Порта Македонија „шверцувана“ како културно историско наследство?

26.04.2016 02:00
Порта Македонија „шверцувана“ како културно историско наследство?

Портата се води официјално како деташиран дел од „Музејот на ВМРО“, а тој музеј, пак, е прогласен за културно наследство врз основа на тоа што во него имало врвни уметнички дела, со што и за портата е обезбеден формален статус на „културно наследство“.


Објектот Порта Македонија, како и најголемиот дел градби од „Скопје 2014“, не поседува вредности за да биде прогласен за културно наследство, па така ни цртањето графити врз него не може да се смета за уништување на културното наследство, укажуваат експерти од областа на заштитата на културното наследство.

Прогласувањето на Порта Македонија за културно наследство минатата година наиде на критики од стручната јавност.

Професорката Донка Барџиева Трајковска смета дека во случајот со Порта Македонија е направена злоупотреба на член од Законот за заштита на културно наследство во кој стои дека екс-леге се прогласуваат за културно наследство и зградите во кои се чуваат вредни збирки.

- Така, на предлог на Конзерваторскиот центар Скопје како културно наследство се прогласени Музејот на Македонија, старата зграда на Архивот на РМ (сега новата барокна), зградата на Новиот археолошки музеј, Спомен-куќата на Мајка Тереза, Музејот на ВМРО и Порта Македонија, која замислете, била составен дел на овој „Музеј“, кој и самиот е спорен затоа што во него има повеќе восочни фигури отколку оригинали! Оваа порта нема никаква вредност, туку е само сведоштво на коруптивните активности на „мафиократијата“ - вели Барџиева.

Реагираше и актерката Сања Арсовска, според која државата лицемерно се грижи за новоизградените споменици без никаква вредност, додека вистинското национално наследство веќе со години наназад се распаѓа и никој не презема ништо за негова заштита.

На прашањето дали цртањето графити на „Порта Македонија“ може да се смета за уништување на културното наследство, Лазар Шуманов, претседател на ИКОМОС, организација што вчера имаше прес-конференција по повод Светскиот ден за заштита на културното наследство, вели дека тој не е запознаен со случајот и дека доколку навистина Портата е прогласена за историско наследство, тоа е неосновано, бидејќи таа претставува нов објект.

 

Извор: Слободен печат
Фотографија: Томислав Георгиев