Далечинско управување

29.04.2016 10:26
Далечинско управување

Македонија, која според степенот на медиумските слободи беше во групата делумно слободни, во најновиот извештај на „Фридом хаус“ се најде во редот неслободни земји. Ваквиот пад е поради обелоденетото масовно и нелегално прислушување новинари од страна на Владата, корупциските врски меѓу власта газдите на влијателните медиуми, засилените закани и напади врз медиумски работници. Благодарноста од друштвото што власта нагалено го вика Македонска асоцијација на новинари до српскиот премиер за успешната екстрадиција и затворањето на македонски новинар се случи подоцна, па ќе биде земена предвид во следниот извештај. Под услов да може да се паѓа уште пониско, да постојат уште понеслободни земји. Што е малку веројатно.

Доказ плус за неслободата ќе биде и тоа што најголемите медиуми или нема да објават ништо за извештајот или, ако решат да пуштат два-три реда, нив ќе ги угушат со десетпати поголеми владино-партиски нарачани уводи, коментари и анкети. За да нè убедат дека медиумски слободи има и повеќе отколку што треба и дека „Фридом хаус“ е дел од големиот светскиот заговор против нас. Хорхе, на пример, би рекол дека извештајот е правен „според перцепција“. И, можеби е во право: во Македонија остана само перцепцијата. И за слобода и, особено, за медиуми.

Извор: Слободен печат
Слика: Странски служби