Избирачкиот список како алваџиски тефтер

28.04.2016 04:27
Избирачкиот список како алваџиски тефтер

Избирачкиот список е како алваџиски тефтер. Веднаш по неговото објавување, телефонот почна да ѕвони. Веднаш се јавија луѓе кои забележаа дека со овој документ нешто сериозно не е в ред. Сè уште.

Меѓу нив беше и една госпоѓа која ни кажа дека нејзиниот син веќе 15 години живее во странство, но го нашла на списокот на гласачи кои гласаат во Македонија. Таа ни кажа дека нејзиниот син на списокот бил означен со ѕвездичка до изборите во 2014 година, што значи дека е лице кое не живее во државата (иселено лице), односно гласа во македонско дипломатско претставништво во странство, а не во матичната земја. Од тие избори, значи, во 2014 година, овој наш сограѓанин е на пописот на гласачи во земјава. Да, тоа се изборите на кои ЦИВИЛ им ја оспори легитимноста, како и на претходните, локални и претседателски. Ѕвездичката која говори за тоа дека еден граѓанин не гласа во земјава, туку во странство, без барање и согласност на нашиот сограѓанин, некој ја тргнал.

И сега, по „епското“ чистење на избирачкиот список, тој наш сограѓанин од дијаспората е на списокот на гласачи во земјава, како да живее тука. Осведочено, документирано. Според соговорничката на мојата колешка Марија, случајот е пријавен уште пред парламентарните избори во 2014-та, но Државната изборна комисија не направила корекција. Пред еден месец, во законски предвидениот рок, ДИК добива уште едно барање за корекција во истиов случај. Но, утрото кога ДИК го става Избирачкиот список на увид, нашата сограѓанка го наоѓа името на својот син како гласач во Македонија. Значи, веќе втор изборен процес, никој не преземал ништо во врска со ова.

Додека го пишувам ова, на загрепскиот аеродром, читам во нашата интерна комуникација за нови случаи кои пристигнуваат до нашата канцеларија. Додека стасам до Скопје, сигурно ќе има уште неколку.

Уште колку вакви случаи има?! Ова и многу други прашања се нижат секој ден. И тоа само за Избирачкиот список, а за сите останати, не помалку важни работи, уште повеќе.

Многумина немаат ниту сила, ниту време, а ниту интерес да ја истераат правдата. Не е ни чудо, по толку изборни процеси во кои се манипулираше со волјата на гласачите, а власта се освојуваше вулгарно и насилнички. Едноставно, на граѓаните, фатени во многуте стапици на власта, со време им стана сеедно, а голем дел од нив не смеат или мислат дека не смеат да реагираат. Да не говориме за оние кои не знаат дека можат да пријават дека нешто не е в ред, а уште помалку знаат каде тоа да го сторат. Во случајот со оваа приказна, испаѓа дека е сеедно дали некој ќе реагира, бидејќи институциите, едноставно, не функционираат.

Тоа е дел и од стратегијата на апашите. Да се изморат луѓето, да ги напушти вербата и надежта дека може нешто да променат. Да се избрише идејата дека некој може да се побуни. Да се направат тие работи неважни.

Ме радува дека свеста се буди. Ме радува што сè повеќе луѓе говорат гласно. Но, тоа не е доволно. Ни оддалеку.

Гледам и слушам, не се малку оние што не веруваат дека е можна демократија во Македонија, не веруваат дека, и да дојде до промени, тоа ќе биде само ротација на моќници. Тоа го слушам и од оние кои велат дека на овие им е доста и дека не може да биде полошо од ова и ваквото владеење.

Да претпоставиме, за миг, дека ќе се согласам со ваквиот став, дека суштински промени не се можни. Но! Секогаш постои барем едно „но“, зарем не? Тоа ќе биде така, само под еден услов. Ако се остави власта ( којабило власт!), да ја практикува својата моќ без нашата (граѓанска) контрола. Ако им се остави на тие што ги плаќаме да ги толкуваат Уставот и законите по свое. Ако не бараме одговори, без оглед на тоа колку долго ќе нè игнорираат, бидејќи игнорирањето не може вечно да трае. Ако се помириме. Ако се потчиниме на масовната корупција која, на крајот, ние ја плаќаме и тоа повеќекратно. Значи, мора да бидеме будни и да учествуваме!

Да се вратам на Избирачкиот список. Се прашувам, дали има некој во земјава што верува дека некој сериозно подготвува слободни избори? Се надевам, не, бидејќи тоа ќе биде тешка заблуда.

Македонија се соочува со обид за уште една изборна кражба, избори со кои ќе се потврдат претходните изборни кражби, избори за заштита и спас на криминалците. Во тоа, сигурен сум, нема сомнеж повеќе.

Во меѓувреме, се апсат демонстранти кои бараат демократија и владеење на правото, се демонизираат активистите и организациите кои бараат почитување на човековите права и почитување на Уставот. И политичките затвореници сè уште гнијат по затвори.

Го газат Уставот како да е „тоалетна хартија“. Од узурпаторите во Уставниот суд, до узурпаторите на Илинденска ББ и во претседателскиот кабинет.

Сите врзани со веќе сосема видливата спрега на злоупотреба и тешки криминали. И ќе продолжат да го прават тоа, сè додека можат. Сè додека се обидуваме да најдеме оправдување за нашата малодушност и помирливост, божем, некој друг е поумен од нас, поспособен и „надлежен“. Нема такви. Ако ни го украдоа вчерашниот ден, денес и утре се наши. И тоа, наши се само толку колку што секој од нас ќе реши да бидат наши.

Извор: Плусинфо

Слики: Александар Ковачевски