Отворено писмо до Амбасадорот на Македонија во Канбера

30.04.2016 18:17
Отворено писмо до Амбасадорот на Македонија во Канбера

Почитуван господине Aмбасадоре Трпевски,

Јас сум член на групата која што демонстрираше пред Амбасадата на Pепублика Македонија во Канбера по повод срамната одлука за аболиција на криминалци од страна на претседателот Иванов. Во нашиот разговор кога ви го врачив протестното писмо, изразивте загриженост за нашето бучно собирање пред Амбасадата на 24 Април.

Пред да ви објаснам зошто протестираме, во дополнение на барањата кои ви ги доставивме, дозволете ми да се осврнам малку на историјатот на македонската дипломатија во Канбера.

Членовите на оваа група кои се и членови на нашата заедница во Канбера и Квинбијан беа меѓу првите што помогнаа да се востанови првата Амбасада на Република Македонија пред дваесетина години во главниот град на Австралија. Целосна и безрезервна поддршка доби првиот Амбасадор, господинот Коста Дураковски. Се сеќавам на пиратските копии на Word и Еxcеl, на приправените компјутери и слично. Дури се сеќавам со каква гордост се постави и плакатата со името Амбасада на Република Македонија во центарот на Канбера. Толку беше скромно, но значајно. Замислете, прв пат да се истакне плоча со името на Република Македонија на предната фасада на зградата во земја која и ден денес не нè признала под нашето уставно име и во која грчкото лоби е едно од најмоќните и најагресивните. Горди и возбудливи моменти во зародишот на македонската дипломатија во Канбера.

Соработката со заедницата продолжи и со следната гарнитура, со почитуваните Виктор и Билјана Габер, кои дипломатијата ја донесоа на едно многу високо ниво. Тие, и членови на нивното семејство и нивните заменици Иванови, а подоцна и Петковски, претставуваа едно јадро за активности и дружби каде што амбасадата беше отворена буквално за сите. Ама буквално за сите. Никој не прашуваше на која партија некој припаѓа. Се дружевме, а што е и најубаво, се правеа проекти за промовирање на Македонија.

Овие Амбасадори беа доследни на својата функција со тоа што ја ангажираа целокупната заедница, направија сите да се чувствуваат гордо, ангажирано и почитувано. Ама баш сите. Како пример ќе посочам една убава изложба во Центарот на Канбера, „Од ковчегот на баба“, каде што се носеа експонати од носии, македонски грнчарии и разни предмети поврзани со македонското културно богатство кои нашите иселеници толку гордо ги чуваат во своите домови далеку од родната земја. Изложбата ја посетија илјадници луѓе. Сè уште ја чуваме книгата со впечатоците од луѓето што се потпишуваа. Ги имаше стотици.

Следната постава беше амбасадорот Стојановски, кој и покрај своите приватни проблеми, сепак во вториот дел од мандатот, сакајќи да остави каков-таков белег, ја отвори вратата на амбасадата за многумина од нас и повторно започнаа проектите, премногу амбициозни, но сепак направивме презентација на неколку филмови, го направивме и орото на познатиот фестивал на цвеќето Флориада, организиравме крводарителска акција, но најважно беше тоа што се дружевме. За жал, неговите негативни страни превагнаа и за несреќа многумина останаа и финансиски оштетени. Но, за волја на вистината, многумина од нас си ги проширија и збогатија другарувањата без разлика на политичката и партиска определба.

Членовите од оваа група заедно со заедницата со вистинска почит го пречекаа и премиерот Груевски и неговите министри во 2009, и искрено се надевавме во една подобра и просперитетна Македонија во која ќе владее правото, слободата на говорот и мислата.

Е сега, да се надополнам зошто протестирам:

Протестирам затоа што гледам дека поради плиткогледоста на автократските режими на нашата мала држава од осамостојувањето до денес, стотици илјади како нас се отселија затоа што светот им нуди подобар живот. И покрај тоа што генерации се распрскани по светот, ме тревожи фактот што уште толку сакаат да се отселат. Ние не можеме да бидеме рамнодушни за ситуацијата во нашата земја во која во моментов владее тотална поларизација по секоја основа. Но, најтрагично е тоа што се добива впечаток дека и вие, Амбасадоре, како да сте дојдени тука само за некои привилегии, додека обврските ви се сведуваат на конзуларни административни работи, организирање на избори.

Протестирам затоа што Амбасадата на Република Македонија во последниве неколку години функционира ограничено, па дури имаше и случаи каде што луѓето не можеа никого да контактираат за важни конзуларни работи. Без сомнение вие можеби остварувате средби со луѓе, со политичари, со видни граѓани, но се добива впечаток дека тие соработки се многу ограничени. Толку ограничени што нема никакви соопштенија дури на вашата веб страница, ниту во заедницата.

Протестирам затоа што на последните избори во 2014 година, уште пред да се затворат гласачките кутии, си дозволивте да си ја прославите победата уште пред да се заврши гласањето. Скарата што си ја приредивте во таа чест со приврзаниците на вашата партија ви беше супер, нели? Да ве потсетам: поставени сте да бидете Амбасадор во оваа земја како претставник на сите Македонци, без разлика на верска, политичка, национална и каква било припадност.

Господине Амбасадоре, да се биде Амбасадор е чест, но и голема обврска. Само луѓе со широки хоризонти можат да се носат со оваа функција. Вие сте тука за да ја претставите Македонија како целост. Да бидете мост мегу иселениците и матичната земја, но исто така да работите на промовирање на македонската култура и национално богатство, растоварено од партиски бои. Срамот, ве уверувам, не доаѓа од „вревата“ што нашата малечка група ја направи пред Амбасадата, која што ве „засрами“ пред комшиите, другите дипломати и Министерството за Надворешни работи на Австралија, туку затоа што сè помалку и помалку Македонци веруваат во искреноста, чесноста и моралот на некои од лидерите на партијата кои вие ја претставувате.

Убедена сум дека и вие не сте задоволни од ситуацијата во нашата заедничка држава и можеби сè уште ќе најдете приврзаници и во оваа далечна земја. Но листата на телефонските броеви на кои се јавувате во последно време за уште едно гласање на дијаспората некако ви се скратува и ограничува само на „вашите“ и „проверените“. Не само што ги губите гласовите од оние што мислат различно од вас, туку верувам дека и бројот на оние кои ја поддржуваат вашата партија е значително намален.

Земјата во која живееме полага многу во демократијата, се почитува различното мислење и се негува мултикултурата. Во земјата во која што живееме судијата подеднакво ги осудува и оној што украл чоколадо од самопослуга и Премиерот кој го фатиле да вози напиен и му ја земале дозволота. Најмалку што можете да направите е да излезете надвор и да се помешате со вашиот народ, но да не застанете таму. Да направите напор и да се помешате со другите народи, да ја промовирате нашата култура и традиција и да научите за почитување на различностите. Конечно, да го употребите ова искуство кога ке се вратите назад во државата откако вашиот мандат ќе помине.

Кога ќе го надминете ова скалило и кога ќе станете претставник на СИТЕ Македонци, тогаш ќе имате повеќе поддршка од иселениците. Ама од сите, па макар тие да размислуваат различно од вас. До тогаш можете слободно плочата на која пишува Амбасада на Република Македонија да ја преиначите во „Амбасада на ВМРО-ДПМНЕ“.

Со почит.

Снежана Димитровска

Канбера


Фотографии: Снежана Димитровска

ОкоБоли главаВицФото