Шарена револуција МК 2016

02.05.2016 12:03
Шарена револуција МК 2016

Пред неколку години, на пролет кога цутеа багремите, исто како што цутат и сега, седев на ридот покрај езерото и го набљудував отсјајот на сонцето во брановите. На брегот разлеана жолта боја - првата пролетна ливада. Бели чапји, патки и ластовички. Таа пролетна свежина и убавина ме обзеде, сакав да изведам некаков перформанс и самата да се вклопам во амбиентот. Да се симнам на брегот, хоризонтално да поставам големo платно? Да ги исфрлам сите бои кои ги чувствував во себе и така да се втопам во совршената креација? Се прашував што треба да направам? А треба нешто да направам. Што е тоа што ќе ме исполни? Кое е тоа чувство кое преовладува?

Како да се дејствува среде тој неверојатен мултимедијален перформанс кој постојано го приредува природата? (Добро, отпадоците на брегот кои би го расипале тоа доживување ги собрав уште претходната есен, таа работа веќе беше завршена, сега сè беше чисто и сјајно!)

Тогаш сфатив дека како и да дејствувам, пак да ја сакам планината и езерото и небото, тие мали цветови кои ретко кој ги забележува, ветерот во шумот на трските, појот на птиците, да се грижам за земјата е најмногу што можaм да направам.

Чувството е љубов и грижа! Не само кон земјата Македонија, туку кон целата планета Земја!

„Секоја генерација има право на своја револуција“. Можеби „револуција“ е премногу силен збор, некои мислат, во насловот на овие случувања низ Македонија. Но така им се чини само на тие луѓе кои не се внатре во тоа случување! „Добредојдовме дома!“, со овие зборови нè пречека една девојка на бината пред Собранието. ДОБРЕДОЈДОВМЕ ДОМА!, во нашата преубава земја!

Љубов кон една земја е најсилно чувство, кое потполно нè исполнува.

Од оваа генерација избликнува љубов кон својата земја во сите бои. Шарената револуција е искрен и чист изблик на страст и убави и возвишени чувства, но и гнев и револт. Гневот и револтот се против лицемерието, лажните авторитети и лажните вредности, против едноумието, против ропскиот менталитет и празноверието, против неправдата и моралната декадентност, против организираниот криминал.

И пошироко и подлабоко во свеста се случува револуција, тоа го истражувам сега, и за тоа ќе пишувам во некоја друга прилика.

Сè што е искрено и чисто и е во согласност со Идеалот е автентично искуство со трајна вредност.

Ова им го посакувам на младите (млади не само по години) кои овие денови фрлаат бои насекаде низ МАКЕДОНИЈА:

Мир – во зелена боја
Слобода- небесно сина
Црвена- страст
Портокалова- радост
Жолта- светлина
Виолетова и розева- љубов
Длабоко сино – СЕОПФАТНА СВЕСТ И ДЛАБОК МИР

Сите овие бои ја градат БЕЛАТА СВЕТЛИНА – во ХАРМОНИЈА.

Ќе победиме!

Нема правда нема мир!

П.С. #ПРОТЕСТИРАМ #PROTESTOJ не е „толпа“ туку марш на самоорганизирани граѓани со изграден став за политичките случувања, во борба за квалитативни промени во нашето општество. ПРОТЕСТИРАМ е хетерогено, плуралистичко, ем структура ем движење, или структура во движење во самиот граѓанин. #ПРОТЕСТИРАМ #PROTESTOJ е веќе со историја, затоа сега расцутува во сите бои кои меѓу другото симболизираат и богатство на идеи. #ПРОТЕСТИРАМ е широка хоризонтала, во која секој граѓанин, на негов сопствен начин, и од внатре, гради во себе морална вертикала. И вертикалата од доблести се гради од внатре. Тоа е СЛОБОДА. ПРОТЕСТИРАМ е позитивна енергија која се движи низ сивилото на нашите улици и градови и вистински фактор на промени.

Да, промени ќе се случат само преку избори, но, за да стигнеме до ИЗБОРИ какви што заслужува овој народ, ПРОТЕСТИРАМ ќе се шири низ сите катчиња на оваа земја и во сите клетки. Секако постои и јадро на ПРОТЕСТИРАМ, каде што е најжешко, најдинамично и најдраматично, каде што боите на некој начин се и најинтензивни, и, пак, сите протестанти се значајни, и подеднакво битни за шаренилото на целината.

Бидејќи #ПРОТЕСТИРАМ#PROTESTOJ се граѓани со име и презиме, не бројки по тефтерчиња и списоци.

Кога чекориш со #ПРОТЕСТИРАМ#PROTESTOJ можеш да бидеш сосема сам(а) и пак со сите други во добро друштво, а и кога си со сите не го губиш идентитетот и интегритетот. И тоа не е толпа!

Слики: Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото