1009 hPa
94 %
16 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 08:59
Скопје, 27 април 2016
Полицијата го привела 6-годишниот Андреј С. од Скопје, кај кого била пронајдена боенка и повеќе комплети фломастери, дрвени боички и мрсни боички, соопштуваат од МВР.
Андреј се товари за нарушување на сивилото и црно-белиот свет на режимот, а полицијата во моментов ја истражува неговата поврзаност со странски служби и соработници.
„Лицето А.С., во присуство на неговите родители, беше одведено во полициска станица, а по извршениот распит му беше одредена мерка домашен притвор од осум дена“, соопшти Митко Чавков.
Тој објаснува дека ќе се покрене и постапка против неговите родители, кои се осомничени дека го помагале кривичното дело на својот 6-годишен син, така што му набавиле повеќе видови средства за боење.
„Деца, внимавајте со што си играте, имаме илјадници снимки од книжарниците и вашите домови“, ги предупреди Чавков потенцијалните идни престапници.
Малиот Андреј воопшто не е задоволен од тоа што ќе мора да остане дома осум дена, а најтешко му паѓа тоа што ќе го пропушти роденденот на својот другар Петар кој ќе биде прославен во една од скопските игротеки.
Андреј и родителите најавија тужба против државата и рекоа дека ќе одат до крај, сè додека правдата не биде задоволена, а нивното дете слободно да бои како што сака.