Дупло дно

25.04.2016 00:08
Дупло дно

Нема подлабоко дно од тоа што го допревме. Дното кое го допревме минатите години беше дупло и тродупло. Тоа што некои аналитичари откриваат нови длабочини на дното, продлабочување на кризата, влегување во уште подлабока бездна, нема врска со реалноста. Бидејќи сега само помасовно се доживува она што во изминатите години веќе беше видено со уште посилен интензитет. Отпорот кон режимот достигнува масовност и со ослободување од стравот.

Затоа не треба да се грижиме околу дното. Најлошото веќе го поминавме (во морална и духовна смисла, не во материјална). Треба да се грижиме околу реалните последиците од распаѓањето на оваа власт. За таа цел треба да ползуваме искуства од други држави во кои се рушел режим. А кај нас не се руши само режим, туку и нефункционално патријархално општество. Затоа оваа шарена револуција е и културна револуција. Така што, катарзата сега е силна и масовна, па може да излезат од контрола некои негативности од другата страна, преку смислено организирани провокации. Но, отпорот и здружената опозиција ја разбираат другата страна, треба да ја сочуваат присебноста, и да не паѓаат на провокации.

Повикот на здружената опозицијата за мирни протести без насилство е единствен начин за излез од оваа состојба. Полицијата е како морален штит, и мислам дека така ќе истрае до крај.

Исто така, факторот време треба да се вклучи во игра. Овој интензивен стремеж кон правдата, мирот и слободата да се прошири просторно (низ градовите на цела Македонија) и временски да трае.

На страната на одбраната на режимот во мал процент се платеници и забегани луѓе, без морал и етика, додека во поголем процент се луѓе патриоти, кои, благодарение на моќната пропаганда која успешно ги пере мозоците, се убедени дека се борат за доброто на Македонија и затоа се злоупотребени како штит на оваа власт.

Патриотизмот не може да се присвојува како ексклузивитет. Сите сме патриоти, само некои гледаат посеопфатно, и се за правда и мир, за демократски вредности, за слобода и за понапредно општество, за квалитативни промени, а другите не гледаат толку широко, и не сакаат да ги прифатат фактите со кои се потврдува криминалот на оваа власт.

Мислам дека не постои закрвавено непријателство, само е потребно време големата заблуда да се разбие.

Сите да дадеме сè од себе преминот кон поквалитетно општество да се реализира со минимални штети за народот и државата.

Фотографии: Ванчо Џамбаски