Параноидни монолити

07.05.2010 10:02
masks_2.jpg

Еве нè како се влечеме низ пукнатините меѓу ѕидовите на црковното државно училиште & фабрика, сите параноидни монолити. Отсечени од племето со дивјачка носталгија копаме и одиме низ тунелот следејќи ги изгубените зборови, имагинарните бомби.

Хаким Беј, „Привремени автономни зони“


Деновиве низ неколку градови во земјата ги промовираме првите три книги од новата едиција „Градот“. Главно разговараме со граѓаните од внатрешноста и ги информираме за лудиот владин проект „Скопје 2014“, кому книгите и се посветени. Со горната реченица на Хаким Беј (хипермодерниот филозофски бунтовник кој посветено ја следи трагата на важните авангардистички традиции) им одговорив на неколку луѓе кои по мејл ме прашаа како си поминуваме во Ресен, Делчево, Кичево, Кратово...

Мој впечаток е, значи, дека граѓаните во Македонија се претвораат во „параноидни монолити“. Отсечени од племето (сфатено како разум, промисленост, грижа за иднината), со изгубени зборови копкаат по празнината на некогашната заедница, сфаќајќи се самите себеси како зомбии сред гробишта (или сред археолошки локалитет). Не ги тангира „Скопје 2014“. Не ги тангираат ВМРО и СДСМ, Грујо и Бранко. Не ги тангира Скопје, односот центар-периферија, па ни локалните проблеми. Понекогаш изгледа дека дури и прашањето на сите прашања, македонското име - не ги возбудува претерано. Чмаат. Дури, мислам, дека чмаењето, дигањето раце од сè (па и од елементарните нешта: борбата за правда, слобода, иднина барем за децата...), има своја неумолива логика: земјава е толку длабоко пропадната што забрзувањето на оваа агонија можеби изгледа како најразумна стратегија во моментов. Колку полошо, толку подобро. Иако таа пословица отсекогаш ми изгледала монструозна, во последно време имам разбирање дури и за таквиот до вчера несфатлив радикализам. Власта е толку забегана што какви било критички зборови веќе немаат никаква смисла. Повеќе го деградираат критичарот (како лунатик, како некој кој сеуште не сфаќа каде живее) отколку што допираат до дембелски распашаната власт.

Во земја во која денот на еден психијатриски болен чини 5 евра (од храна и лекови до пижами и влечки, заедно со сите други трошоци на болницата), каде што десет евра по осигуреник годишно во просек се одвојуваат за лековите на граѓаните, во земја во која ефикасно не функционира речиси ниедна јавна служба, во таква земја владее власт која секојдневно занесено произведува книги (илјадници книги издава владата, трошејќи десетици милиони евра), споменици (нови десетици милиони евра), археолошки локалитети (=нови десетици милиони евра), антички згради (стотици милиони евра) итн. Власта дури и таму каде што истура пари - уништува! Никогаш граѓаните не биле помалку заинтересирани за добри книги од времето кога знаењето беше прогласено за моќ. Дури ни килавата елита на земјава веќе не е заинтересирана за книги, освен, се разбира, на тендерски начин, да се свртат и исперат пари наменети за партијата (воената партиска организација е единствената опиплива реалност во Македонија; другото е зомбиленд, симулација специјално направена за партијата кобајаги да се ситуира во простор-времето, иако таа е етерична, надстварна, хипермакедонска, во сферите кајшто македонизмот е поистоветен со непроменливата вечност).

И покрај сè, сепак сум убеден дека филозофијата „колку полошо, толку подобро“ не може да биде соодветна политичка варијанта ниту за нашата земја, ниту за која било земја. Попрво ќе се случи олку лошото владеење да стане заразно и наследно, отколку што ќе ги разбуди граѓаните да ги земат работите во свои раце. Која следна власт ќе се откаже од ваквото лагодно владеење?! Зашто која било власт во Македонија би се занимавала со стратегии, со инфраструктури, со здравство, образование, сообраќај - кога може да им се препушти на архитектурата, книгите, адвертајзингот и проповедањето вера и патриотизам?! Другото ќе биде фрлено на пазар. Не ви се допаѓа јавното здравство или образование?! Бујрум - имате приватно. Владеењето во оваа земја, после Груевски, ќе стане рај за секоја врхушка: одговорност никаква, за ништо, а моќ - неограничена, од никого и од ништо.

Токвил во триесеттите години од 19-иот век пишувал дека француските официјални владини институции се лишени од “самиот политички живот”, така што во сите нив владеат “млитавоста, неспособноста, мртвилото и досадата”. Токвил се плашел дека дури и во модерните општества луѓето со леснотија ќе прифатат со нив да управува “една огромна старателска власт”. Но, денешната реална опасност веќе не е толку во деспотската контрола туку во фрагментацијата: граѓанството е сè помалку во состојба да дефинира некоја заедничка цел и да ја оствари. Да се дефинира заедничка демократска цел веројатно е најтешката работа што треба да се оствари во еден фрагментиран демократски систем. Република Македонија денес се наоѓа токму пред најтешкото искушение; среде сета раздробеност животно е важно да се дефинира заедничка демократска цел. Европската Унија е сјајна цел за нашата земја, но во моментов сосема неостварлива, пред сè заради екстремно националистичката политика на Грција, заради сличната власт во Македонија, и заради игнорантскиот однос на Европјаните. Но, без таа европска цел ние сме изгубени, сосема неспособни да проектираме некоја друга цел. Без таа цел ќе бидеме препуштени на бескрајната агонија на политичките одмазди.

слики: Julie Morstad

„Глобус“, 04.05.10.

..........

Pozdrav do paranoidniot monorli NIKOLA GELEVSKI

MONOLIT de........

MONOLIT de........

и оп веднаш коментар да го

и оп веднаш коментар да го потврди кажаното: 
„Власта е толку забегана што какви било критички зборови веќе немаат никаква смисла. Повеќе го деградираат критичарот (како лунатик, како некој кој сеуште не сфаќа каде живее) отколку што допираат до дембелски распашаната власт.“
 
 

 Па може коментаторот е тој

 Па може коментаторот е тој кој е во право, м?

 Дембелски распашана власт?

 Дембелски распашана власт? Кај?
 
Или можда дембелски распашаната власт ужива дембелска поддршка од така, едно 60% од народот, така дембелски распашан?
 
А?

 „Европската Унија е

 „Европската Унија е сјајна цел за нашата земја, но во моментов сосема неостварлива, пред сè заради екстремно националистичката политика на Грција, заради сличната власт во Македонија, и заради игнорантскиот однос на Европјаните.“
 
Значи, Европската Унија е сјајна цел за нашата земја, НО, неостварлива, [...] и заради игнорантскиот однос на Европјаните. [И заради националистичкиот однос на Европјаните - Грци].
 
Или пак Грција не е членка на ЕУ, а Гелевски?
 
Значи, што, наша сјајна цел е да станеме дел од фамилијата на наци-игноранти? Ама тоа е неостварливо, оти ние сме наци, а они се И наци И игноранти? [Освен што немаат никаков респект кон Универзалното човеково право на самоопределување]. Ни фали игнорантниот дел, да бидеме цели и печени за во ЕУ, јел тако друже Коља? Препаметни сме за во ЕУ, што ти е поентава?
 
Браво Коља. Ни змија вака не си ја има каснато опашката...

Komunisti i Nacisti toa e

Komunisti i Nacisti toa e edna ista prazna propaganda, i na ednite i na drugite ne im se vleguva vo Evropa poradi vladeenje na pravoto, koj iluzionist saka da bide razotkrien vo svoite trikovi, Ve molam?

Сосема си во право за "Колку

Сосема си во право за "Колку полошо, толку подобро" стратегијата, дека е наше второ јас. Но не мислам дека е тоа лоша стратегија. Зашто во услови кога најетичните и најпожртваните меѓу нас се и најомразени и најпрезрени, тогаш останува само да се излезе од системот и да се забрза падот.
Не верувам дека некој систем може да опстане сам од себе, без вредните притисоци од надвор и од внатре. Подобро грандиозен молк отколку бенигни протести (слабопосетени и повеќе во вид на перформанс)
Ова е не само прагматична, туку и емотивно оправдана стратегија - ќе ни заштеди многу енергија за во моментот кога сето ова ќе заглави на работ од бездната. Затоа, ако за нешто можам да посведочам, тоа нема да е отпорот, туку сесрдното потпомагање на грандиозните бесмислици. Кои не се на плоштадот, туку во срцата на луѓето.
 

Систем? Пад? Грандиозен молк?

Систем? Пад? Грандиозен молк? Бездни? Грандиозни бесмислици во срцата на луѓето? WTF?!
 
Не е на арно прекумерното гледање на V for Vendetta... А-а...

Не барав ехо, но сеедно го

Не барав ехо, но сеедно го добив.

Слични содржини

Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото