Решенијата за куќен притвор заплашуваат и го ограничуваат правото на протест

25.04.2016 17:48
Решенијата за куќен притвор заплашуваат и го ограничуваат правото на протест

Од досегашните информации со кои располага Хелсиншкиот комитет, во врска со тековните протести, на 13.04.2016 година беа приведени 13 лица, од кои на 11 им беше изречена прекршочна санкција за сторен прекршок од член 14 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, поради наводно постапување спротивно на наредбата на надлежен државен орган или на овластено службено лице на државен орган за забрана да се пристапува или задржува на определено место. Две лица беа изведени пред судија на претходна постапка и им беше определен куќен притвор во траење од 8 дена. Сите 13 лица беа држени во полициска станица до 24 часа, иако лицата на кои им беше изречена прекршочна санкција поради сторен прекршок согласно член 50 став 3 од Законот за полицијата можеше да бидат задржани максимум 12 часа.

До Хелсиншкиот комитет се обратија дел од лицата што учествувале на протестите и нè известија дека минатата седмица повеќе лица биле повикани на информативен разговор во полициска станица. За оваа група информирани сме единствено од едно лице дека е осомничен дека извршил кривично дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ од член 385 ст.1 од КЗ, поради што му е определена мерка куќен притвор во времетраење од 8 дена. За ова кривично дело предвидена е парична казна или затвор до 3 години, што се смета за полесно кривично дело, за кое во принцип не треба да биде определена мерката куќен притвор, односно посоодветно би било изрекување на поблаги мерки на претпазливост (на пр. обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице). На одлуката за определување на мерката куќен притвор ОЈО Скопје вложило жалба, која била одбиена од страна на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје.

Во однос на денешните случувања, би сакале да известиме дека на информативен разговор биле повикани повеќе лица кои учествувале на протестите. Хелсиншкиот комитет обезбеди застапување од страна на адвокат на лицето Здравко Савески, кој беше повикан на информативен разговор во полициска станица и е одведен во Основното јавно обвинителство Скопје.

Комитетот смета дека со повикувањето на лицата кои учествуваат на протестите се врши заплашување на лицата повикани на разговор, меѓутоа и на останатите кои учествуваат и ќе учествуваат на протестите. Би сакале да укажеме дека решенијата за куќен притвор, особено влијаат на ограничување на правото на протест, поради фактот што како причина за определување на оваа мерка е наведено дека притворените можат да го повторат кривичното дело со оглед дека има нови најавени протести.

Исто така, одлуките за притвор или куќен притвор како и за поведување кривични постапки против овие лица може да се сметаат и како предупредување за останатите граѓани кои сакаат да земат учество во протестите кои се одржуваат во овој период. Овие дејствија се спротивни на член 21 од Уставот на РМ, со кој член се пропишува дека граѓаните имаат право да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола и користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба, што не е случај во оваа ситуација. За споредба, Комитетот имаше набљудувачи за време на насилните протести пред Општина Центар, кои се одржаа во 2014 година, за кои против учесниците не беше покрената судска постапка, поради што сметаме дека постои селективна правда.

Хелсиншкиот комитет бара судиите кои одлучуваат за определување и продолжување на мерките за обезбедување присуство да го земат предвид фактот дека се работи за полесно кривично дело за кое не треба да се изрекуваа мерката притвор или куќен притвор, како и фактот што во најголем дел се работи за лица кои претходно немаат сторено кривично дело.

ОкоБоли главаВицФото