И повеќе од гравитациски одиме удолу, до дното

27.04.2016 02:39
И повеќе од гравитациски одиме удолу, до дното

Сè поголемиот степен на професионализација на одредени „носечки“ гранки во модерното време и општество ги издвои медиумите и новинарството како актери со главни ролји во развојот на демократијата во општеството, давајќи им примат пред голем број други гранки за кои до крајот на 20 век се сметаше дека се суштински за наметнувањето на демократската мисла во практиката во земји кои се во промена на општествениот модел на уредување.

 

Со тоа ѝ се додели една голема и досега незамислива димензија на оваа професија – проширена димензија на одговорност во интерес на одговорно спроведување на демократијата. Прифаќањето на одговорноста од медиумите и од новинарите во однос на јавноста, т.е. публиката, дека информациите мора да бидат вистинити, јасни и недвосмислени, и понатаму укажува дека новинарите ја имаат обврската за почитување и за бранење на правата на граѓаните и за изразување свест дека јавноста е главен создавач на јавното мнение. Со тоа јасно се става до знаење дека истите се на „испит“ во однос на создавање на критичка јавност, медиумски описменета, но и демократски освестена, со јасно дефинирано право на изразување на мислењето, давање коментари и со упатување критики. Ова оттаму што само ваква јавност, која ја има критичката, а не манипулативната функција како граница на моќта, односно не нејзин полигон за манифестација, е примарна задача во постоењето на вистинското новинарство. Во спротивно, во согласност со можностите за промена на ставовите на јавноста изразени преку „спиралата на молчење“ и „ефектот воз“, ќе се отвори можност за контрола на јавноста, на она поле на општественост во кое на еклатантен начин се манифестираат односите на општествена моќ. И тогаш наместо „разбудена“ јавност, ќе добиеме контролирани институции на јавноста кои обезбедуваат можност за управување, структурирање и за контролирање на јавното мнение.

Оттука и таа нова, проширена димензија на одговорност во медиумската сфера. Освен чувањето и бранењето на јавноста, тука е и потребата истата критички да биде разбудена за да не се случи, пластично кажано, „убивање на новинарот“ како морален субјект, една ситуација на непрепознатливост на новинарскиот дискурс во известувањето, со што медиумите би дошле во служба на различни интереси, депрофесионализирајќи се! А за депрофесионализацијата на новинарството во Р. Македонија веќе подолг период сме сведоци! Освен домашните експерти, алармираат и светските експерти и научна јавност. Колку за илустрација, доволен е и најновиот извештај на „Репортери без граници“ каде повторно бележиме пад на индексот на слобода на медиуми и сме на дното од Балканот, а во друштво на Саудиска Арабија и на Катар. Зошто?

СЕ УКИНУВА НОВИНАРСКАТА АВТОНОМИЈА

Не претендирајќи на логичка целовитост, „схоластичка“ систематичност и синтетички поглед на ситуацијата, туку само на проблемски увид во одредени специфични гледишта од тематиката која веќе неколку години наназад ја „вртиме“ во круг без изгледи за поправање на ситуацијата, анализава има цел да „разголи“ неколку основни причини за овој дебакл. Имено, многупати е нотирано и апелирано дека депласиран е веќе начинот на кој оваа бранша се депрофесионализира кај нас: се укинува новинарската автономија, подредувајќи ја професијата на притисокот на (политичкиот) пазар, правејќи од неа герила (маркетинг) простор, полигон за пласирање на (не)вистини и (квази)факти во согласност со мотивите на тој што ја пишува, но и на тој што стои зад него, а не јавниот интерес. Тоа е забележано, особено од странските експерти, децидно од оние од Европа каде тендираме за влез во „големото семејство“. Како што наведува еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, во одговорот на писмото до претседателот на Европската федерација на новинари, Могенс Бјергард, проблемот е во: „немањето политичка независност и балансирано известување на јавниот радиодифузен сервис, немање на транспарентност за владиното рекламирање и обезбедување непречен пристап на новинарите до информациите од јавен карактер… Правото на медиумите да пренесуваат информации и идеи од јавен интерес и правото на јавноста да ги добие нив, не смее да се поткопува преку политичко влијание врз уредувачката политика и врз работата на новинарите, пред, во текот и по изборите…“ Токму затоа „во годишниот извештај се изразува сериозна загриженост за медиумската култура и за политичкото опкружување во Македонија во кое работат медиумите“. Во овој контекст, дополнителна потврда на аргументите е и изјавата на извршниот директор на „Репортери без граници“, Кристијан Михр, во интервју за „Дојче веле“ дека „Македонија е рангирана ниско на листата и ако се земе предвид актуелниот развој, состојбата може и понатаму да се влошува“.

Но, нејсе, дали „паричката“ има само една страна, едно лице!? Впрочем, знаејќи дека демократијата бара етично фундирано новинарство кое е сестрано ангажирано, хумано и вредно, без висока морална поставеност на новинарството во Р. Македонија, илузорно е да се очекува добро функционирање и развој на демократијата во општеството. Но, едновремено оваа теза го иницира и прашањето за втората страна, за условите за негово непречено правилно извршување, во согласност со народната дека за секоја беља се потребни двајца! Оттука, можно ли е демократијата и нејзиното добро функционирање и прогрес да зависат само од високата морална поставеност на новинарството и на медиумите во една земја? Дали правото на јавноста да биде информирана, точно и нетенденциозно, т.е. да се има објективно известување, понатаму слободата на говорот и на изразување…, се единствените темели на една здрава демократија која (треба да) се гради? Ако дадеме потврден одговор на овој корпус прашања, тогаш би требало да „загребеме“ и малку подлабоко во пронаоѓањето на „виновниците“ за овој „демократски неуспех“ кој го (про)доживуваме во моментов и да се запрашаме на што точно се должи морално-етичката запуштеност и рудиментираност на оваа професија, која, се чини, веќе предолго е препуштена на политичките игри, а со тоа како последица го има потсмевот да биде „дежурен виновник за сè“, во време кога во целиот свет, особено во Европа, се случува опаѓање на толерантноста и на агилноста во практицирањето и во почитувањето на човековите права, а притоа сè побројни се (и без резултат се чини) начините за протест против истото!? Каде се и каква е нивната улога и место во приказната, т.е. на економијата, политиката, спортот, образованието…, најмногу на оној кој „менаџира“ со општеството?

Со други зборови, до што доведува и од каде толку многу алузии дека само новинарството и медиумите се „погрешни“? Кој ги дава условите за подоцна да „нападнеме“ по медиумите и по новинарите дека ја „искривуваат сликата за реалноста“ во која живееме? Имено, зошто од 180 земји сме оценети на 118. место, за едно место подолу од лани, на индескот на слободата на медиумите на „Репортери без гранци“, останувајќи и оваа година повторно „црвена точка“? Зошто повеќе од половина од новинарите во земјата се цензурираат самите себеси, известувањето за настаните од приватните медиумски компании сè повеќе е определено од корпоративните интереси…, т.е. зарем никој не го гледа „вториот“, но многу поважниот причинител за ситацијава: „Ние имаме состојба во која најголемиот дел од медиумите се под сериозна контрола, значи не само притисок, од врхушките на власта, која е секојдневна и континуирана…“, вели Жанета Трајковска од Високата школа за новинарство. Потврда на аргументите е и најновиот „Индекс за слободата на медиумите во светот, 2016“ објавен од „Репортери без граници“, каде се наведува уште повеќе дека селективната распределба на државното рекламирање во Македонија било искористено за да се контролираат и да се замолчат медиумите, односно со народни пари против народот!

МЕЃУНАРОДНА ПОТВРДА

Сосема на крај, цитирајќи го државниот секретар на САД, Џон Кери, по повод „Извештајот на земјите за стандардите за човечките права 2015“, кој САД неодамна го објави, издвојувам: „Во земјите кои ја задушуваат слободата на изразувањето, помала е веројатноста дека имаат економии кои се иновативни, внесуваат различности и растат. А општествата кои ги дискриминираат жените и малцинствата, имаат проблеми да се натпреваруваат со оние кои имаат корист од придонесите на сите нивни граѓани. И владите кои ја негираат политичката слобода ја губат довербата на јавноста, со што се отвора патот за граѓански немири од сите видови, вклучувајќи го и насилниот екстремизам. Исто така, факт е дека во земјата во која управувањето е навистина лошо или не постои или е корумпирано, се земји, кои на крајот се сведоци на голема злоупотреба во кривичниот правосуден систем“.

Што повеќе да се додаде во оваа анализа за можните причини за константното паѓање на степенот на професионализам на дејноста „новинарство“, ако се знае дека сме во фаза на „слободен пад“ во сите сфери ! Заради објективност на доказите и светот го потврдува тоа.

 

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Семи Слабник