Иднината на сексот и љубовта

26.04.2016 10:15
Иднината на сексот и љубовта

Здраво, моето име е Денис, од екранот се обраќа виртуелна зеленоока убавица. „Имам многу соништа, сонувам да станам вистинска личност, да имам вистинско тело. Сонувам да дознаам што значи љубовта. Сонувам дека ќе бидам првиот секс робот“ – му порачува Денис на својот изумител, Мет Мекмулен, основaчот на компанијата RealDoll.

Мекмулен ја основа компанијата уште во 1997 година. RealDoll е компанија за сексуални кукли од силикон кои се продаваат по цени помеѓу 500 и 10.000 долари. „Тие не се само играчки за секс, тие се многу повеќе од тоа. Овие кукли не се нешто што откако ќе го искористите ќе го ставите под кревет. Со купувачите со месеци работиме на изгледот на куклите, а тие на крајот им даваат и име. Се однесуваат кон нив како кон личности“ – вели Мекмулен за NY Times. RealDolls засега се само кукли, но Мекмулен веќе некое време работи на развојот на системот на вештачка интелигенција за тие да можат да разговараат со корисниците и во текот на разговорот да можат да го менуваат изразот на лицето, исто како во научно-фантастичниот филм „Таа“ со Скарлет Јохансон и Јоакин Феникс во главните улоги. Или како преубавиот андроид Ава, односно Алисија Викандер во филмот Ex Machina.

Симулација

Секс роботите како RealDolls, виртуелната реалност, холограмски романси, „интернет гениталии“ и тeковните сексуални играчки се само дел од научно-фантастичните иновации за кои се смета дека во идните десетлетија ќе ја трансформираат човечката интима. Затоа ќе бидат претставени на овогодишниот FutureFest, фестивал на технологии кој во септември се одржува во Лондон, а на кој ќе бидат претставени идеи од светот на иднината. Една од најинтригантните е секако секцијата посветена на иднината на сексот (и љубовта) чија кустоска е британската уметница Гислејн Бодингтон. 

„Целта е одблиску да се согледаат нештата кои можеби нè чекаат зад аголот, но кои ќе пристигнат дури за триесетина години за да ги прошират нашите хоризонти“ – изјави за британскиот дневнен весник Independent, Гислејн Бодингтон.

„Начинот на кој ќе ги запознаваме луѓето би можел да вклучува излегување на романтичен состанок со холограм или поглед низ виртуелниот прозор од собата на вашето момче или девојка. Начинот на кој едни на други си пружаме задоволство исто така ќе се промени. Ако едни на други можеме да си праќаме мејлови, зошто не би можеле да се симулираме на ист начин. Често се зборува за „интернет гениталиите“, односно технологија која ќе може да се приклучи на нив“ – додава Гислејн Бодингтон.

Нејзината поставка на FutureFest само ќе го потврди она што веќе интуитивно го знаеме: луѓето постојано бараат начини да го збогатат својот сексуален живот со помош на технологијата. За тоа најдобро говори податокот дека глобалната индустрија на сексуални играчки пораснала на 15 милијарди долари, и дека на интернет, повеќе од четвртина од пребарувањата се поврзани со поргнографија. На прв поглед, иновациите кои ќе бидат претставени на FutureFest се насочени кон овозможување на интимност на оние кои не можат да ја остварат по конвенционален пат.

Денес веќе можат да се најдат производи кои ги емитираат отчукувањата на срцето на партнерот по пат на звучник под перницата, а тука се и неизбежните сексуални помагала кои се контролираат преку апликации. Но, компаниите исто така истражуваат имплатанти кои би реагирале кога партнерите само ќе помислат еден на друг: сексуалната симулација на иднината веројатно нема да дојде по пат на цврсти предмети, туку како гелови засилени со наноботи.

Виртуелната стварност веќе се користи за интензивирање на задоволството, додека во иднината таа би можела да биде во комбинација со симулирачки костими.

RealDolls

Мет Мекмулен, основачот на компанијата која произведува напредни секс роботи.

Сексуалност

„До 2030 година луѓето вообичаено ќе имаат некаков облик на виртуелен секс како што денес ја користат порнографијата на интернет. Но, веќе во 2025 година, домаќинствата со високи приходи ќе бидат во можност да набават секс роботи“ – предвидува познатиот британски футуролог Ијан Пирсон, кој предупредува дека како што роботските секс играчки како вибраторите се користат речиси цел век, сексот во виртуелна реалност наскоро ќе стане мејнстрим. Пирсон смета дека до 2050 година бројот на сексуални односи со робот ќе го надмине бројот на меѓучовечки сексуални односи. Сепак, анкетите за јавно мислење досега не го поддржуваат мислењето на Пирсон. Така, едно истражување од 2014 година во Велика Британија покажало дека за секс со роботи биле расположени 17% од испитаниците, а останатите 83% одлучно биле против таа можност.

„Секако дека таа идеја сега делува изопачено и неприродно, бидејќи сексот го перцепираме од перспектива на денешните сфаќања, но ако се осврнеме на времето пред сто години, ќе видиме колку во тој период се променило поимањето на човечката сексуалност. Виртуелната стварност станува сè поуверлива, а роботите сè послични на луѓето, па затоа не треба да се исклучи можноста дека во иднина многумина ќе одбираат роботски партнери, па дури и ќе се заљубуваат во нив“ – нагласува психологот д-р Хелен Дрискол од универзитетот „Дрискол“.

Д-р Дејвид Леви, британски стручњак за вештачка интелигенција и автор на контроверзната книга „Love and Sex with Robots“, која кон крајот на минатото десетлетие ги подели мислењата на стручњаците, смета дека идејата која зборува за користење на сексуалните роботи не се разликува многу од сексуалните кукли кои се прифатливи за многу луѓе. Тој понатаму тврди дека сексуалните односи со роботи би можеле да направат среќни многу мажи и жени кои од различни причини не можат да најдат соодветни партнери.

„Тоа се пред сè луѓе кои тешко влегуваат во врски затоа што се екстремно срамежливи или имаат психолошки проблеми, сметаат дека не се привлечни или имаат незгодни карактери“ – тврди Леви.

Проф. Александар Штулхофер, најпознатиот хрватски сексолог

Порнографија

Се предвидува дека во однос на сексот со роботи жените ќе бидат еднакво ентузијастички настроени како и мажите. „Штом сексуалниот робот ќе добие публицитет во женските списанија, жените ќе поитаат од еден крај на земјата на друг и ќе чекаат во ред за да го набават“ – заклучува Леви, кој пред неколку месеци организира и меѓународен конгрес посветен на сексот и љубовта со роботи.

Сепак, многу научници се противат на оваа идеја, па така минатата година д-р Кетлин Ричардсон, стручњак за етика на роботиката, од универзитетот „Де Монфорт“ во Лејчестер, и Ерик Брилинг од шведскиот универзитет „Шковде“, покренаа кампања против сексуалните роботи.

„Се чини дека во роботската индустрија расте фокусот на секс роботите. Притоа, моделите кои покажуваат како ќе изгледаат тие роботи и какви улоги ќе имаат, во суштина се вознемирувачки. Сметаме дека создавањето на такви роботи ќе придонесе во влошувањто на односите меѓу мажите и жените, возрасните и децата, мажите и мажите, и жените и жените“ – изјавува Кетлин Ричардсон.

На растечката примена на технологијата во сексуалниот живот се осврнува и најпознатиот хрватски сексолог, проф. Александар Штулхофер од Филозофскиот факултет во Загреб.

„Тоа се две прашања. Едното се однесува на тоа како технологиите ја менуваат и учествуваат во човечката сексуалност. Другото прашање се однесува на законското формализирање на тие нови односи. Сите технологии нашле примена во човечката сексуалност, макар и маргинална. На пример, кога ја гледаме историјата на аналогното и дигитално видео, увидуваме дека сите иновации брзо се пренесени во порнографската индустрија која секогаш била склона на новите технологии“ – вели Штулхофер.

„Најверојатно тоа ќе се случи и со роботите. Дали и тие ќе бидат вообичаено домашно сексуално помагало? Се сомневам, бидејќи на крајот на краиштата, ниту вибраторите не станаа тоа. Колку и да се популарни, вибраторите не станаа дел од секоја куќа, ниту станаа замена за сексуален однос. Во таа смисла, луѓето ќе бидат оние кои ќе експериментираат со секое технолошко средство, па така и со роботите бидејќи сакаат да експериментираат. Или се осамени“ – додава Штулхофер.

Соговорникот се осврна и на можноста за создавање легални заеници меѓу луѓе и роботи. Имено, во својата книга Дејвид Леви предвидува дека кон средината на овој век ќе се оззаконат и првите бракови со роботи. Според Леви, прва земја која ќе ги легализира таквите бракови ќе биде американската сојузна држава Масачутес.

„Love and Sex with Robots“, контроверзната книга на д-р Дејвид Леви, стручњак за вештачка интелигенција

Човечки допир

Но, Штулхофер истакнува дека не е песимист и дека не верува дека технологијата ќе доведе до монструозни општествени форми. „Не сум склон да мислам, дека кога еднаш ќе се отворат вратите, ќе се оззакони сè, од полигамија, до врски меѓу машини и луѓе. Верувам дека разумот и емоциите се дел од нашата основна хуманост и дека служејќи се со разумот и емоциите нема да најдеме причини за оззаконување на таквите врски. Секако, разумски гледано, немаме причини некому да му забрануваме да има секс со робот доколку тоа го сака“ – истакнува Штулхофер. Соговорникот истакнува дека многу луѓе, поради незадоволство од ограничените можности за воспоставување контакти во секојдневниот живот, се свртуваат кон технологијата. Како пример ја наведува практиката на онлајн состаноци, односно барање и запознавање партнери по пат на интернет.

„Денес многу луѓе не само што работат интензивно, туку постојано се зафаќаат со паралелна работа на повеќе задачи. Исто така, многу повеќе од претходно уживаме и се идентификуваме со својата работа, која барем за одредени општествени групи станува сè покреативна. Тоа нè исполнува и во голем дел нè прави она што сме. Во такви ситуации е тешко да се најде доволно време да запознаеме некого кој е сличен на нас, а ние за партнери одбираме личности кои се слични на нас, заљубени во својата работа и такви кои имаат ограничено време за социјални контакти. Да се најде доволно време и енергија и да се изгради врска воопшто не е едноставно. Онлајн состаноците во таа смисла пружаат фантастична можност да запознаете некого без потреба од вечерно излегување“ – вели Штулхофер.

Порака во шише

Но, онлајн начинот на запознавање партнер, кога сè се одвива преку брзо разменување пораки и фотографии, при што личноста не ја гледаме во лице, кај некои луѓе создава нереални очекувања.

„Тоа всушност е фатаморгана на технологијата, бидејќи мислиме дека е можно сè да оствариме веднаш и тоа токму така како што сакаме. Новите комуникациски технологии пружаат илузија дека сè може да биде спонтано и интензивно. Тоа е опасна илузија бидејќи создава нереални очекувања“ – вели Штулхофер.

„На основа на неколку пораки добиваме идеја дека тоа би можела да биде токму онаа личност која отсекогаш ја бараме и потоа се разочаруваме кога ќе видиме дека не е така. По неколку такви искуства велиме дека технологијата е грда работа. Но, технологијата е само средство кое, како и секојдневниот живот, бара критички и самокритичен ум. Виртуелните пораки не се нешто повеќе од само пораки во шише кое случајно сме го нашле на некоја плажа. Дали поради тие пораки ќе тргнеме да го препливуваме океанот или прво ќе размислиме околу тоа каква е веројатноста личноста која ги напишала да биде љубовта на нашиот живот?“ – се прашува Штулхофер.

Сцена од филмот „Her“

Соговорникот се осврнува на можноста луѓето да имаат сексуални односи посредувани со технологијата, без взаемен физички контакт. Имено, футуролозите предвидуваат дека сексуалните партнери, оддалечени и неколку илјади километри, за 20-30 години, благодарение на биогелови кои содржат милијарди наноботи и можност за безжично спојување на интернет, ќе можат да постигнат оргазам.

„Иднината во која некој благодарение на технологијата ќе може да има сексуален контакт на далечина, користејќи специјални костими и сензори, е веќе тука. Такво нешто, кога чувството не е предизвикано од човечки допир, туку од машина, веќе користеле поединечни современи уметници, инженери, а многу веројатно и амбициозни претприемачи. Таквата технологија сигурно ќе продолжи да се развива и во иднина ќе имаме поспектакуларни и сигурно поудобни можности од денес. Дали многумина ќе сакаат тоа да го испробаат? Многу е веројатно дека ќе сакаат. Можеби тоа ќе стане некој вид на лична разгледница со достава, која ќе ѝ ја праќаме на блиската личност кога е на пат. Но, тоа сиурно нема да стане вообичаен начин на сексуална или друг тип на физичка комуникација. Варијабилноста на допирите која машината може да ја совлада не може да се мери со човечката рака или тело. Еротиката сепак е аналоген феномен“ – заклучува Штулхофер.

Во последните сто години, многу промени во сексуалниот, но и општествениот живот настапиле благодарение на напредокот на биологијата и медицината. Пред сè, изумот на контрацепциските таблети овозможи жените да направат разлика од желбата за секс и желбата да затруднат, што на Запад, во шеесетите години предизвика општествена револуција. Медицинските достигнувања како што е вештачкото оплодување им помогнаа на луѓе кои имаат проблеми со плодноста да ја остварат желбата за потомство. Научниците пак предвидуваат дека за 10-15 години ќе биде можно да се користи здрава сперма и јајце клетки кои се произведени во лабоаторија, додека на жените ќе им биде на располагање вештачка матка.

Повеќе самци

Семејните односи и општеството се менуваат, па затоа многумина предупредуваат дека модерната наука и технологија ги поткопуваат нашите идеи за брак, семејство и родителство. На пример, во САД 50% од браковите завршуваат со развод, додека во Велика Британија уште сега има две милиони семејства со еден родител. Истовремено, на Запад расте бројот на истополови бракови, и се зголемува бројот на самци. И покрај засилувањето на конзервативизмот во Хрватска и кај нас со развод завршува секој трет брак, додека 45% од населението е сочинето од самци, односно оние кои не живат со партнер.

„Не мислам дека идејата или привлечноста на традиционалното семејство ќе исчезне. Ниту тоа го мисли кој било од научниците кои се занимаваат со таа проблематика. Она што го гледаме е појава на нови облици на заедништво, кои денес коегзистираат со традиционалната семејна заедница. Верувам дека во иднина, за неколку десетлетија, нема да правиме никакви морални разлики меѓу различните облици на заедничкиот живот. Технологијата сигурно ќе воведе некои нови навики во сексуалноста, но не верувам дека тоа ќе го загрози или промени фактот дека заедничкиот интимен живот нам никогаш не престанал да ни биде важен, само што денес го доживуваме и практикуваме на различни начини“ – смета Штулхофер.

Сцена од филмот „Ex Machina“

Извор: Globus

 

ОкоБоли главаВицФото