Исламот и Западот, два аршина

07.05.2010 10:14
Исламот и Западот, двојни аршини

Дени Петин е американски свештеник од посебен вид. Во 1996 г. започна програма во Аризона под името Silver Ring Thing, со цел да ги поттикне младите Американци да се воздржуваат од сите полови односи пред бракот, уверувајќи ги дека тоа претставува блуд и грев. Петин редовно организира собири на кои присуствуваат илјадници млади Американци кои заедно со него ја читаат Библијата, а потоа се обврзуваат пред Бога дека ќе ја зачуваат својата невиност за идниот сопруг или сопруга. На крајот од свеченоста, секој од учесниците става сребрен прстен на левата рака на кој се вгравирани стихови од Библијата. Тој прстен го носат до венчањето.

Изненадувачки е тоа што кампањата на Петин во САД има многу следбеници, и добива парична помош од државата. На француската телевизија гледав долга емисија за Петин, во која неговите следбеници ја бранат невиноста како доблест. Учествуваше и еден француски психолог, кој со уважување расправаше за нивните ставови.

И почнав да се запрашувам: идејата на Петин за невиноста како доблест сосем се совпаѓа со арапско-муслиманската култура, па сепак, неговиот дискурс добро го прифаќаат на француската телевизија. За волја на вистината, тој е Американец, христијанин и белец. Ако некој Арапин или муслиман го кажеше истото, медиумите би го обвиниле за назадност, варварство и женомрство. Западните двојни аршини се раширена појава, а за тоа постојат безброј примери.

Неодамна во Иран беа одржани избори, и на нив победи претседателот Ахмадинеџад. Но тие избори наводно биле лажирани. Западните влади се растревожија, скокнаа во одбрана на демократијата во Иран давајќи остри изјави. Но не секогаш тие реагираат толку енергично. Во Египет, на пример, веќе со години изборите уредно се лажираат, претседателот Мубарак се одржува на власт организирајќи лажирани референдуми, па сепак, тоа не предизвикува никаков бран протести на Запад. Зошто сега тој ненадеен гнев по повод Иран?

Бидејќи на Запад не се работи толку за унапредување на демократијата колку за доведување во незгодна положба на иранскиот режим. Тој режим е непријателски настроен кон Израел и настојува да развие сопствени нуклеарни капацитети, поради што претставува закана за западниот империјализам. А од друга страна, египетскиот режим, иако тирански и корумпиран, ја има таа предност да е послушен, па западните медиуми ги превидуваат неговите недостатоци, колку и да се ужасни тие.

По правило, западните медиуми и политичари ги застапуваат гледиштата и политиката кои се непријателски кон Арапите и муслиманите. Но дали гореспоменативе се недолжни жртви на тие предрасуди? Воопшто не. Не можеме да го употребуваме изразот „Запад“ како тоа да значи само едно нешто. Постојат милиони западњаци кои ниту го сакаат ниту го мразат исламот, од проста причина што не знаат ништо за него. А каква слика за исламот пренесуваат самите муслимани? Ако обичниот западњак реши да ја открие вистината за исламот низ она што муслиманите го прават и зборуваат, што ќе најде?

Ќе го види Осама бин Ладен како се појавува од дното на некоја средновековна пештера и како изјавува дека исламот налага да се убијат што е можно повеќе западни христијани, дури и доколку тоа се недолжни цивили кои не сториле ништо за да бидат казнети на тој начин. Потоа ќе прочита како Талибанците решиле да ги затворат училиштата за девојчињата, со образложение дека исламот забранува образование за жените бидејќи тие се пониско рангирани во интелектуална и религиозна смисла.

Потоа, ќе прочита изјави на некои кои себе си се нарекуваат исламски правници, според кои муслиманот кој ќе премине во друга вера мора да се покае или ќе биде заклан. Некои од нив ќе тврдат дека исламот не ја признава демократијата, и дека треба да му се покоруваме на муслиманскиот владетел дури и ако ги угнетува и ограбува своите поданици. Ќе го поддржат женското покривање на лицето, за на оние кои ќе гледаат во нив да не им се разбудат сексуалните желби.

Но нашиот западњак сигурно нема да дознае дека исламот на мажите и жените им дава целосна еднаквост во правата и обврските. Нема да дознае дека во очите на исламот убивањето недолжна личност е еднакво на убиство на целото човештво. Нема да дознае дека покривањето на лицето нема никаква врска со исламот, туку дека спаѓа во традицијата на едно заостанато пустинско племе.

Како да му се замери на тој западњак што во исламот гледа само религија на назадништво и тероризам? Вистина е дека нам западните држави нè третираат како колонијални народи кои не ги заслужуваат истите права што ги имаат нивните граѓани. Вистина е и тоа дека медиумите во поголем дел се пристрасни на штета на Арапите и муслиманите. Ама не е помала вистина тоа дека вехабиското читање на исламот, тоа назадно толкување кое во наше време е толку раширено, придонесува за исламот да се стекне погрешна и неправедна слика.

Наша должност е да исчистиме пред сопствениот праг. Мораме да го спасиме исламот од сите тие бесмислици, погрешни и назадни идеи кои се поврзуваат со него. А решението за тоа е демократијата.

Извор: The Guardian


Ала Ал-Асвани (Каиро, 1957) е египетски книжевник. Објавил повеќе романи, меѓу кои и „Палатата на Јакубијан“, кој е преведен на 17 јазици и кој во 2006 беше екранизиран од режисерот Марван Хамед. Неговите книги се меѓу најпродаваните во арапскиот свет.

ОкоБоли главаВицФото