Сексот зад железната завеса

26.04.2016 10:45
Сексот зад железната завеса

„Граѓанинот маж трипати неделно може полово да општи со секоја граѓанка жена“ – објавија советските сексуални активисти. Покрај тоа, сакаа и азбуката да се учи од порно-читанка. Сексуалната револуција, сепак, траеше кратко, а во СССР, благодарение на Сталин, набрзо исчезна и сексот.

„Во СССР нема секс“ – во 1986 година изјави Људмила Иванова, учесничка на познатиот „женски“ телемост помеѓу Ленинград и Бостон. Малкумина знаат дека оваа девиза не беше ништо друго туку руски одговор на прашањето за еротиката во рекламите; меѓутоа, таа во масовното сеќавање моментално е запишана како ненамерна, но совршено го започна подбивањето на сметка на советските медиуми. Имено, во Земјата на Советите средствата за јавно информирање беа речиси сосема ослободени од сите облици на еротизам. Наместо љубовници во страстна прегратка, телевизијата и печатот прикажуваа високи функционери кои се бакнуваат в уста и асексуални пионери. Таа медиумска хипокризија беше резултат на официјалната визија на советскиот човек како партиски шраф лишен од секаква страст. Во потрагата по еротски содржини граѓаните на СССР дури беа подготвени, меѓу другото, да ги следат и полските медиуми, од почетокот на седумдесеттите години сè пооотворени за „розеви“ содржини.

За време на политичкото затоплување во втората половина на осумдесеттите, во СССР доаѓа до културни промени, се отвора дискусија за еротиката, а со задоволство цитираната изјава на Људмила Иванова секако придонесе за постепено воведување нормална слика за човечката телесност во советските медиуми. Реченицата „Во СССР нема секс“, изговорена во програма во живо, ги поттикна граѓаните на интимни исповеди. Повеќето од нив ја повторуваат истата матрица – во обичното советско семејство нема еротика, бидејќи нема позитивни примери на кои би можеле да се огледаат луѓето и благодарение на кои можеле да се создатат еротските односи. И, така, дискусијата за отсуство на голи сцени на телевизијата и во филмот се претвори во сериозна расправа за ограничувањата на советскиот човек.

Активистите на првата сексуална револуција

Но, дали сликата за нежностите, дури и оние брачните, отсекогаш била третирана во СССР како табу? Во деведесеттите години од минатиот век, кога советскиот блок се распаѓаше, а границите се отвораа за луѓето и стоката, Русија помина забрзан курс по еротика и порнографија. На бранот на тие културни промени почна посистематско проучување на историјата на советските медиуми и пропагандата, овојпат без идеолошки притисоци. Се покажа дека на култот за здравото, асексуално тело и апстинирачките брачни односи, кои ги втемели Сталин, на почетокот од дваесеттиот век му претходеше кратка, но силна сексуална револуција. Настаните кои тогаш се одигруваа во младата болшевичка држава ги шокираа не само Русите туку и најлибералните набљудувачи од Западот.

За советската сексуална револуција се одговорни водачите на пролетаријатот и либералните уметници. Меѓутоа, многу важна, иако незабележана улога во тие општествени промени одиграло и селското население.

Откако постои светот и векот уметниците изразуваат одредена склоност кон сексуалните каприци. Сепак, групата Сербрен век, формирана во Русија на преминот од 19 во 20 век, покажувала особен интерес за таа област. Нејзините творци, меѓу другото, имале намера да ги преиспитаат воспоставените машко-женски односи. Нивните „среди во кулата“ влегоа во историјата на рускиот морал. Вообичаено започнувале со предавања и дискусии, по кои, како што вели легендата, следеле оргии. Цела Русија била во транс заради тие среди. Приказната за една учесничка, mademoiselle Љубовна Менделева, прекрасна и богата ќерка на познат академик, особено ги вжештувала емоциите. Таа госпоѓица им се придружила на сребрените боеми, одбивајќи ја претходно брачната понуда на двајца богати и влијателни кавалери. Многу брзо нашла љубовници – поетите Андреј Бели и Александар Блок, со кои живеела во слободна врска. Полиаморијата на Љубовна Димитриевна опасно ги разнишала царските конзервативци и црковното свештенство. Моралната либерализација меѓу пролетерските активисти се одигрувала, пак, малку поинаку од онаа во уметничките кругови. На конгресот на социјалдемократите во 1903 година во Лондон, Лав Троцки добива задача да изработи нова теорија на сексуалноста. Во тоа време се создава и документот кој го отфрла бракот како буржоаски реликт. Текстот го поддржале познатите феминистки Клара Цеткин и Роза Луксембург. И денес, можеме да им бидеме благодарни не само за освестувањето на женскиот свет туку и за пропагирањето на слободната љубов. Пролетерските активисти и практично го поддржувале сексуалното ослободување. Најактивни во улогата на учителки на слободната љубов биле руските револуционерки кои се впуштале во односи со непознати политички затвореници за да им го бодрат духот. Една од тие утешителки ѕирнала во сибирската куќарка на Владимир Ленин. Станува збор за неговата подоцнежна нераздвојна животна сопатничка – Надежда Крупска. Сепак, верноста на револуционерната идеја не одела рамо до рамо со моногамијата. Болшевичкиот водач во емиграција живеел во љубовен триаголник со Крупска и неодоливата Инес Арман.

Улогата на руските селани во советската сексуална револуција била подеднакво голема како улогата на уметниците и болшевиците, иако во себе немала ништо од разиграното боемство ниту од пролетерското утешителство. По аграрната реформа од 1861 година, царските селани морале не само да ја откупат својата сопствена земја туку и да плаќаат данок за нејзино користење. Овие давачки ужасно го оптоварувале селото, па младите мажи го напуштале семејството и итале во градовите, во потрага по работа. Раздвојувањето на брачните двојки резултирало со распуштеност. Не барале само сопрузите утеха во прегратките на случајните жени. Во склад со повеќевековната руска традиција, за време на отсуството на мажот за жената се грижел свекорот, кој истовремено бил и глава на семејството. Тој алфа мажјак, во селото познат како баљшак, бил подготвен да го заменува својот син и во постелата. Заради тоа, на почетокот од 20 век во руската провинција можеле да се најдат вистински хареми.

Значи, во пресрет на Првата светска војна голем број Руси ја запознале и спознале слободната љубов. Некои од нив подоцна ги сомлел мелничкиот камен на револуцијата. Сепак, во земјата на Советите и во меѓувоениот период од минатиот век сексуалните активисти ги имале своите пет минути.

Се објавува национализација на жените!

Во почетокот на 1918 година, на улиците на Саратов се појавиле плакати на Губернискиот совет на народните комесари. „Се објавува национализација на жените!“ – врескале насловите на нив. Во продолжение можела да се прочита идејната декларација на авторите на документот: „Досегашниот закон за бракот е класичен производ на социјална нееднаквост, која мора да биде искоренета од Советската Република!“ Во речениците кои следуваат детално се изложени правилата за експропријација на дамите. Секоја жена во периодот од седумнаесет до триесет години, без оглед на брачната состојба, должна е својот шарм да им го стави на располагање на „граѓаните мажи“. Секој работник кој издвојува 2 проценти од личниот приход во посебен фонд има право трипати неделно, во термини не подолги од три часови, да го користи телото на „граѓанката жена“ по слободен избор. Авторите на овој текст сепак ги земале предвид и правата на „граѓаните мажи“; тие имале првенство во користењето на своите жени.

Оваа прокламација без преседан предизвикала паника во округот Саратов, па цели села пребегнувале во блиската Тамбовска губернија и кај донските Козаци, каде на сила биле други закони. Локалната национализација на жените ги вознемирила и претставниците на централната власт. Меѓутоа, пред болшевиците од Петроград да донесат некаква одлука, анархистите веќе стигнале да ги убијат комесарите од Саратов. Фамата за револуционерниот декрет сепак се прочула, па набрзо слични плакати осамнале и на столбовите во Кронштат и Владимир. Но, паничната состојба не траела долго. Сите понатамошни акции на авторите на овие крајно шовинистички декрети, слично како и во Саратов, ги загушиле нескршливите анархисти.

Иновативните општествени решенија не биле прокламирани само во провинциите. Во Москва, извесен Хватов, во името на Комитетот на здружението на слободните анархисти, напишал Декрет за заедничко поседување на руските девојки и жени и објавил пренос во државна сопственост на сите жени во периодот од седумнаесет до триесет и две години. Ги навел и правилата за користење на овие „национални добра“. Тој, за разлика од своите колеги од зафрлените губернии, не се задржал само на декларацијата туку во една дрвена куќичка ја основал Комунарската палата на љубовта. Без напор придобил млади и атрактивни учесници за својот проект. Во првата соба во палатата на љубовта се вселиле десет девојки, во втората исто толку момчиња. Третата соба служела за заедничка консумација. Како што пишува тогашниот печат, не поминал ни еден месец, а авторот на декретот за заедничкото поседување завршил в затвор.

Во тоа време пантеонот на владата на Советската Република бил шарен како облеката на францускиот клошар. Имало симпатизери на Ленин и Троцки, анархисти и воени херои. Зад осудениот Хватов, сосема неочекувано, застанала фигура од врвот на болшевичката власт – началничката на Женското одделение, односно министерството за жени, феминистката Александра Колонтај. Во текот на расправата комесарката изнела аргументи дека граѓанинот Хватов дејствува со цел отрфлање на стариот поредок и дека домот кој го основал претставува образец кој треба да се следи. Судиите не смееле да ѝ се спротивстават на другарката Колонтај, затоа што била една од најблиските соработнички на Ленин, па го ослободиле сексуалниот активист. На Хватов, по излегувањето на слобода, не му било дозволено долго да работи на нивата за морална обнова на Советската Република. Слично како во случајот на комесарите од Саратов, Кронштат и Владимир, и нему набрзо на вратата му затропале анархистите, и активистот ја испуштил својата благородна душа на прагот на својата палата на љубовта.

Љубовта како чаша вода

Александра Колонтај, заштитничката на Хватов и „апостолка на слободната љубов“ (како што ја нарекува Норман Дејвис) во периодот од 1917 до 1918 година ја извршувала функцијата народен комесар за општествени прашања. Тогаш се прославила како заговорничка на новиот советски морал. Меѓу другото, нејзиното дејствување опфаќало и ширење на сексуалното образование. Така, во советските училишта стигнале учебници по сексуална граматика. Оваа акција се соочила со огромно противење на родителите, па болшевичката власт била принудена да се откаже од неа. Меѓутоа, Колонтај не се обесхрабрила, туку започнала нова кампања под назив „Љубов како чаша вода“. „Размената на емоциите и сексуалната блискост се природни човечки потреби, исто како земањето течности“ – аргументирала. Оваа пофалба на сексуалноста ги поделила болшевиците. Повеќето од нив – со Ленин на чело – ја оцениле теоријата како премногу новаторска. Сепак, меѓу петроградската и московската младина се нашле и жестоки заговорници на ваквиот поглед на човечката сексуалност. Одбивањето на сексуалниот однос со непозната личност за нив значело исто како и да се биде буржуј. Згора на тоа, Александра Колонтај се залагала за апсолутна либерализација на правните прописи во врска со бракот и абортусот. Благодарение на нејзиниот труд, брачните двојки во земјата на Советите, во дваесеттите години на минатиот век можеле да добијат развод на дистанца. Доволно било на судот да му испратат писмо во кое искажуваат желба да се раздвојат. А, абортусот веќе не бил кривично дело, како во царскиот период, туку најнормално се извршувал по барање.

Сите акции кои ги преземала Колонтај со цел промовирање на сексуалната револуција сесрдно ги поддржувале нудистите и уметниите. Под водство на Карол Радек, комунист роден во Полска, младите луѓе голи парадирале во Москва и Харков. Веќе од 1918 година можеле да се видат во јавниот превоз, во големите продавници или како дефилираат низ главните градски артерии. Градскиот нудизам, покрај младината, го практикувале и бројни проминентни болшевици. Дури во 1926 година го стопирал Николај Семашко, министер за здравје, образложувајќи дека советската клима не е соодветна со голотијата. Покрај парадата на голите, подеднакво значајна поддршка за Колонтај било и творештвото на Сергеј Меркуров. Овој ученик на Огист Роден, познат автор на спомениците на Ленин и Сталин, во дваесеттите години ја создал „Советската еротска азбука“ (Советская эротическая азбука). Овој неконвенционален буквар содржел букви во кои биле нацртани граѓани во најраспуштени можни сексуални пози. Не е тешко да се замисли каков интерес предизвикала оваа публикација меѓу непросветениот народ. Има и филмски хроники во коишто се овековечени старите аналфабети кои сесрдно се описменувале од Меркуровиот буквар.

Иако не била главна цел на болшевичкото дејствување, советската сексуална револуција успеала да заинтригира голем број набљудувачи од Западот. На заседанијата на Оверменовата комисија подеднакво се дискутирало за декретите за национализација на жените, акциите на комесарката Колонтај и за московските нудистички паради. Американците биле во паничен страв од болшевиците и навистина сериозно ја разгледувале можната намера на комунистите да ги присвојат и нивните жени. Во либерална Европа, пак, овие акции се соочиле со сосема поинаков прием. Кон крајот на триесеттите години од дваесеттиот век норвешките парламентарци дури ја предложиле апостолката на слободната љубов за Нобелова награда. Сепак, нејзината кандидатура не била прифатена.

Политичкиот пол

Историјата на Советската Република уште еднаш ја потврдила точноста на изреката дека револуцијата ги јаде своите деца. По смртта на Ленин, Троцки и неговите следбеници постепено биле исклучени од власта. Исчезнале и впечатливите комесари полни со луди идеи, а на нивно место дошле сервилните послушници на Сталин. За да не го наруши својот имиџ на татко на револуцијата, Ленин одлучил својата долгогодишна љубовница, Инес Арман да ја испрати во санаториум. За злото да биде поголемо, избрал санаториум во кој тогаш владеела колера, па жената брзо и умрела. Водачот пред смртта стигнал и да ја исклучи од власта својата воена другарка – активистката Колонтај. Чистката успешно ја продолжил Сталин. Откако се пресметал со политичките противници, ги растерал нудистите, од училиштата ги повлекол учебниците кои ги промовирала Колонтај и радикално го изменил законот за абортус: за отстранување на несаканата бременост се заканувала затворска казна. По овие промени никој веќе не се осудувал да ја заговара теоријата за чашата со вода, да пропагира слободна љубов ниту – не дај боже – да ја пишува буквата „Ј“ во која двајца граѓани практикуваат анален секс.

Сексуалниот избор треба да се врши во рамки на пролетерската класа и во согласност со револуционерните начела

Овој радикален пресврт од сексуалната револуција кон моралниот конзервативизам го предизвикале најмалку три фактори. Прво, Сталин чувствувал аверзија кон либералните општествени теории. Второ – лидерот на СССР во враќањето кон принципиелната моралност видел можност за посилна контрола над народот. Трето, пак, како што покажуваат тогашните статистички податоци, лошо реализираните идеи на Колонтај и другите активисти на слободната љубов, значително придонеле за пад на наталитетот во Советскиот Сојуз. Покрај тоа, драстично се зголемил процентот на деца кои растеле во домовите за незгрижени деца или во растурени семејства. Во моментот кога на СССР му се заканувала демографска катастрофа, крвавиот Грузиец на својствен начин почнал да го поправа сето она што го искривила сексуалната револуција. Улогата на пропагандата била да ги глорификува неговите акции. А програмското кастрирање на сексуалноста на советскиот народ, слично како и претходно изречената забрана за нудистички паради, се оправдувало со грижата за физичкото здравје на граѓанките и граѓаните. Се нашол и нов Семашко – психијатарот Арон Залкинд, авторот на 12 сексуални заповеди на револуционерниот пролетаријат, кои во наредните децении им го врежувале во главите на младите Руси. Во таа програма, меѓу другото, пишувало: „Не треба да има преран развој на сексуалниот живот меѓу пролетерите (...) Неопходно е да се воздржува од односи пред брак (...) Сексуалниот чин не смее често да се повторува (...) Сексуалниот избор треба да се врши во рамки на пролетерската класа и во склад со револуционерните начела – и најпосле – „Работничката класа има право, во име на зачувување на револуционерните начела, да се меша во сексуалниот живот на своите припадници“.

И, ете така, политиката довела во Советскиот Сојуз повеќе од половина век да исчезне сексот.

Илустрации: Sergey Merkurov

Извор: Nowa Evropa Wschodnia (Нова источна Европа), бр. 5, 2014. година

ОкоБоли главаВицФото