Снимај, Чавков!

28.04.2016 02:53
Снимај, Чавков!

Политичката криза предизвикана од Шарената револуција во Македонија, влегува во својата завршна фаза. Барем од она што го гледам по улиците, го слушам по собирите и го читам по медиумите и порталите на власта. Обично завршната фаза е и критична фаза, преку која, драмски гледано, кулминацијата на дејството доведува до расплет. Мојата страна на барикадите е обвинета за тероризам, за вандализам, за фашизам, за комунизам, за анархизам, за хулиганизам, за заевизам, за фанатизам, за антивмроизам, за колаборационизам со непријателски странски служби, за девастизам на културно-историски споменици, за хомосексуализам, за атеизам, за наркоманизам, за стребизам и за секов друг „изам“ со кој треба да се етикетираат поткопувачите на темелите на државата.

Спротивната, „патриотската“ страна и будниот чувар на криминалот на власта, преку своите институционални деташмани, јасно ни соопштува дека нема да има милост кон нас, што е поткрепено со отворената закана од дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, кој порача дека неговата МВР-продукција ги евидентира (снима) нашите „уривачки походи“. Неговата соборка позната и како главниот мегафон на власта, Мирка Велиновска, ни покажа што е врвот на истражувачко-џандарско новинарство, објавувајќи текст во кој со име и презиме и со точна адреса на живеење ги наведува домашните и странските платеници кои ја уништуваат државата воведувајќи украинско сценарио.

Ова е дно на сите дна, за кое ни на сон не помислував дека може да ни се случи. Од друга страна, тоа кристално јасно ми ја демонстрира сета ирационалност на очајниот режим, кој е подготвен буквално на сè, за да опстане на власт. Од трета страна, ваквиот неартикулиран ангажман на власта, најмногу од сè ме уверува дека сум на вистинската страна на барикадите, а од четврта страна, никогаш не сум била посигурна во уверувањето дека уривањето на груевизмот е должност и обврска на секој чесен, нормален и психички здрав граѓанин на Република Македонија.

Токму затоа – снимај Чавков! Слободно апси ги и притворај ги луѓето со кои марширам. Покрај „учеството во толпа“, заедно со Аневски, Зврлевски, Ушковски, Илиевски и другите измеќари, измисли им и нови кривични дела, како на пример – злосторничко здружување за гаѓање со јајца, фарбање на мадињата на Букефал со умисла или нарушување на јавниот ред и мир со свирчиња и сирени. Ич да не ти е гајле што оние кои пред две години ја демолираа општина Центар за да му влепат „два-три жешки шамара“ на Жерновски, шетаат на слобода, или оние кои пред камери ги нападнаа дечките од архи-бригадата сега ти се колеги.

Снимај, Чавков! Снимај како ти бега тлото под нозете, како ти се распаѓа октроираниот со лажирани избори режим, како ти забегува пастирот, како ти полудуваат медиумските вувузели, како се креваат македонските градови, како се креваат жедните за слобода и демократија.

Снимај, Чавков! И ние снимаме. На крајот ќе си ги споредиме снимките и ќе видиме кој снимал во црно-бела техника, а кој во боја. Ќе си ги споредиме и постапките за да видиме кој за што се борел, кој бил реакционер, а кој револуционер, кој штител криминал, а кој се кренал против него, кој си ја продал државата, а кој ја бранел.

Снимај, Чавков!!!

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња