Тајна

28.04.2016 14:06

Гледав жени како трчаат преку тревата, помеѓу стебла, по камен пат, најбрзо што можат, без да се вртат ни лево ни десно. Од страната каде што стоев ги видов профилите, косите, фустаните кои, иако долги, му се покоруваа на трчањето. Беше лето, можеби и некое друго годишно време, беше секое време. Во нив, во тие жени, дуваше ветар, паѓаше дожд, се беше настанила некоја луда мисла која имаше правец. Каде трчаа, во паника, страв, радост? Кој ќе ги дочека таму некаде? Што ќе видат, сите заедно и секоја за себе? Не можев да погодам што има зад нив, а што пред. Можеби сепак некаде горело? Можеби некаде се делело брашно и храна? Можеби после неколку години од војна им се враќале мажите и дечковците? Можеби тоа била треска на групно лудило или верски восхит? Ми се чинеше, иако бев дете, дека одеднаш ќе почнат да ја соблекуваат облеката и голи ќе продолжат да трчаат. Меѓутоа, не се соблекоа, не викаа, никој не ги следеше, беа сами. Пролетаа напред како и што се појавија; ќе ги сопрев да можев. Бев сам, останав сам во тој настан, и тогаш и подоцна, до денешен ден. Сè изгледаше и остана сон. Со време соноликоста растеше, иако настанот си ја задржа снажната основа на стварното. Во книгите, филмовите, некои приредби, бев гледал групи жени во движење. Сето тоа беше бледо. Некогаш во тркот на коњи, елени и во летовите на птици се чинеше дека тоа што сум го видел би можело да почне. Но животните беа далеку од својата неволја, ако стануваше збор за неволја, далеку од радоста и желбата, ако за тоа стануваше збор. Да ги дознаев целта и причината на тоа трчање, ќе дознаев нешто важно, почеток на нешто, така ми се чинеше. Но не можев потаму од нивните тела, чистата слика. Често си мислев, ќе пишувам за тоа. Што не можам јас, ќе можат зборовите, ним на услуга им стојат сите страни. Не одеше. Многу непознати. Никакво заблеснување. Меѓутоа и покрај сето тоа настанот не слабееше, неговото непознато значење не ме напушти. И сега, како и секогаш, ги гледам како преку тревата, помеѓу стеблата, по камениот пат трчаат најмногу што можат, убави и живи, онака како што во некои исклучителни моменти сè е убаво и живо.

Превод: П. В.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото