1022 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 05:59
Дубравка Угрешиќ е постјугословенска писателка. Дипломирала во Загреб на Факултетот за компаративна и руска книжевност, а од деведесеттите години на минатиот век живее во Холандија. Меѓу нејзините книги се: Во устата на животот (1992), Музејот на безусловното предавство (1998), Баба Јага снесе јајце (2009), Европа во сепија (2014). Речиси сите нејзини книги се преведени на полски.
Во еден од своите есеи напишавте: „Луѓето на Истокот развија куп предрасуди за прекрасниот демократски Запад, а западњаците имаа чувство на супериорност. Од самиот почеток имаше многу лаги на двете страни“. Дали тие лаги сега нè прогонуваат?
Мислам дека по падот на Берлинскиот ѕид всушност немаше вистински дијалог помеѓу Истокот и Западот. Сложените историски односи помеѓу тие две страни се сведоа на прашањето на моќта, предрасудите и илузиите. Изгледа дека денес би било тешко да се започне вистински разговор. На двете страни постојат и се одржуваат екстремни емоции. Една од нив е разочарувањето.
Што се смени? Зошто „прекрасниот, демократски Запад“ веќе не е привлечен?
Во текот на изминатите 25 години не успеавме да решиме многу проблеми. Земете ја, на пример, поранешна Југославија. По Втората светска војна, за време на „југославизмот“ и „титоизмот“, граѓаните на Југославија живееја подобро. Кога во 1991 година се распадна Југославија, на површина изникна целиот „идеолошки пакет“ од Втората светска војна: истите кавги, истите обрасци, истиот национализам, истата омраза. Резултатот е тоа што сега, во име на „високите стандарди“ на европската демократија, не само што присуствуваме на повторно раѓање на еден вид фашизам, туку тоа и го толерираме.
Но, промената не се гледа само на Балканот, туку у во останатите делови од Централна Европа – во Унгарија, во Словачка по неодамнешните избори, па и во Полска, во која се променија односите кон Западот. Во Полска 1989 година бевме подготвени да жртвуваме многу за да станеме европска земја. Сега се чувствува разочарување.
Сигурна сум дека обрасците се слични. Меѓутоа, повеќе сакам да зборувам за она што најдобро го познавам, а тоа е постјугословенскиот случај.
А, што беше тоа?
Заменета е вистината. Луѓето зборуваа дека подемот на национализмот е добро нешто затоа што во југословенските години национализмот беше потиснуван. Дека илјада години сонувале за моментот кога Хрватска ќе стане независна држава. Истата нишка се провлекуваше во цела Источна Европа. Но, зад политичкиот наратив на „националното ослободување“, кој е разбирлив за западните политичари, се случуваше примитивен, суров грабеж. Суров и нескриен. Се покажа дека посткомунистичката транзиција, со војната или без неа, одлично го организирала големиот грабеж. Комунистичкиот имот немаше сопственик, беше „ничив“, па потоа во еден момент сè беше украдено и продадено. Фабриките беа продадени за милостина. Тоа беше таканареченото време на приватизацијата. На големиот грабеж му дадоа благослов и црквата и сите кои учествуваа во него. А, во поделбата на пленот можеа да учествуваат само луѓето на власт.
Што се случуваше понатаму?
Политичките лидери мораа идеолошки да го оправдаат големиот грабеж за да го задржат имотот. Хрватска стана независна 1991 година. Речиси четвртина век оние на власт ги убедуваат луѓето дека постојано се во парво, главно така што ги повторуваат приказните за комунистичкото угнетување, против диктатурата на Тито и експлоатацијата (Хрватите ги експлоатираа Србите и обратно). Денес во Хрватска, токму во овој момент, можете да го видите триумфалното враќање на фашистичката идеологија. Токму во овој момент Хрватите имаат министер за култура кој отворено пропагира елементи од усташката идеологија. Првпат во 25 години „независност“ некои Хрвати отворено протестираат потпишувајќи петиции за смена на министерот за култура. Нема индикација дека Златко Хасанбеговиќ ќе биде сменет. Дури и кога би се случило тоа, ништо нема да се промени. Затоа што во меѓувреме сè се смени: образовниот систем, учебниците, универзитетските програми, главните етички вредности. Парите станаа нашиот највисок приоритет.
На пример, безмалку 86 проценти од Хрватите се изјаснуваат како католици, што претходно не беше случај. Црквата успеа да влезе во основните и средните училишта, на универзитетите, па и во болниците. Владее недостаток од анестезиолози и специјалисти, но според новиот закон секоја болница мора да вработи еден свештеник. Не знам дали тоа е промена кон полошо или кон подобро.
Но, мора да признаете дека луѓето живеат подобро. Ако ги погледнете економските индекси...
Не, не живеат подобро. Во Хрватска живеат 4,2 милиони луѓе. Меѓу нив има околу 400 000 невработени и 1,2 милиони пензионери. Половината од хрватската пензионерска популација ја сочинуваат поранешни војници, доброволци во граѓанската војна 1991-95. Тоа го зборуваат бројките. Тогаш, како е можно луѓето да живеат подобро? Кој ви го кажал тоа?
Ги погледнав статистиките: раст на приходите, просечната плата, очекуваниот животен век. На пример, просечната плата во Полска расте со години. Луѓето се фрустрирани затоа што не расте доволно брзо, но...
Бројките што ги наведов ги најдов во хрватскиот печат. Кажете ми, како може да функционира домаќинство од 4,2 милиони луѓе меѓу кои 1,2 милиони се пензионери, 400 000 невработени, а 100 000 вработени кои со месеци не добиваат плата?
Дали тогаш можете да кажете дека сè поголемата радикализација на општественото расположение се напојува од сегашната состојба во економијата?
Сиромаштијата не е единствената причина за сè поголемата депресија. Има многу причини за очајување. Една од нив е крахот на очекуваниот систем на вредности. Благодарение на таканаречената демократија, ѓубрето остана на власт: тоа почна со Милошевиќ и Туѓман. Хрватите и Србите вложуваат многу напори во „беатификација“ на тие двајца криминалци, и Хрватите, за жал, успеаја во тоа. Фрањо Туѓман, на пример, ја отвори вратата за депрофесионализацијата. Тој го утврди „непишаниот закон“ според кој „вистинските патриоти“ се способни да ги извршуваат сите должности. Многу новинари, адвокати, лекари итн., беа отпуштени само затоа што беа Срби или поранешни комунисти или премногу „тврдоглави“ и критични кон вредностите на новото општество. Многумина од нив се заменети со „млади хрватски патриоти“. Тоа беше процесот на депрофесионализација. Тоа беше време на „национални приоритети“, кога на власт дојде општественото ѓубре кое беше наградено за верноста кон режимот.
Кој беше основниот мотив на Хрватите за приклучување кон Европската унија?
Влегувањето во Европа, во Хрватска предизвика национален оргазам. Тоа значеше дека сме подобри од Србите, дека конечно влегуваме во „своето“ католичко европско семејство. Дека ние Хрватите ѝ припаѓаме на Европа, а другите народи од поранешна Југославија остануваат во балканското срање. Но, Хрватска не е мој проблем. Мојот проблем е онаа Европа на која ѝ поласка хрватскиот мотив за стапување во ЕУ.
Дали тој мотив се изгуби?
Хрватите не се подготвени да ги артикулираат своите проблеми или да дејствуваат критички или да се борат за својата иднина. Подготвени се само да се борат за дестигматизација на своето нацистичко минато и во тоа, се плашам, успеваат. Медиумите се најголем пријател на хрватскиот режим. Во сите балкански земји тешко може да се најде пристоен медиум. Паралелно со депрофесионализацијата спроведено е „заглупавување“ на нацијата (кое трае веќе 25 години). Медиумите се виновни за тоа што луѓето станаа политички игноранти, пасивни, исплашени и глупави. Од обичните убијци и криминалци медиумите направија херои. Во ниедна постјугословенска држава нема гласило во кое може да се објави подолга и поамбициозна статија. Како во тие услови може да се очекува умен наратив за денешна Европа и учествувањето во европскиот живот?
Непостоењето сериозни јавни форуми доведе до непостоење на демократско мислење. Луѓето добиваат само тривијални вести, на пример, каква боја беше костумот на Ангела Меркел за време на последниот европски самит. Од таа перспектива секојдневниот живот навистина изгледа орвеловски: како некој да одлучил да ги заглупави луѓето, па, сега, по 25 години практика на „заглупавување“, тие навистина станаа глупави. Како што реков, Хрватска не е мој проблем, мојот проблем е Европа, која мора јасно да покаже дека не ги поддржува таквите практики. А, Европа не покажува ништо такво. Зошто би сакала да ѝ се придружам на таквата Европа?
Тогаш кое би било најдоброто сценарио за Европа воопшто, а особено за Источна Европа?
Европа е во голема неволја – финансиска криза, мигрантска криза, криза на главниот пакет човечки вредности или криза на „општествената имагинација“, како што би рекол Славој Жижек. Како ќе заврши сето тоа? Не знам. Не сум пророк. Можам само да набљудувам и да ја коментирам средината во која живеам. Она што го гледам не е убаво: луѓето ги изгубија своите основни права и дури не знаат како се случило тоа. Нивниот образовен систем е расипан, нивниот систем за здравствена нега е расипан, нивните работнички права речиси не постојат, со секој нов ден се сè повеќе поробени. Се однесуваат како да јадат филети од лосос, иако џвакаат евтина зелка.
Ми изгледа дека тоа не е проблем само на Балканот туку заеднички проблем на Истокот и Западот.
Така е, тоа е проблем на нашето време, нашето дигитално доба.
Живеете во Амстердам и можете да го следите западниот став кон новите членки на Европа. Дали тоа се промени неодамна?
Ме прашувате дали Холанѓаните поинаку гледаат на Хрватите?
Или на целиот регион?
За Холанѓаните, Хрватска постои само како место за летување.
Дали тоа значи дека 25 години по падот на комунизмот поделбата на Исток и Запад и понатаму е непороменета и дека двата дела од Европа не се приближиле?
Од аспект на граѓаните едвај нешто е променето. Холандските граѓани ги познаваат Романците само како улични хармоникаши, Бугарките само како домашни помошнички кои им го чистат станот. Исто така, тие хармоникаши и тие куќни помошнички не се заинтересирани за ништо холандско, бидејќи се чувствуваат како жртви на сите тие процеси по падот на Берлинскиот ѕид. Според нивното мислење, Холанѓаните се победници. Тие ја гледаат таа земја како место каде можат нешто да заработат. Од друга страна, дали Холанѓаните поинаку ја гледаат Романија? Или ја гледаат само како можен простор за своите деловни операции?
Дали тогаш можете да кажете дека целиот процес на обединување, надминување на поделбата на Исток и Запад е всушност промашување?
Се обидувам да зборувам од аспект на обичен набљудувач. Навистина не знам дали Полјаците денес се обединети со Франција...
Не се.
А, веројатно не важи ни обратното. Општата рамнодушност која владееше на почетокот сè уште е тука. Поточно, порано имаше поголем интерес, а кога станува збор за Балканот – за време на војната или во комунистичките времиња. Кога падна Железната завеса, западните производи речиси во истиот момент се најдоа во Источна Европа. Полските производи денес можат да се најдат во малите етно продавници во Велика Британија не затоа што Британците се заинтересирани за нив, туку заради полските работници кои ја „окупираа“ Велика Британија во потрага по подобар живот.
Тогаш што ги држи денес заедно како Европејци?
Се разбира, можеме да кажеме, како Умберто Еко и некои други интелектуалци, дека европската култура е наше заедничко наследство и најсилно лепило. Но, јас би рекла дека заедно нè држат парите (за некои) и дека обединувачкиот пристап ќе постои додека има пари кои можат да се делат. Нас, останатите, кои сме надвор од структурите на моќта, можеби нè обединува стравот. Заеднички ни е стравот од сиромаштијата, од „мигрантите“, кои и да се и од каде и да доаѓаат. Сите живеевме удобно одредено време, но времето на изобилството помина.
Кон што се движиме? Дали се враќаме кон националните држави?
Не, мислам дека тоа нема да се случи. Истовремено, јасно гледаме дека многу земји се движат кон радикалната десница. Постојано гледаме примери на радикализација на општественото расположение. Ги нарекуваат „инцинденти“. Но, ако по 25 години „инциденти“, на крајот добиете „инцидент“ со огромен кукаст крст на тревата на сплитскиот стадион, толку голем што може да се види од авион, дали и понатаму ќе инсистирате на „инцидент“? Со други зборови, сè зависи од нашите, европски морални стандарди: дали ќе го толерираме хрватскиот, српскиот, Орбановиот фашист (или оние во Норвешка и Финска и низ цела Европа) и тие движења ќе ги нарекуваме обични инциденти за кои се виновни само „лошите момци“, или ќе се присетиме на своето европско минато и ќе го ревидираме сето она што се случи пред неколку децении, а потоа морално и политички ќе се ресетираме додека сè уште имаме време.
Токму тоа сакам да ве прашам – дали тоа се само инциденти или знаци на подлабока промена кои можат да имаат сериозни последици?
Мислам дека се можни сериозни последици. Веројатно отсега ќе живееме во тешки, мачни времиња на постојани преговори. Знаците и нивните значења ќе бидат замаглени (повторно заради образовниот систем, медиумите и непостоењето заеднички систем на вредности), и со нас лесно ќе се манипулира. Ќе мораме постојано да се бориме за јасни значења и правилни одлуки.
Од една страна, велите дека ќе се извлечеме од кризата, а од друга, вашата дијагноза е многу мрачна...
Навистина е таква, но не верувам дека ќе ни се случи таква апокалипска како Трета светска војна. Луѓето на власт ќе се обидуваат да одржуваат статус кво. А, стравот, кој е зад сите тие нешта, нема да им дозволи на луѓето да тргнат кон темелна промена. Затоа ќе се обидуваат да ги решаваат само малите проблеми. Нема да ја менуваме куќата затоа што тоа е премногу скапо и ризично, па наместо тоа ќе се обидуваме да ги поправиме помалите дефекти. Очигледно, Европа не го гледа подемот на фашизмот (на пример, во Хрватска) како проблем, можеби заради тоа што Хрватска е мала, но и заради својата политика: никој не сака да се меша во демократски избраните идеолошки преференции на земјите членки. Никако не можам да се сложам со тоа. Постојано дискутираме за заедничката валута, еврото. Ние, Европејците мораме да почнеме да градиме заеднички систем на вредности за кој не може да се преговара. Само со таков систем на вредности граѓанинот на Европа ќе може да каже „Да, се сложувам“ или „Не, не се сложувам“.
Извор: http://kulturaliberalna.pl