1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:59
Првин мораме да разграничиме неколку нешта: ПРОТЕСТ е кога укажуваме дека нешто не ни се допаѓа, кога протестираме конкретно поради тоа и тоа. Во нашиот случај тоа е поради разните криминали и финансиски малверзации на власта и полтронското соучество на претседателот Иванов. Од друга страна, ОТПОР е кога ние ќе се осигураме, односно кога ќе преземаме активности за да се осигурaме дека тоа и тоа (причините за нашиот протест) нема повеќе да се повтори. Сепак, секој ден сè ни се повторува!
Не би сакале да бидеме протолкувани погрешно дека ова е во насока на контаминирање на протестите, напротив, би сакале да повлечеме чекор напред кон идеите за нивно преминување кон отпор. Оваа своевидна (концепциска) критика на некој начин е и самокритика, бидејќи ние, како ДСП Ленка, преку нашите членови кои се и дел од политичката партија Левица учествуваме и во заедничките координации со другите движења од Протестирам во организациската структура на самите протести. Критиката е насочена кон целокупната концепција на протестите. На став сме дека е време за такво нешто од проста причина што за критика кон власта веќе апсолутно и не може да стане збор, тука работите се јасни – едноставно треба да се заземе страна. Или си дел од проблемот или од решението. Нешто како „помеѓу“ овие две страни веќе не постои!
Да бидеме искрени, и луѓето кои на некој начин го конструираат костурот на протетсите и оние кои доаѓаат како загрижени граѓани и даваат поддршка се веќе уморни. Тоа сè појасно може да се воочи на секој нареден протест: интензитетот опадна до минимум. Масата го изгуби револтот, таа веќе се чувствува истоштена и исцрпена, небаре само што не попуштила пред големото ништо! Ништо не се менува, кучињата лаат, карванот врви, можеби ова звучи излитено, но е ужасно точно!
Изморени, нè фаќаат на кондиција; не сме ние некакви професионални револуционери – животот по и пред протестите тече како и обично. На извикувањата „секој ден во шест“ многу учесници забележаа дека тоа ги потсетува дека треба да си го курдисаат будилникот за шест наутро за да стигнат на работното место. А при капитализмот тоа е ужасно тешка обврска што исцрпува во животот на еден човек кој е во наемен однос!
Протестите мора да ги сменат својот ритам и насока. Масата незадоволни граѓани со дифузно поведение треба да премине во организирана маса со јасна цел и дефинирани методи.
Поради ова протестите мора да се претворат во отпор. Партијата на власт ги има во своите раце сите институционални и вонинституционални средства за да ја одржува ситуацијата на статус кво: апсат наши другари, се закануваат, вршат психичко и физичко насилство, притискаат насекаде, и понатаму нè задолжуваат (и тоа со повисоко темпо од кога било!), крадат, рушат, а граѓаните само протестираат против тоа?! Поради сето ова, протестите треба да заземат поинакви размери, така да се рече тие треба да бидат покреативни, на тој начин што, ако не власта, тие ќе ги предизвикаат сите оние кои од најразлични обични причини не се на протестот (не навлегуваме во тоа дали се оправдани или не). Протестите треба да се претворат во отпор кој ќе го наруши текот на секојдневниот живот; ќе го наруши комодитетот на оние кои на најразличен начин се контролирани од власта со одредени бенефиции за возврат. Отпор во кој граѓаните нема само да протестираат туку и ќе практикуваат еманципаторна политика.
ДСП Ленка
28 април, Скопје
Извор: lenka.mk