Не сакаме веќе црно-бела Македонија! Мојата Македонија е ѕуница!

22.04.2016 13:00
Не сакаме веќе црно-бела Македонија! Мојата Македонија е ѕуница!

Таа ги сака сите бои, сите бои(!)... а и сите бои ја сакаат Македонија, онаа Македонија за која се бориме!!!

Затоа, „хулигани на виножитото“, на денешниот протест, дојдете, и така - со своето присуство - донесете ги сите бои кои веќе подолго време му недостасуваа на овој град, понесете ги сите оние бои од кои овие далтонисти, овие узурпатори на слободите, укинувачи на слободарството и темничари на слободената волја и духот слободен... донесете ги боите од кои тие се ужаснуваат - оти, ако не е еднолично, еднообразно, еднобојно, едноумно, еднозначно... тогаш таквите разнообразни „колорити“ ги плашат, ги збунуваат, ги вкопуваат во сопствениот културолошки шок!

На нашите улици, повторувам - НАШИТЕ УЛИЦИ (оти нив, улиците, веќе ги зазедовме - ослободивме ), вечерва, завчера... денес - нека се разлеат реки од бои, нека потече најубавиот колорит, за ИНАЕТ на сите оние кои сакаат да нè укинат, да нè избледат, да нè истиснат на сила, да нè избришат... да нè нема, да НЕ ПОСТОИМЕ!

Се обидоа, преку нивните царски „добошари“, да нè убедат дека таквите бои не се долични, дека такви бои нема - ниту треба да има во лажно-моралниот „портрет“ на нашата татковина... ЗАТОА, ДЕНЕС! Да им покажеме дека Македонија може, дека Македонија единствено вистински може да се сака со сите, со секоја нејзина боја; а и дека сите нејзини бои ја сакаат нашата нова, модерна, просперитетна, европска, демократска Македонија!

Еве ме мене - една „чудна боја“ од Македонија (специфична боја - но сепак, битна боја без која македонската ѕуница би била многу посиромашна), ете ме на петочното „патување“ кон „новото сонце на слободата“ ( петочниот протест ) - ете ме - БОЈА, кога со боја во рака, го бојадисувам, го разубавувам стиропорното сивило на овој град, еве ме - врз една од многуте лажно-сјајни кулиси на овој режим, врз стиропорниот униформизам на оваа диктатура, им го „грдам“ отсјајот од нивното огледало - оти тоа што го гледаат во ваквите огледала на нивниот невкус, го гледаат а не можат да го видат, е грдо, гладно, измачено, понижено... ОГРАБЕНО и ОБЕСПРАВЕНО! Да, еве ме - како уметник, како Дон Кихот, пред Триумфалната порта (триумфална?! Ха! Оваа Горгона, ова чудо од невкус, оваа шлаканица на срам, може да биде симбол само на триумф на поопинчената армија на груевистите, на нивниот невкус, на нивната смрдеа попрскана со многу „пино силвестре“, триумф на нивните „домат-летувања“, на нивните ждригања, плукања, на невикања „добар ден“ во лифт, на таков „триумф“ е оваа капија и таа може да слави само триумфи од типот: „Значи, како денес сум си ја истепал жена си!“, „Да украдам уште малку државно - па ќе отворам нешто (мое) приватно!“ (Како Хорхе - хотел во Албанија ), триумфална капија на триумфот на - хомофоби, националисти, иномрсци, верски фанатици, шовинисти, аболикатори на аболицирани изборни манипулатори, народни кожодери, апаши... ... ... триумф на педофили врз малолетни фантазии и врз слободарски умови, триумфи на исфрустрирани и грди луѓе, на шизофрени груевистички генерали и нивни исфрустрирани војници (тикви, кои не знаат ни каде и колку воопшто може да биде длабок „коренот“ на една обична тиква... да, токму таквата илузија за коренот, трагање по својот корен некаде накај „средиштето на земјата“, а притоа си тиква и згора си неук и не знаеш колку воопшто може да биде долг (или краток) коренот на тиквата, а токму тој триумф - на нивната неукост и неинформираност, го слави овој „Стиропорен влез во македонскиот дел од пеколот“!

И еве ме, пред стиропорниот грд срам, пред мојата ветерница - ѕверот - против кој мораше, мора и сè уште ќе мора да се бори секој уметник!

Затоа, на протестите дојдете со кеси полни бои, со спрејови, со јајца, со кофи боја и четки, со прскалки полни со боја, со... со бои! Со многу, многу БОЈА! Оти, ако нешто му недостигаше на Скопје, на цела Македонија, за овие десет години еднобојна тиранија и безлична диктатура, тоа беа БОИТЕ! Дојдете и ОФАРБАЈТЕ ги во сите виножитни убавини, нивното - ЕДНОУМИЕ, ЕДНО-МОНОПОЛИЗИРАЊА, право на ЕДНО-припадност, и сите НИВНИ забрани за визури и светлогледи во поинакви БОИ!

МАКЕДОНИЈА СЕ САКА СО СИТЕ НЕЈЗИНИ БОИ - СИТЕ БОИ НА ОВАА ЗЕМЈА СИ ЈА САКААТ МАКЕДОНИЈА!

 

Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото