внатрешноста на супкултурната сиромаштија живеат како туѓинци во сопствената земја. Внатрешни странци со посебни обичаи, психологија и поглед на свет. Се доживуваат како паразити, а всушност се жртви. Општеството патерналистички ги сожалува, а тие се срамат од себе. Општеството им наметнува надворешна, а тие на себе внатрешна стигма.

Исто толку погрешно е и тврдењето дека сиромашните се исти како и сите други луѓе. Само што, ете, немале среќа во животот па се сиромашни. Бидејќи инаку и тие, само од неповолната перспектива на сиромаштијата, би се однесувале како информирани рационални субјекти и би правеле потези кои би им ја максимизирале животната добробит. За жал, тие не го прават тоа, бидејќи се поинакви во лоша смисла на зборот. Живеат живот под висок притисок предизвикан од хроничниот стрес и негативните емоции; во состојби кои го замаглуваат интелектот тие ја губат моќта на расудување. Сиромаштијата го држи умот на сиромашните личности во заробеништво. Животот во немаштија троши толку ментална сила што го намалува капацитетот за внимателно и нормално водење на животот. Бидејќи, како што покажале истражувањата, лошите животни одлуки и неспособноста за долгорочно рационално животно планирање не се причина, туку последица на сиромаштијата. Затоа сиромаштијата не е само економска, туку и психолошка, па и когнитивна состојба.

Сиромашните живеат напнато во вечната сегашност. Утрешнината им е еднакво неизвесна, но не можат себеси да си дозволат да се грижат однапред, кога и денешниот ден треба некако да се преживее. Рационализирањето на скудните ресурси доминира во нивното секојдневие. Живеат во маѓепсаниот круг на сиромаштијата, која сама од себе се одржува. Бидејќи долговите ги враќаат со камати. Купуваат на рати, па плаќаат поскапо. Го поправаат старото што виси на конец почесто отколку што купуваат ново. Имаат толку малку што немаат право на грешка. Секоја нерационалност ги лишува од нешто суштинско. Се двоумат околу секоја одлука што ќе ја донесат, бидејќи знаат дека со изборот што ќе го направат, ќе изгубат нешто друго. Времето и парите по правило ги трошат на задоволување на основните потреби. Така и живеат, на ниво на основните потреби. Односно, повеќе живуркаат отколку што живеат. Огрубеле од страдање и ги живеат ниските нивоа на стварноста на една потисната духовност. И животот не им ја открива својата подлабока смисла. А за жал, ниту убавината.

Слики: Naftali Beder

Извор: Globus

ОкоБоли главаВицФото