Кратко паметење

26.04.2016 02:49
Кратко паметење

Се појави еден особено вдахновен „твит“ како одговор на сите (нарачани) „дилеми“, „чуденки“ и морализирања околу „Шарената револуција“, односно нејзиниот колористички атак токму врз продуктите на шизофреново десетгодишно дивеење на дпмнеовската „естетика“ низ Скопје. „Твитот“ вели: Уништуваме објекти? А нè прашаа дали сакаме со НАШИ пари да градат барок? Епа кој к*р ние да прашаме дали да БОИМЕ нешто што е и така наше?

И не гледам што овде би можело да се додаде или одземе, за нештата да бидат појасни! Иако, се разбира, сите знаеме дека глумењето лудило е омилената улога на трабантиве на криминалнава власт. И само што чувствував некаква нелагодност, нешто како да ми недостасуваше, а тие се појавија – непрежалениот ни „Македонски манифест“ и нивната вообичаена („интелектуална“) поддршка на бандава. Ги немаше поодамна, што е право. Беа ли шокирани од „Вистината за Македонија“, од предавничките ли договори на „лидеро“ и од неговото демисионирање, па загубија инспирациja, што ли... ама некако – недостасуваа. Оваа трабантска тарапана е бедна без нив, ѝ фали нивниот античко македонски „академски“ шмек.

И веднаш почнаа со Платон, се разбира, како што доликува на една „академска“ заедница, и со естетиката и моралот. Зашто времево е токму за тоа: „Скопје 2014“ како врв на нивното естетско мерило и криминалите и аболициите како врв на нивното чувство за морал. И не само тоа, туку тие нешта биле и врвот на културата (чија, нивна?), па уште и вековна, а сега тука некакви варвари се намерачиле да ја уриваат. И сето тоа да ти било „напад на колективната меморија на нашиот народ, што значи истовремено и напад на неговиот идентитет и име“! Бреее, ова младиве какви беспризорни и некултурни да ти биле. Но, ако македонскава „академска“ заедница има паметење од само десет години, чудно ли е тогаш што ни се случуваат вакви нешта? И со тоа нивно кратко паметење тие го бранат името, и идентитетот? Иако на нормален човек му е сè јасно уште кога ќе ги види, ама ајде. И веднаш му доаѓа на манифестџииве да им го посочи „твитот“ од почетокот. Или тие мислат дека имат поголемо право на градов од младиве родени овде? Па и она б’лгарчено со нив, она што отворено ги повикуваше „браќата“ од Русија?

Мислам дека сега сликата полека се комплетира. Партиското наследство прогласено за наше општо (не)културно наследство доби отворена поддршка од (квази)научната, (квази)спортската, (квази)уметничката и сега (квази)интелектуалната „јавност“. И сите се до зла бога загрижени што тоа му се случува на наследството од „лидеро“, од нивната поп-икона на криминалната македонска историја во последнава деценија. Недостасуваат уште некои битни општествени структури, на пример (квази)бизнисмените – оние кои свртеа огромни пари благодарејќи на врските со бандитиве, па оние (квази)естрадни ѕвезди кои за неколку години наштанцаа стотици музички бљувотини и инкасираа десетици илјади евра – онолку колку што ниту еден сериозен македонски уметник не може да заработи цел живот овие напикаа в џебови со неколкуминутни песнички за идиоти. Не ќе ме зачуди ако и онаа Каљопа во Стокхолм излезе со транспаренти и слики на „лидеро“ во поддршка на неговите криминални политики и осуда на меѓународната заедница! Онаа вавилонскана, помогната од Џорџ „главом и брадом“, уротена конечно да нè збрише од европската мапа.

(Апропо, навистина не ми е јасно како до сега не им текна дека на Евровизија треба да испратат некоја таква песна, а не будалаштини како некаква „Дона“. Да екне бре брате Каљопа – облечена во нашето знаме од Вергина, разбира се – за нашево стиропорно културно наследство, па за Орав и Бејли, ако треба и за Меркелица, за соросоидите и другите гниди, па да видите како се освојува прво место. И кога ќе се врати да ја поминат под Триумфалнана порта. Шаренана!).

И сета оваа (за среќа малубројна, иако прилично малоумна) збирштина стана во одбрана на краткото македонско паметење сега сведено на последниве десет години, а претставено како наше врвно културно наследство. И наместо во себеси да ги препознаат варварските и хулиганските, па дури и џихадистичките пориви, тие ги бараат кај младите, особено овие кои тотално неоптоварени од политикантски мотиви си го бранат правото на правда, морал, иднина. Фактот што патем се справуваат – колоритно – и со партиското „културно“ наследство на бандитиве и нивниве следбеници е само за поздравување. И тоа и се прави, барем од страна на поголемиот и секако поразумен и попатриотски дел од народот. Пропагандните флоскули на трабантиве и платенициве, меѓу кои очигледно предничат и луѓе кои сè ѝ должат токму на вистинската македонска култура што така здушно сега ја предаваат за парче стиропор, не можат ама баш ништо да сменат. Нивното чипирано кратко паметење во кое што грдото станува убаво, а криминалот морал е само – кратко паметење. За еднократна употреба. Некој од тоа веќе утре ќе се срами. Или тие се оперирани (и) од срамот? А нивните деца, внуци, семејство?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото