Преобразбата на Етја Шарената

03.05.2016 01:55
Преобразбата на Етја Шарената

На 18 април 2016 година, во 18.00 часот, Етја имаше закажано преглед во приватната ординација на кожниот лекар во близина на амбулантата Илинден, за кожната инфекција што ѝ се појави на левата рака. Етја, вработена во јавната администрација, имаше строга наредба од нејзината шефица Сузана, да остане вечерта на работа додека не заврши со изработка на документите заостанати од претходните денови поради дефект на компјутерот. Бидејќи компјутерот не работеше, документите наредени според азбучен редослед, Етја целиот ден ги прередуваше според датумот – не гледаше никаква логика во тоа, но така ѝ рече Сузана. Сè уште недонесениот компјутер беше единствената причина поради која шефицата, по многу убедување, ѝ дозволи на Етја една кратка пауза од половина час за да отиде на лекар. „Ама немој да ми се обраќаш така, ова го правам за ваше добро,“ рече Сузана кога Етја почна да ја објаснува неопходноста од одењето на лекар. „Ваше“ се однесуваше на Етја и на нејзиниот колега Дејан со кого работеа во иста канцеларија. Етја не ни помисли да праша што е тоа што е за нејзино добро.

Кога заврши со прегледот во 18.30, започна патувањето на Етја. Етја излезе од ординацијата и се судри со неочекувано голем број луѓе. Едвај две минути се пробиваше низ многубројните граѓани за да побрза назад на работа, кога ѝ заѕвони телефонот. „Ти сакаш да те избркаат од работа?“ – тоа беше гласот на Дејан – „Што си отишла на протести од другата страна?“ На Етја срцето ѝ застана на миг. Се сврте околу себе. „Какви протести?“ праша збунето, зашто Етја многу-многу не се интересираше за политика, а Дејан и Сузана не зборуваа за никакви протести на работа. „Не се прави наудрена, ма! Кај се наоѓаш сега ти? Те видел другар ми пред СЈО, сега ми се јави,“ продолжуваше Дејан. „СЈО?“ се чудеше Етја.

„Поддршка за СЈО!“ одеднаш Етја слушна извици околу себе.

Етја сè уште не беше сигурна на што се однесува кратенката зашто не беше многу по вестите, но почна да сфаќа каде се нашла. „По грешка сум тука,“ побрза да му објасни на Дејан, „на кожен лекар бев“. „Ај не лажи,“ возврати Дејан и спушти.

Неколку чекори понатаму, Етја ја сретна својата другарка од основно училише, Марија, ја поздрави на кратко и рече дека мора да брза назад на работа. Марија, брат ѝ и нивната пријателка коментираа за настаните што ги поттикнале да дојдат на протести. Иако знаеше дека треба да си оди, Етја го погледна часовникот и виде дека ќе задоцни, па реши да слушне и да разбере подобро што се случува, за да може на работа да им ги пренесе гледиштата на „другата страна“. На вакви мисли ја поттикна реченицата што Сузана постојано ја повторуваше, дека мора да знаат како размислуваат другите за да им ги открие слабостите. Етја сè уште не беше сигурна дали нешто од ова што го виде можеше да го протолкува како слабост, но се обидуваше да запамти сè што ѝ звучеше корисно. „Неверојатно што направија овие,“ коментираше Марија, а Етја сакаше да ѝ возврати дека е „неблагодарна за сите постигнувања направени од власта во последните години“ – реченица што постојано ја повторуваше Дејан.

Неколку чекори подоцна, телефонот на Етја повторно заѕвони. Овој пат тоа беше Сузана: „Доаѓаш, злато? Помина пола саат а тебе уште те нема.“ Етја одговори дека доаѓа. „Ама каде си? Слушам многу гласови околу тебе?“ Етја рече дека е на улица и дека би требало да стигне за десетина минути. „На улица? Да не си на оние хулигански протести случајно? Сè ми кажа Дејан. Да не заборави кој те вработи? Леле, тешко тебе. Ќе гледам да не те кажам на директорот, ама веднаш да се враќаш, да не те повреди некој таму. Знаеш, како ќерка си ми, немој да се секирам за тебе.“ Етја побрза да ја увери Сузана дека веднаш ќе дојде. На Марија ѝ заѕвони телефонот: „Калина, меѓу белата зграда и старата куќа со цигли сме, те чекаме,“ рече Марија и ја позрави Етја со раката. „Ептен ми е драго што се видовме и што си тука,“ викна Марија додека Етја заминуваше.

По неколку чекори, Етја се заглави меѓу повеќе луѓе кои купуваа свирчиња и не можеше да помине, па се обидуваше ту од лево, ту од десно да ги заокружи. Зад неа Оливера, поранешна колешка на една нејзина братучетка, зборуваше за апсурдноста на помилувањата: „Е, аје, сега, некој за украдена ситница ќе оди во затвор, а осомничени за криминал со пари од сиромашниов народ се најпривилегирани, не може ни постапка да се отвори против нив“. Бандити, криминалци, гнаси и слични зборови се слушаа околу Етја. Етја се сети дека Дејан постојано кажуваше дека ова не е прва аболиција од страна на претседател, „и зошто во тоа време никој не се бунеше?“ велеше Дејан, а Етја сметаше дека тој е паметен човек и знае што зборува, а зборот „бунеше“ Етја сега првпат го поврза со „протестираше“ бидејќи до овој ден таа не ни знаеше дека има протести. Етја ја повтори на глас реченицата на Дејан, и самата зачудена како се осмели тоа да го направи. Оливера и оние околу неа се свртеа кон Етја. „Што? Ти, ма, имаш ли мозок?“ рече некој, при што на Етја веднаш ѝ минаа низ глава зборовите на Сузана дека некој ќе ја повреди. Оливера рече дека тоа е легитимно прашање и почна дијалог со Етја. „Е, ајде, добро, никој не се бунел. А ти изгледа ли тебе ова што се случи логично?“ – праша Оливера. „Не,“ се охрабри Етја, имајќи го на ум Дејан, „ама и тогаш не било логично, па никој не се бунел.“ „Значи ако еднаш порано некој ја оневозможил правдата со аболиција, засекогаш треба тоа да се дозволи? Етја се обидуваше да замисли што би одговорил Дејан, но не можеше да се сети. „Не,“ рече замислено и продолжи по патот. „Можеби тогаш свеста на луѓето сè уште не била на ова ниво?“ допре до Етја гласот на Оливера.

Штотуку измина неколку чекори, кога телефонот повторно ѝ заѕвони. „Ти нормална ли си што правиш? Знаеш ли дека поминаа петнаесет минути откако ти се јави Сузана,“ викаше Дејан. „Се фатив на муабет со овие, да ги убедам дека не се во право,“ реагираше Етја бидејќи немаш друго оправдување што сè уште не стигнала на работа. „Што имаш ти да ги убедуваш? Сите се тие исти, само ќе те испонавредат пошто немаат никакви аргументи,“ рече Дејан, повторувајќи дека треба да се врати на работа. Етја праша дали е поправен компјутерот за да може да ги внесе податоците. „Не е, ама тоа тебе да не те интересира,“ одговори Дејан.

Неколку минути подоцна, Етја, заедно со луѓето околу себе, веќе се наоѓаше пред гимназијата „Јосип Броз – Тито“. Уште неколку чекори и требаше да сврти десно, кон своето работно место. Таму имаше полиција и полициски возила, па Етја реши да сврти на следната улица. „Нема правда, нема мир! Нема правда, нема мир!“ извикуваа луѓето околу Етја. Тоа ја потсети Етја дека тоа утро Сузана цело време повторуваше: „нема правда“ во врска со дозволата што ја дала за изградба на спортската сала. Не може така, јас ли да одам во затвор, а тој да се спаси, зборуваше Сузана, дали повеќе како за себе или обраќајќи им се на другите – за тоа Етја не беше сосем сигурна, а и не ѝ беше јасно за што воопшто зборува нејзината шефица. На Етја ѝ беше малку необично што зборовите кои сега ги слушаше делумно се поклопуваат со зборовите на Сузана, па си рече дека можеби Сузана и самата се согласува со овие ставови, без да биде свесна за тоа.

Неколку чекори понатаму, некаде после Министерството за правда, на Етја повторно ѝ заѕвони телефонот. Сузана веќе беше гневна и зборуваше за казни и отпуштање, потенцирајќи дека веќе дошло седум часот. Кога го слушна ова, Етја и самата погледна во часовникот – навистина, беше некаде околу седум часот. „Седум е,“ рече Етја, „како може да ме казните што не сум на работа во седум, кога до четири ми е работното време?“ Сузана замолче. Таа не би се збунила од една ваква реченица, имала работа со секакви луѓе и многу пати се соочувала со несогласување. Но, ова беше шокантно зашто воопшто не личеше на Етја. Сузана молчеше неколку секунди, не разбирајќи како можеше да се случи вакво нешто. „Ова е однапред искоординирана и испланирана акција, а тие... тие манипуланти чекаа само некаков изговор, и аболицијата им послужи само како изговор, за да ја активираат таа акција, тоа злосторство против легитимно избраната власт. А ти си со нив, те манипулираат,“ некако се созеде Сузана. Бидејќи Дејан беше во еден од избирачките комисии на изборите, Етја добро ги знаеше неговите активности во прилог на нелегитимноста, но Етја порано не се интересираше за политика и се плашеше да не ја загуби работата. Но сега зборовите на Сузана за „легитимно избраната власт“ одеднаш добија чкрипав призвук. Етја кликна на црвената слушалка и го заврши повикот. Зад неа, Неда, која ја имаше запознаено на едно летување во Грција неколку години пред тоа, се сретна со неколку пријателки. „Гледав телевизија и кога ја слушнав веста за аболицијата во вторникот, буквално истрчав на протести,“ рече едната пријателка; другата рече дека пред еден месец се вратила од неколкугодишен престој во Италија, и била гневна на одлуката на претседателот. Зборовите „однапред испланирана акција,“ зачкрипеа страшно во ушите на Етја.

Етја реши да се сврти и да ја поздрави Неда, по што продолжи кон Собранието. Таму се шеташе низ луѓето и ги разгледуваше внимателно транспарентите и маиците. Го здогледа Милан, со кого ја имаше запознаено еден нејзин познаник на некој концерт. На Етја ѝ текна дека одамна не била на концерт. „Кај споменикот на Даме Груев сум, вие каде сте?“ зборуваше Милан по телефон. Го поздрави и Милан. Помисли на сите описи што Сузана и Дејан ги даваа за „комуњарите“ и не можеше да ги поврзе со ниту една особина на Милан.

Патувањето го продолжи, заедно со другите, кон Порта Македонија. Бидејќи Етја обично одеше само од дома директно до работа и од работа до дома, таа ја немаше видено Порта Македонија барем неколку месеци. Се изненади од нејзиниот изглед: ги виде графитите и боите. Боите размачкани на белиот ѕид ѝ се видоа некако убави. Погледна кон фонтаната во центарот на плоштадот и дури тогаш стана свесна за бројката луѓе што се движеше низ него.

Следниот ден, на 19 април, Етја отиде на работа со извесен страв што претходната вечер не се врати на работа. За првпат по повеќе месеци, рано утрото помина низ плоштадот и ги виде црвените бои од водата во фонтаната. Кога влезе, Сузана и Дејан не ја поздравија. Во три часот попладне, Сузана ја испрати да ги провери пресметките за плата – нешто што Етја не знаеше како да го прави. Таа се обиде да се извлече со тоа што рече дека може нешто да згреши и дека е најдобро Сања (тоа беше колешката која требаше да ја проверува платата) да го направи тоа, но Сузана љубезно ѝ одговори дека има доверба во неа зашто одлично го направила тоа во претходните месеци. „Знаеш,“ рече Сузана, „Сања му е жена на оној од Министерство за правда и зафатена е во моментов, игра тетрис“. Попладнето, пред да си оди – веќе беше речиси шест часот – Сузана ѝ рече: „Видена си вчера. Запишана си.“ Етја еден миг посака да се оправда, да се извини, но знаеше дека тоа ќе имаше смисла само ако не дознаа каде е. Вака, веќе знаеја, па немаше што да каже. Со вакви мисли се упати кон дома кога ѝ се јави сестра ѝ: „Те молам, нема да стигнам да се вратам од Струмица до 18.30, земи ми ги картите за Загреб оти морам денес да ги подигнам, во 18.30 сум договорена.“ Агенцијата се наоѓаше во близина на книжарницата „Или Или“. Етја се прошета извесно време низ центарот, па се упати кон агенцијата. Откако ги пополни документите со сите податоци и ги доби картите, Етја излезе.

Одеднаш се најде сред мноштво луѓе со транспаренти и го продолжи своето патување. Тргна да излезе од колоната демонстранти, но се судри со Анета, со која не се познаваше но која беше од нејзината населба па често ја гледаше како со велосипед оди на работа, и изнервирано извика: „Аман бе, што се буткате толку?“ Анета ја погледна. „А, извини,“ рече Анета, свирна со свиречето околу вратот и се оддалечи. Етја побрза да ја стигне. Да беше некој непознат, ќе немаше никаков проблем, но бидејќи беше нејзина сосетка, Етја сакаш само да ѝ се извини што така изреагирала. Додека брзаше по Анета, ѝ се јави Дејан и, слушајќи ги гласовите во позадина, демонстративно праша каде е. Од страв, Етја реши да не дозволи тој да дознае каде е, па со сигурен глас му одговори: „Морав за сестра ми да извадам карти за Загреб,“ му одговори. Дејан се зачуди на нејзината отсечност, не знаејќи дека тоа беше страв. „А, добро,“ одговори, „јас си мислев да не си кај оние што ја поддржуваат опозициската партија.“ „Кои?“ праша Етја, зашто ја интересираше што ќе одговори Дејан. Тој, пак, не се зачуди на ова банално прашање бидејќи знаеше дека Етја не се интересира за политика. „Демонстрантине, бе, платеници, што поддржуваат опозиција.“ Крај неа помина Сашо, брат на мажот на сестра ѝ, кој многу ги мразеше и двете најголеми партии. Сашо се зачуди што ја виде Етја меѓу демонстрантите зашто сметаше дека таа е поддржувач на владејачката партија. По грешка сум тука, сакаше да рече Етја, но не рече. Потоа сакаше да рече и: случајно се најдов овде, ама ни тоа не го рече. Ги крена рамениците, на што Сашо возврати: значи, браво, супер што си тука; а бе, кога нешто е апсурдно, не е веќе важна идеологијата. Потоа замина. Етја продолжи кон зградата на Владата. Изјавата на Дејан ѝ чкрипеше во ушите – беше очигледно неточна: присуството на Сашо, а и самото присуство на Етја овде ја потврдуваше нејзината неточност.

Неколку чекори понатаму, мина покрај Румена, која се лутеше за празните зборови што се употребуваат за манипулација, како патриотизам. Етја ја погледна пораката што ѝ стигна на мобилниот: „se nadvam nesi medzu predavnicite“ ѝ пишуваше Сузана. Низ умот на Етја поминуваа годините што ги помина на работното место, но не можеше да се сети на ниту една постапка со која Сузана покажала дека се грижи за луѓето околу себе, а со тоа, ниту за својата земја.

На 20 април, кога Етја стигна на работа, не ги поздрави Сузана и Дејан. Тие се погледнаа со извесно разбирање. Сузана ги прати колегите од другата канцеларија на состанок во Министерството за образование. Кога се вратија, тие ѝ соопштија дека во Министерството за образование немале претстава за каков состанок станува збор. „Нормално дека немале,“ им рече Сузана, „кога сте отишле на погрешно место. Ви реков да одите во Министерство за култура.“ Колегите, сепак, тврдеа дека ги пратила во Министерството за образование. „Погрешно сте слушнале,“ одговори Сузана.

Пред Етја да си замине, Сузана ѝ рече дека знае каде се движи. „Се грижам за тебе,“ знаеш, затоа ти го зборувам ова. Знам дека и зетот ти е таму. Не се тие толку совршени како што ти мислиш.“ Етја се чудеше за каков зет станува збор, па се сети дека веројатно се мисли на Сашо. „Тој не ми е зет,“ одговори Етја, „и никако не мислам дека се совршени“. Потоа Сузана нешто му шепна на Дејан.

„Е многу сакам да знам што им значи тоа: партија и држава треба да бидат одвоени. Кај видоа тие дека се споени,“ Дејан цитираше некого од своите идоли додека ја испраќаше Етја кон дома. „Во ист правец одам,“ рече тој, „живеам во Козле, знаеш, ама денес сум на гости, па затоа наваму.“ „Јас не одам дома, одам на гинеколог,“ му рече Етја, која, всушност, одеше на интервју во една приватна фирма во близина на Соборната црква, зашто уште одамна не сакаше да работи на местото каде што работеше. Кога го слушна зборот „гинеколог“, Дејан се збогува со Етја.

Патувањето на Етја продолжи кога излезе од интервјуто. Повторно случајно се најде меѓу демонстрантите со шарени маици. „...пари од државниот буџет отишле за партијата...“ слушна дел од разговорот што Димитар го водеше со Небојша, Весна и Љупка. Етја не можеше да го слушне останатото, но зборовите на Дејан од пред малку ѝ зачкрипеа во ушите. Ја гледаше зградата на Владата и се сети на деновите кога, пред неколку години, го посетуваше татко ѝ во болницата. Татко ѝ тогаш почина изговарајќи ги своите последни беспомошни, но бесни зборови, што не му даваа мир на семејството сите овие години. Пак погледна кон белата зграда со огромни столбови и пак помисли на мизерната болничка соба во која умре татко ѝ.

Во четврток, на 21 април, Етја не отиде на работа, па Сузана ѝ се јави да провери дали е болна и ја предупреди дека ќе има предлог да се укинат сите граѓански асоцијации. За добро на државата, додаде. На пладне ѝ пристигна порака: „Vecer zadolziteno pred sobranije. registrirajse na spisok“. Кожната инфекција на нејзината лева рака се влошуваше – мораше повторно попладнето да оди на кожен лекар во зградата каде што беа сместени канцелариите на Специјалното јавно обвинителство. Кога пристигна пред кожната ординација, веќе се имаа насобрано многу луѓе. Етја не влезе во ординацијата. Се движеше низ луѓето и си купи свирче. Етја, не без страв, ги гледаше луѓето кои ги туркаа полицајците и, со намален страв, дечкото во маица со линии кој се обидуваше да ги убеди да не го прават тоа. Потоа отпатува заедно со сите до пред зградата на Владата.

Еден час подоцна, Сузана ѝ се јави да ја праша каде е и зошто сè уште не е запишана на списокот. „Кај споменикот на Даме Груев сум,“ одговори Етја. „И јас сум таму, ама не те гледам, каде си?“, велеше Сузана, а во позадина се слушаше нечиј глас како вика дека Македонија е света. Крај неа поминуваше Ненад, кој велеше дека Македонија има проблеми. „Лево од споменикот,“ рече Етја. „А, да, те гледам,“ одговори Сузана, на што Етја малку се збуни, сè додека не го чу гласот на Сузана: „Ама, не си била тоа ти. Каде си?“ „Пред Влада,“ рече Етја и го стави телефонот в џеб.

Тогаш Роберт и Огнен, кои стоеја до Етја, се потргнаа неколку чекори назад за да се оддалечат од неа зашто таа почна да мавта со рацете. Мавташе кон неколку момчиња и девојки во бели блузи, барајќи им нешто. Изгледаше дека тие ја разбираат. И подадоа нешто. Тогаш сите луѓе што стоеја во близина на Етја можеа да видат чудо: како таа ги џвака и ги голта балоните со бои, и како косата, лицето, вратот и рацете – видливите делови од нејзиното тело – почнуваат да светат во флуросцентни бои, да се прелеваат различни нијанси.

Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото