Помеѓу апсурдот и глупоста: Како да се повлече криминалната аболиција?

26.04.2016 12:32
Помеѓу апсурдот и глупоста: Како да се повлече криминалната аболиција?

Таман седнав да го напишам чудотворниот алгоритам за моменталното (и безболно) излегување од македонската „политичка криза“, кога од творечкиот амок насилно ме искорна драматичната вест дека суштеството што седи на столчето на Претседателот на Републиката, веднаш штом ги потпишало одлуките за аболиција на партиско-државните криминалци од ВМРО-ДПМНЕ, се пишманило под притисок на домашната и меѓународната јавност и почнало да си ја мачи главата за да изнајде некој досега непознат и езотеричен правен начин како несреќните одлуки да ги повлече!?

Го гледам овој ништожник како ѓоа крши прсти и кубе коси во натчовечкиот напор да најде правен основ за повлекување на аболицијата, и си мислам како секоја добра комедија има структура на трагедија... И, си мислам така, како апсурдот и глупоста во многу јазици се синоними, иако се работи за две битно различни нешта. Додека глупоста е надвор од сите правила и логики, надвор од целите на разумот, апсурдот – иако честопати резултат на глупоста – може да служи токму за докажување и зацврснување на конструкциите на логичното. Во филозофијата е позната функцијата на апсурдот во докажувањето со методот reductio ad absurdum. Демек, се заклучува логички врз основа на дадена претпоставка и, доколку резултатот биде невозможен односно апсурден, тоа е доказ за погрешноста на претпоставката. Апсурдот е, значи, моќна алатка во рацете на разумните луѓе, а на уметниците им претставува омилено средство за создавање сатири и пародии, во кои тој е алатката за истакнување на видливоста на вистината и правдата. Но, да се вратиме на „нерешливата“ правна апорија што пред македонската и светската јавност ја истопори нашиов обесчовечен интелектуален ушкопеник.

Елем, проблемот со „неотповикливите“ одлуки за аболиција не се од правна, туку се од религиска природа. Тоа е така зашто и овие акти – како, впрочем, и сите закони – влечат сила не толку од Уставот или законите што го структурираат правниот поредок, туку од нашето верување дека тоа би морало да биде така. Сакам да речам дека потребата на луѓето да веруваат во правниот поредок практично го создава тој поредок и оваа потреба потекнува од истото темно место како и потребата од верување во божествената креација на светот. Во апсурдни случаи каков што е нашиов, кога имаме правно ништовни одлуки донесени во моменти на ментална непресметливост, практично единственото нешто што ги одржува овие одлуки „во сила“ се нашите барања тие да бидат повлечени! Испаѓа дека во нашава бескрајна драма на апсурдот, повторно и повторно, глупоста и злото на ВМРО-ДПМНЕ ја влечат силата не од нивната моќна армија или сурова полиција, туку повеќе од нашата пристојност и болната религиска потреба да веруваме во неминовното постоење на правниот поредок. Таа наша верска опседнатост со правниот поредок нè замајува до таа мерка што ние ја помешавме нашата вера со стварноста во која поредокот практично не постои, односно во којашто тој е во рацете на диктатурата на глупоста. А, диктатурата на глупоста е сè друго освен безопасна, зашто со неа владеат темните хтонски сили на кретенизмот, кои – како во старозаветните легенди – ментално ги ослепуваат сите што ќе погледнат кон нив. Така и сите ние, по грешка загледани во хтонската длабочина на глупоста, ментално ослепени упорно бараме од деловно неспособен човек да ги повлече своите сосем нелегални одлуки, и, како што реков, практично со нашите барања ги легитимираме тие малоумни писанија како да се стварни, како да се на сила, како да произведуваат правно дејство.

Ако, пак, тргнеме да ги разгледуваме правните основи на одлуките за аболирање на криминалците од ВМРО-ДПМНЕ, мораме да почнеме од славната одлука на Уставниот суд за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2009). Уставот му дава моќ на Уставниот суд со членот 112 да може да „укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот“. Е, сега, мора да се потсетиме, почитувани читатели, на суштинската разлика што постои помеѓу правното дејство што го предизвикуваат укинувањето или поништувањето на еден закон или акт. Ако законот се укинува, тоа значи дека тој се става вон сила така што неговото понатамошно спроведување веќе не е можно, демек укинувањето делува ex nunc – нанапред, односно во иднина, додека правните последици што законот ги предизвикал до укинувањето остануваат на сила. Ова, пак, значи дека одредбите од претходниот закон што со укинатиот закон биле ставени вон сила (изменети или избришани) остануваат вон сила и по неговото укинување.
Од друга страна, ако законот се поништи, вон сила се ставаат и сите правни последици што ги произвел за време додека бил на сила, што значи дека поништувањето делува наназад – ex tunc, односно како поништениот закон и да не бил донесен, па на сила стапува претходниот закон што со поништениот бил ставен вон сила. Оваа потсетка на правните дефиниции беше потребна само за да расчистиме дека правниот основ за сите одлуки за аболиција е членот 11 од Законот за помилување од 1993 година, што беше ставен вон сила со членот 10 од Измените и дополнувањата на Законот за помилување од 2009 година. Во членот 10 лапидарно стои: „Членот 11 се брише“. А, бидејќи Уставниот суд го укина (а не го поништи) Законот од 2009 година, неговите правни последици остануваат на сила, односно членот 11 е и понатаму избришан! И, членот 11 на кој се повикуваат сите одлуки за аболиција, воопшто не постои во правниот поредок, кретени севселенски! Што понатаму значи дека сите одлуки на Неговата Подла Ништожност за „помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка“ се без правен основ, односно правно ништовни!

На крајот, ајде да му ја разрешиме на Неговата Ништожност несовладливата правна апорија – како да најде правен начин да ја повлече малоумната, криминална и сосем нелегална аболиција. Решението е сосем просто: отворете го Прирачникот за елементарно право за тупаци и најдете што пишува за ништовни акти. Ќе цитирам: „Ништовните акти не произведуваат правно дејство, па не мораат да се напаѓаат со какви било правни средства. Кај ништовните акти, актот само се огласува за ништовен. Таквото огласување има само декларативен карактер и дејствува ex tunc (наназад).“ Толку! Но, од ова елементарно право за тупаци, произлегуваат две важни поуки. Првата е отрезнувачка и кажува дека целиот државно-партиско-мафијашки врв на тоталитарната вмровска творба Македоња Вечна – стручњаците од ВМРО-ДПМНЕ и Владата, канцеларијата на Претседателот, Јавното обвинителство и Уставниот суд, значи сите што внимателно ја подготвуваа акцијата за институционализирање на неказнивоста на партиско-државниот криминал на ВМРО-ДПМНЕ, се тотално некомпетентни и неписмени зелки, трупови и билмези од интергалактички размери. И, втората, која се однесува на целата стратегија на борба против нелегалната диктатура на Груевски: ДЕКА ТАА ТРЕБА ДА СЕ ОТФРЛИ КАКО НИШТОВНА, ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЗА НЕВАЖЕЧКА И ДА СЕ ПРИСТАПИ КОН ПОВТОРНОТО ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА УСТАВНО-ПРАВНИОТ ПОРЕДОК НА ЗЕМЈАТА.

Слики: Свирачуња
Извор: Слободен печат