Ова е заедничка битка!

25.04.2016 13:50
Ова е заедничка битка!

‪#‎Протестирам‬ е парола во прво лице еднина. ‪#‎ШаренаРеволуција‬ е, сите сме различни, ама и сите сме исти во идејата. Нели?

И јас мислев до вчера дека сите сме исти, сѐ додека еден дел не се обидоа да направат рез од СДСМ и Заев. Партијата и човекот кој јавно се симна и се постави хоризонтално, човекот кој јавно до меѓународната заедница ги побара барањата на #Протестирам. Човекот кој година дена води битка со страшни змејови за да дојде момент, да го исвиркуваат оние на кои истите барања СДСМ им ги поддржа? Неее, ако тие прават пресек и рез, тогаш јас спаѓам во исечената група, онаа поголемата, и исто како и нив, така и јас, ќе си дозволам да ги критикувам за нивните постапки и дистанцирања.

Затоа, денес-утре нека си отворат дебата, нека си размислат од кого и од што се дистанцираат. Само во иднина нека не ми го сведуваат протестот на пресек паролата за повик „Или си #Протестирам или си СДСМ“! Треба да сфатите дека или сите ќе сме заедно или да си бркаме работа и се бориме колку може одделно.

После 10 дена протест, кај дел од организиторите главна окупација е нагласокот дека не сме партија и барање начини како тоа да го потенцираат. Борбата на тоа се сведе? Да се истакнуваме дека не сме партија? Зарем тоа е важно? Режимот руши сѐ, ние ќе немаме држава, овие земале измислуваат пароли и начини како да се дистанцираат од СДСМ. А бе ова не е играчка на флипери, не лути се човече или домино. Ова е заедничка битка. НЕМА ТУКА СДСМ ПРОТИВ ВМРО, има СИТЕ против криминалната ВЛАСТ. КАДЕ СЕ ПАРИТЕ? АБОЛИЦИЈАТА? ДО КОГА СО РЕЖИМОТ? Тоа се клучните прашања.

А потоа, здравје боже, коа ќе има услови за избори, секој нека си брка програма, нека си се дистанцира, нека си кажува идеи, нека напаѓа, нека прави што сака. Но, до тогаш под исто знаме, сите треба да бидеме исто. Јас ако сум СДСМ, не сакам кога ќе одам таму да се чувствувам отфрлен и помалку битен од некој што не е, а и обратно. Тоа нека го сфатат. Никој не бара кредит да го величат СДСМ, но нема да се дозволи СДСМ и Заев да бидат исвиркувани и дистанцирани од ова затоа што некој така одлучил или имал план во иднина протестот да си го запише на своја заслуга и свои политички цели. Овој протест е мој колку што е на секого.

И да се прекине со тоа „леле, колку ни е убаво на протести“. НЕ НИ Е УБАВО, затоа сме на улица. Не е ова панаѓур и мис на Скопје, па да се китиме со „леле убави луѓе, леле градски луѓе“. А бе таму има луѓе што дошле гледајќи го протестот како единствена шанса да викнат, да искажат незадоволство, да се обидат да се спасат од тиранијата, да се осетат поддржани и прифатени, а не да си прават корзо и некој да им вика - леле ама е убаво, што убави луѓе видов, вакви луѓе нема на другата страна. Е има, секаде има, ама ни тоа не битно. БИТНО Е, НАЈБИТНО Е РЕЖИМОТ ДА ПАДНЕ и за тоа треба охрабрување и обединување!

Ова е добронамерно, ова е мала лекција и совет за враќање на фокусот и консолидирање на редовите кон главната цел. Сите заедно. Ве поздравувам и само напред.

Толку имам да кажам, за сега.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото