1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 06:59
Европската Унија го негува граѓанскиот сектор и во ниедна земја не се зборува за укинување на граѓанските организации, туку напротив, се води дијалог за нивна поголема вклученост во државата и за нивната финансиска одржливост, велат првите луѓе од проектот Техничка поддршка за граѓанските организации (ТАКСО), финансиран од ЕУ, а кои од вчера престојуваат на регионалната конференција во Скопје.
Во Македонија, пак, се прават отворени притисоци врз невладиниот сектор. Движењето „Македонски манифест“ упати писмо до институциите со барање да се укине дејствување на Фондацијата Отворено општество, обвинувајќи ја дека работела против националните интереси на Македонија. Слични барања од јавните говорници упатија и припадници на движењето ГДОМ, како и провладините медиуми.
Запрашан за овие барања за укинување невладини организации, Мартин Клауке, раководител за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје, потенцираше дека не смее да се спречи работата на граѓанските организации што функционираат во рамките на правниот поредок.
- Граѓанските организации треба да бидат конципирани во правниот контекст на државата и тоа не е само во Македонија туку и во секоја друга земја. Доколку го почитуваат тој правен систем, нема причина да бидат затворени - вели Клауке.
Клауке изрази и задоволство што гледа дека граѓанскиот сектор во Македонија зема активна улога во сегашната политичка ситуација.
- Секаде во светот невладините организации имаат право да го искажат своето мислење и да го дадат својот глас во однос на тоа што се случува и навистина сме среќни што тие земаат таква улога - вели Клауке.
Никола Бертолини, раководител на сектор при Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, нагласи дека во сите земји постојат многу граѓански организации што работат во различни сектори.
- Ние поддржуваме 600 граѓански организации и никој не може да каже да не постои граѓански сектор - рече Бертолини и посочи дека во Европа постојат механизми за поактивно учество на невладиниот сектор во креирањето политики, на што треба да работат и земјите од Западен Балкан.
Повеќе од половина од законите донесени без никој да се праша
Симона Огненовска од „Македонски центар за меѓународна соработка“, презентирајќи ја состојбата со невладиниот сектор, изјави дека минатата година имало назадување во однос на слободата на здружување, а забележана е и самоцензура на невладините организации кога зборувале за прислушуваните разговори. Таа се пожали и на финансирањето на граѓанскиот сектор.
- Буџетот на државата расте, а трансферите на граѓанските организации остануваат непроменети. Со ребалансот на Буџетот за 2015 година, 42 проценти од оваа ставка - трансфери за невладини организации, беа наменети за политички партии - рече Огненовска.
Таа објасни и дека невладините организации во Македонија, речиси и да не земаат улога при креирањето на законите. Во 2015 година, Собранието донесло 606 закони, 339 од нив биле донесени по скратена постапка, без вклучување на јавноста. Само 136 закони биле објавени на електронски консултации, а за уште помалку закони биле организирани работни групи.
Извор: Слободен печат
Фотографии: Ванчо Џамбаски