Предвелигденско чудо: трговец решил да не ги зголемува цените

29.04.2016 13:54
Предвелигденско чудо: трговец решил да не ги зголемува цените

Скопје, 29 април 2016

Граѓаните на скопската населба Скопје Север денес беа сведоци на предвелигденско чудо. Имено, како што дознаваат Пара вести, еден трговец од нивната населба решил да не ги зголемува цените на своите производи пред големиот христијански празник Велигден.

Како што е познато, од досега непознати причини, секогаш пред овој празник цените на производите во сите продавници преку ноќ неколкукратно повеќе се зголемуваа. Трговците за оваа појава го обвинуваа ѓаволот, велејќи дека на тој начин ги искушува верниците и дека тие можат да го победат со тоа што нема да се бунат поради високите цени.

Меѓутоа, жителите на скопската населба Скопје Север денес беа затечени од новото чудо пред најсветлиот празник. Некои од нив не веруваа во тоа што го гледаа и сметаат оти станува збор за солена шега.

„Вакви работи никогаш не се случувале. Затоа мораме да бидеме претпазливи да не станува збор за ново искушение од сатаната“, вели Вера Крстевска. „Или за некаква предвелигденска шега“, додава таа.

Другите жители, пак, сметаат дека станува збор за чудо.

„Конечно Господ се сети и на нас, сиромавите. Затоа сега нашите празнични трпези ќе бидат пораскошни и со повеќе храна ќе го славиме воскресението господово“, вели Примислав Христијанов.

Од МПЦ се заканија дека ќе го истражат случајот и не исклучуваат казни против трговецот што решил да не ги зголемува цените.