Господин Никој ја напушти планетата

02.05.2016 19:11
Господин Никој ја напушти планетата

Господин Никој ја напушти планетата

Кога тргнав надвор по весник, моето куче Спиноза лаеше, мавташе со опашот и така ја мрдаше главата што знаев дека сака нешто да ми покаже. Го следев до средината на патеката во дворот. На самиот раб на шумата, во тревата, лежеше труп свртен со лицето кон земјата. Тоа беше постар маж во сако, само толку можев да кажам. Потрчав кон куќата и викнав полиција. Две минути подоцна на патеката во дворот се паркира полицискиот автомобил. Малку потоа дојде и возилото на брза помош. Го фотографираа мртовецот, прво во положбата во која го најдоа, а потоа го свртија и повторно го сликаа. „Дали некогаш порано сте го виделе овој човек?“ ме запраша еден полицаец. „Не, не сум го видел“, одговорив и истиот момент почнав да се сомневам во тоа што го реков. Можеби тоа е и природно со оглед на околностите. Ми поставија уште неколку прашања, но јас единствено што можев да тврдам е дека ништо не знам. Болничарите на брзата помош го префрлија телото на носилка и одјурија. Откако некое време ја пребаруваа шумата, и полицајците тргнаа по нив. Рекоа дека ќе ми се јават. Помалку се чувствував како осомничен. Како награда за неговата ревност го поведов Спиноза на прошетка. Ноќта ме јадеше таа загонетка. Не можев да го отргнам од мислите лицето на мртовецот. Што правел одејќи низ шумата покрај мојата куќа, во костум, и тоа веројатно ноќе? Немаше смисла. И дали го познавав, или можеби го сретнав само еднаш? Полицајците наминаа една недела подоцна и ме прашаа дали нешто ми значи името Сиднеј Јарборо. Реков: „Не, не ми значи.“ „А Бартон Шелкеј?“ „Не, жал ми е, никогаш не сум слушнал ни за другото име“, одговорив. „А Колби Филипс?“ „Жал ми е господа, ниту едно од тие имиња ништо не ми кажува“, изјавив. „Извенете на вознемирувањето, господине Шандлер. Ќе ви јавиме ако нешто ново излезе“, рече еден од нив. Сега бев навистина загрижен. Зошто ме прашаа за три имиња кога само еден човек беше мртов? Ги запишав имињата за да не ги заборавам: Сиднеј Јарборо, Бартон Шелкеј, Колби Филипс. Не можев со сигурност да тврдам дека не ги познавам луѓето кои така се викаат, можеби некогаш одамна, а и тогаш само површно. Помина уште една недела, а јас настојував да го тргнам од ум целиот тој настан и да продолжам нормално да живеам. Полицијата веќе не ми се јави. Почнав повторно да излегувам со Мици и мислев како е најдобро едноставно ништо да не ѝ спомнувам. Но чудно е што ниту еден збор за тоа не се појави во весниците. Внимателно ги читав секоја недела. Мици и јас за викенди го водевме Спиноза на долги прошетки низ шумата. Тоа му беше најдрагата активност. Можеше да ги брка верверичките и птиците и да ги следи сите други мириси на ѕверови кои го возбудуваа – мечка, рис, лисица. Се разбира, ми помина низ главата дека би можел да наидам на уште некој труп, но таа мисла брзо ја отфрлав во корист на прекрасниот ден. Но по враќањето дома почнаа да ме прогонуваат ноќни мори. Пронаоѓаа трупови насекаде по имотот, некои ми беа познати – всушност тоа беа трупови на добри пријатели – додека други ми беа сосема непознати, а мојата вина или невиност беа нејасни, непознати дури и за мене самиот. Го мразев тој сон. Одлучив да одам во полициска станица и да побарам одговори. На приемниот пулт работеше одреден полицаец Баксли. Реков: „Се викам Едвард Чендлер и живеам во улицата Вест, на број 117. На шести април оваа година пронајдов мртовец блиску до патеката во дворот. Повикав полиција и составен е извештај. Можете ли да ми кажете кој беше тој мртовец, како почина и што правеше покрај мојата патека во дворот?“ Полицаецот некое време го бараше досието во компјутерот. Конечно ме погледна и рече: „Нема запис за мртовец пронајден на таа адреса и во тоа време.“ „Сигурно сте згрешиле. Бев онде, го видов“, реков. „Жал ми е“, одговори и се врати на својата работа. Можеби тоа беше некој важен човек, помислив, премногу важен за да умре, или пак недоволно важен. Едноставно, ве бришат. Господин Никој ја напушти планетата, без трага, без солзи. Но Спиноза знае, и јас знам – ние бевме таму.

Истрага

Обвинет сум за сè и сешто. Мојот тужител, кој рече дека се презива Роџерс, го кажа ова: „На први февруари, околу полноќ, видени сте како шетате покрај езерцето со патки. Што точно правевте таму?“ „Бев дома, во постела, и цврсто спиев. Не сум можел да бидам јас“, одговорив. „Но, ние ги имаме вашите фотографии. Што велите на тоа?“ запраша. „Ми кажале дека во градот постои некој што потсетува на мене, иако јас никогаш не сум го видел“, одговорив. „Дури сте допреле една сонлива патка, а таа ве гризнала за прстот“, придодаде. „Тоа звучи како некој од моите сништа. Сега можете и сништа да фотографирате?“ прашувам. „Одбиете ли да соработувате, ситуацијата би можела многу да се влоши“, рече. На шести февруари сте разговарале со една жена покрај самопослуга. Ви предала пакет. Можете ли да ни кажете што имаше во него?“ „Не знам што имаше во него. Се понудив да го пратам наместо неа. Одев во пошта“, реков. „Не знаете дали тоа беше бомба и дали пакетот можеби содржел антракс?“ „Таа рече дека тоа е подарок за нејзиниот внук“, одговарам. „Тоа е малку веројатно. Стануваше збор за една од нашите агентки. Во меѓувреме е повлечена од должноста“, рече. „На деветти февруари сте го побарале човекот по име Аерон Левин во Кливленд, во државата Охајо. Сте му кажале дека работите ќе ги земете во свои раце и ќе се погрижите да победи правдата. На што мислевте притоа?“ „Тоа сум го кажал? Не ми звучи како нешто што јас би рекол“, одговарам. „Па, го имаме снимено на лента. Ве уверувам дека сте ги изговориле тие зборови“, рече тој. „Веројатно станувало збор за некоја шега“, реков. „Било како било, предизвикавте тревога во Агенцијата. Не го сметавме тоа за нималку смешно. На дваесет и први февруари сте оделе покрај полициска станица во градот и сте го подигнале средниот прст. Што мислевте со тоа?“ запраша. „Веројатно сум се надевал дека некоја птица ќе слета на него“ реков. „Дајте, белки не очекувате во тоа да поверувам?“ запраша тој. „Верувајте во што сакате. Во пријателски односи сум со многу полицајци“, возвраќам. „Да, знам. Го истражувавме тоа. На дваесет и трети март во четиринаесет часот и триесет и седум минути се случи експлозија зад банката. Видени сте малку пред тоа како одите во близина. Има многу докази кои упатуваат во ваш правец“, рече. „Зошто би направил нешто такво? Парите ги чувам во таа банка. И покрај тоа, не знам ништо за експлозиви“, одговорив. „Вие сте опасен човек, господине Лаганза, а ние знаеме сè за вас. Веќе ќе ве стигне вашата казна. Тоа е само прашање на време“, рече тој. Му се заблагодарив и заминав од канцеларијата. Надвор беше прекрасен ден. Пропешачив три улици и седнав на клупата во паркот. Господин Роџерс не беше лош човек. Некој мора да ги следи купиштата работи кои тука и таму ќе ги направиме и кажеме. Во животот на секој од нас има некаде некоја фабула. Само што не знаеме што значи таа. Тој се обидува да го долови тоа, значи дека е важна работа. Тој е налик на некаков си многу нецелосен, приземен бог, тој беден човек.

Национална сигурност

Реков: „Сакам да одам дома.“ „Ти реков веќе, ние немаме дом“, рече Ен. „Што се случи со нашата куќа?“ прашав. „Властите ја зедоа“, рече таа. „Зошто?“ прашав. „Рекоа дека тоа е од стратешки причини“, одговори. И така продолживме да скитаме. Главно престојувавме во кампови покрај пат. Имавме шатор и вреќа за спиење, неколку тенџериња и тави. Мене не ми беше јасно што се случува со нас, но истовремено сакав авантура. Еднаш ни пријде маж и ни рече дека тој и неговата жена би сакале да ја поделат со нас својата вечера. Ен на тоа одговори дека нејзиниот маж не се чувствува добро. Реков: „Се чувствувам одлично“. Седевме околу логорскиот оган и разговаравме. Мажот рече дека одамна бил забар, но дека сега е копач на злато. „Требашо само редовно да им ги земате на луѓето златнине навлаки од уста. Сега ќе бевте богат“, реков. Ен ме прободе со лактот во ребрата. „Се упативме во Клондајк“, напомена неговата жена. „Најдобро е да се биде надвор од стратешките зони“, кажа Ен. Складно кимнаа со главите. „Но јас и понатаму не знам каде се тие зони“, реков. Сите ме погледнаа, но ништо не рекоа. Јадевме некое ужасно, чудно месо и потпечен грав, или барем мислам дека тоа беше грав. Подоцна ноќта ми беше лошо. Наутро, бидејќи веќе патувавме три часа, почна да ни се приближува група Индијанци на коњи. „Што да правиме?“ ја прашав Ен. „Се дигаат на востание во целата земја. Ја ископаа воената секира. Ќе ја урнат владата“, рече. „А што ќе правиме ние сега?“ прашав. „Само биди љубезен“, одговори. Кога пријдоа од едната страна на автомобилот, Ен закочи и го спушти прозорецот. „Ахој, драги американски сонародници“, рече. „Можете ли да ни кажете како да дојдеме до Топека?“ праша Индијанецот. „Се разбира, тоа е барем лесно, одговори таа и почна да му дава упатства. „Многу ни помогнавте“, одговори. „Ви посакувам пријатен ден.“ Продолживме да возиме понатаму, во пресрет на блескавото сонце. „Каде одиме?“, прашав. „Зарем ти се чини дека знам каде одиме? Само сакам да се мавнеме што подалеку“, одговори. „А што е со нашите стари пријатели?“ прашав. „Ќе мора да пронајдеш нови“, рече. „Патагонија, одиме ли таму?“ прашав. „Не, не одиме во Патагонија. Не знам каде одиме“, одговори. „Ни снемува бензин, а не верувам дека наскоро ќе најдеме бензинска пумпа“, напоменав. „Во тој случај ќе мораме пешки“, возврати. Почнав да согледувам колку станала луда и тоа ме плашеше. „Немаме ништо за јадење“, реков. „Можеш да убиеш див зајак“, рече. Пред нас некој стар овчар тераше стадо преку патот. Кога застанавме, таа ми се обрати: „Излези, зграпчи една од овцине и стави ја на задното седиште“. Одговорив: „Нема тоа да го направам. Нема теорија“. Ме погледна, потоа ја отвори вратата, излезе, ја зграпчи овцата и се обиде да ја подигне. Овцата ѝ испадна, па се обиде повторно. Мораше да запне со сета сила за да ја довлече овцата до автомобилот. Конечно успеа да ја бутне на задното седиште пред овчарот да види што направила. Тој ѝ чукаше на прозорецот и удираше со стапот. „Проклета да си. Те проколнувам!“ викаше. Таа го спушти прозорецот и подеднакво гласно му возврати: „Национална сигурност. Тоа е за ваше добро“.

Превод: Лавинија Шувака
Слики: Jay Rechsteiner

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото