Зошто кога ви го оштетуваат „Скопје 2014“ не е вандализам

03.05.2016 14:53
Зошто кога ви го оштетуваат „Скопје 2014“ не е вандализам

Затоа што не сакавте да слушате. Затоа што архитектурата е фактор на идентификација и бара голема одговорност, но оваа архитектура е ваша идентификација, ваша неодговорност, ваш примитивизам, незнаење и ваша лага.

Сè излажавте. И историјата и стручноста и квалитетот и парите и урбанизмот и обликувањето и функцијата и имињата на објектите и референдумот за ГТЦ. Затоа што направивте мермер што не е мермер, прозорци што не се прозорци, злато што не е злато, гроб што не е гробница, бродови што не пловат, мостови што не водат никаде, плажи без бањање, катни гаражи што се супермаркети, балустради што се маски за климатизери, коњи како магариња, Воин што е Александар (ама ви е страв да кажете), Триумфална порта без триумф, споменици и на предавници и на шпиони.

Затоа што вандализам е она што вие го направивте. Но, вандализмот е полесниот дел, тој може да се сопре. Направивте уште пострашно. На пиедестал ги ставивте примитивизмот, провинцијализмот, неукоста, немањето дух, непочитувањето, немањето слух да се послуша и немањето храброст да се признаат грешките. Ве опоменувавме безброј пати. Со најдобра намера. Како единствени компетенти да ви посочиме дека многу грешите, дека грешките во архитектурата тешко се поправаат, а во урбанизмот се непоправливи.

Е тоа е она што не може да се сопре. Ние знаевме дека ова ќе се случи. Се случи побрзо одошто очекувавме. Архитектурата не трпи импровизација и лага, и тоа ви кажавме. Ви кажавме и дека архитектонското творештво мора да се негува и авторското право да се почитува. Сè ви кажавме, а вие се правевте дека не постоиме. Нè доведовте во ситуација да ни се смеат, да се срамиме дека сме архитекти и со прст да покажуваат на нас. Да нè прашуваат, а ние да немаме одговор. Да изгледаме како лудаци кои одат по улица и си зборуваат сами со себе. Тоа архитектите никогаш нема да ви го простат.

Бесконечно менувавте Закон за градење и Правилник за урбанистичко планирање - како што ќе ви текне. На советници во општини и во градот им дадовте за право, и тоа загарантирано со закон, да одлучуваат за архитектонското обликување доколку ви текне дека објектот е од значење за градот или општината. Изработувавте ГУП и ДУП гледајќи го просторот наместо како ресурс само како квадратни метри површина за продавање. Затоа граѓаните имаат уплав кога ќе им се спомне измена на ДУП во нивната населба. Знаат веќе што ги чека, не ви веруваат и кога можеби тоа и нешто добро ќе донесе.

Ние ве опоменувавме, се трудевме да бидеме коректни, да се издигнеме над политиката и да покажеме дека знаеме да почитуваме. Една од најзначајните награди што ја доделува ААМ е Годишната награда под покровителство на претседателот на РМ. Се водеа дискусии со архитектите да се откажеме од покровителството на претседателот на наградата затоа што не покажа доблест и разбирање за архитектурата. Секако дека постоеше голема дилема. Одлучивме да покажеме мудрост и зрелост, дека сме подобри од вас (иако свесни дека и тоа немате капацитет да го разберете) и дека ја почитуваме институцијата Претседател.

Некои луѓе се примитивни, а некои пак се правдољубиви, образувани, воспитани, градски. Во постапките секој трга од себе. Затоа умееме да почитуваме и покрај сè. Можеби погрешивме, почитувањето треба да биде обострано. Но, ние знаеме дека секој е заменлив и никој не е вечен.

Ние знаеме дека архитектурата уште од нејзиното постоење е една од омилените алатки во рацете на политичарите за импресионирање народ и дека е моќна. Ви кажавме дека тоа и не е страшно кога ќе се искористи и направи на правилен начин и квалитетно. Така прават паметни политичари. И ова не сакавте да го слушнете, а и вам ви одеше во прилог.

Ние се радуваме кога се гради, нам тоа ни е работа, но не барем да се гради. Нè обвинивте дека не ги почитуваме колегите што вредно работат. Тоа не е точно. Ние не ги почитуваме оние кои не работат професионално и стручно, онака како што нè учи архитектонската наука. Ни се смеевте в лице дека не помина референдумот за ГТЦ. Кој денес уште може да верува во избирачкиот список? Можеби дејствувавме наивно, но ние сакавме да веруваме бидејќи сме чесни во она што го работиме и во тоа нема ништо лошо, а се обидувавте да покажете дека не сме во право. Стручноста во работата е единствениот начин, другиот порано или подоцна завршува кобно, и тоа за сите. Морам да признам дека чувството по референдумот остави горчлив вкус. Не верував. Не можев (и уште не можам) со ништо да си објаснам дека и покрај сè (да го тргнеме избирачкиот список настрана) не излезе доволно народ. За нешто што беше само чиста архитектура и ништо друго. Се прашував каде живееле овие луѓе, каде растеле, каде си играле, каде излегувале, со што ги ранеле, каде учеле, каде бркале девојки, како стекнале пријатели, кој филм го гледале, која книга ја прочитале, кого познаваат, на која песна плачат. Не ми е јасно, како да ги спуштиле од друга планета.

Ги замолчивте сите институции од прва до последна. Од Комора на инженери, Министерство за транспорт, факултети. Никој, ама баш никој како институција не излезе со став. Сите молчеа. Чест на одредени професори што индивидуално го искажуваа револтот. Но, каде беа институциите, што мислеа? Ја штитеа институцијата, вработените, колегите, фамилиите, студентите, себе, професорот што работи СК014? Па сите имаме нешто што го сакаме и мора да го заштитиме. Со такво однесување невозможно е да се заштити. Па барем да излезеа со некој став ко мис на избор на универзум. Луѓето очекуваа, прашуваа, чекаа и не дочекаа. Е сега да, полесно е, ама не се важи.

Во секое лошо има и нешто добро. Добро е што претставата заврши, завесата падна и светлата се запалија. Се препознавме кои сме, знаеме кој од што е скроен, точно знаеме кој ја разбира архитектурата, а кој не, на кој му е сеедно, кој евтино се продава, кој се плаши. Животот е понекогаш многу долг, а во годините потоа ќе треба да одговараат, но и да им одговорат и на сопствените деца кога ќе ги прашаат, каде бевте, што правевте. И ова ви го кажавме: „сите архитектонски вредности се и човечки вредности, во спротивно не се вредни“ (Ф.Л. Рајт); ама не ви беше грижа.

И сега му фрлаат боја на „Скопје 2014“. Па му фрлаат! И биле хулигани и биле од некои мистериозни надворешни сили организирани и финансирани, а да, и предавници се. Па надворешните сили ни ја финансираа државата, ние ни паста за заби не можеме да произведеме! А другите биле мирни, добри и патриоти. Па, нели е срамно да се злоупотребува сиромаштија, беда, необразованост. Токму тоа го правите. Дека политичарите се корумпирани не е вест, ние тоа го знаеме. Но, уште пострашно е кога државна политика ќе стане корумпирање на сопствениот народ, и тоа за ситно. И многу е страшно кога ќе му подметнеш на народ наместо Леонардо да Винчи гоблен „Тајна вечера“, наместо Партенон, шампита. Кој ќе го плати? Па, и во кафеана не плаќа оној што најмногу има, плаќа оној што е навикнат да плаќа. Истиот оној народ што плаќаше досега. Овој пат е подготвен да плати.

 

Авторката е претседател на Асоцијацијата на архитекти

 

Извор: Рубриката Писма на Утрински весник, 2.05.2016.
Слики: Петар Младеновиќ

Слични содржини

Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Став
Јавни простори
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото