Фестивал Паратисима: повик за учество на работилници за креативно пишување, анимација, театар и портретна фотографија

03.05.2016 16:07
Фестивал Паратисима: повик за учество на работилници за креативно пишување, анимација, театар и портретна фотографија

Во рамки на фестивалот Паратисима (10-12 јуни 2016), интернационален саем на современа уметност кој е отворен за буквално сите форми на уметност и креативност, ќе се одржат и неколку работилници: за креативно пишување, театар, анимација и портретна фотографија.

Во продолжение, го објавуваме деталите за пријавување на сите четири работилници.

Работилница за креативно пишување

За кого е наменет конкурсот?

СРЕДНОШКОЛЦИ

За што станува збор?

Целта на работилницата е да ги поттикне младите кои се заинтересирани за пишување да почнат да размислуваат за соодветна насока во која би го граделе својот израз. Учесниците ќе бидат вклучени во интерактивно предавање, дискусија, читања и вежби кои ќе им помогнат во истото. Пишувањето зазема главен дел од работилницата, односно секој учесник ќе има можност да напише повеќе текстови/песни кои потоа ќе бидат презентирани и објавени.
Работилницата е водена од истакнати македонски писатели и поети чија задача е да ви го претстават креативниот процес кој стои зад пишаниот збор. Конечно, учесниците ќе имаат можност да се претстават како млади автори, да остварат контакт со други кои ги делат истите книжевни интереси и да бидат дел од нашата мала, но убава, книжевна сцена.

За пријавување на конкурсот потребно е да се испратат следните информации:

-Име и презиме
-Возраст
-Гимназија/Средно училиште
-Број
-Избран лик од книжевно дело
(објаснување зошто тој лик е одбран, од 150 – 250 карактери)
Една приказна или две песни

На следната е-адреса:

contact@paratissimaskopje.mk

Напомена:

Нецелосните апликации нема да се земат предвид.

Театарска работилница

За кого е наменет конкурсот?

СРЕДНОШКОЛЦИ

За што станува збор?

Учесниците ќе се запознаат со основната театарска терминологија и ќе се стекнат со знаења да разликуваат поими како драма, театар, актерска игра, драматургија, театарска режија, сценографија, костимографија, изведувач, гледач и др. Учесниците, исто така, ќе се запознаат со основните обележја на тетатарот како уметност и што е тоа што го прави различен од другите уметности. Практичниот дел опфаќа презентирање и развивање на основните изведувачки вештини: тело, глас и емоции. Присутните ќе можат, практично, да ги преиспитаат теориските постулати на овие три модули преку вежби од системите на Константин Сергеевич Станиславски, Сенфорд Мајснер, Питер Брук и др. театарски имиња. Конечно, учесниците ќе бидат дел од група која дели исти интереси и ќе можат да ги разменат своите идеи, мисли, визии од кои постои опција да произлезе некој иден заеднички проект.

За пријавување на конкурсот потребно е да се испратат следните информации:

-Име и презиме
-Возраст
-Гимназија/Средно училиште
-Број

На следната е-адреса:

contact@paratissimaskopje.mk

Напомена:

Местата се ограничени!
First come – first served!

Работилница за анимација

За кого е наменет конкурсот?

СРЕДНОШКОЛЦИ

За што станува збор?

Ако имаш интерес за анимирани филмчиња и како всушност тие се создаваат, тогаш оваа работилница ќе ти даде објаснување и вовед. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со техниката на стоп-анимацијата, а воедно ќе научат како се креира сценарио за кратко филмче. Тие ќе бидат водени од двајца аниматори (фотограф и уметник) и еден писател, чија задача ќе биде да помогнат во склопување на идеите изложени од учесниците. Крајниот продукт ќе биде прикажан на завршната вечер на Паратисима Скопје. Конечно, секој учесник ќе добие основна подлога што претставува анимацијата и воопшто создавање на едно уметничко дело; ќе работи во група и ќе биде директно провоциран да ја развие својата креативност со помош на нечија друга креативност; и ќе го има задоволството да биде дел од група која ќе креира преку идеја, мисли и заедништво.

За пријавување на конкурсот потребно е да се испратат следните информации:

-Име и презиме
-Возраст
-Гимназија/Средно училиште
-Број
-Цртеж на еден карактер
-Опис и објаснување на карактерот

На следната е-адреса:

contact@paratissimaskopje.mk

Напомена:

Нецелосните апликации нема да се земат предвид.

Работилница за портретна фотографија | Revoshot & Paratissima Skopje

Paratissima Skopje и Revoshot организираат работилница за портрет фотографија во склоп на саемот за современа уметност „Paratissima Skopje 2016“.

Целта на работилницата е да ги поттикне сите креативци кои се заинтересирани за портретна фотографија дa се насочат во соодветната насока преку која ќе го изградат својот стил. Работилницата е отворена за сите ентузијасти за портретна фотографија со возраст над 18 години. Учесниците ќе бидат вклучени во интерактивно кратко предавање, дискусија, работа на терен, обработка на фотографиите и припрема за нивно изложување.

Секој учесник ќе има можност да создаде галерија од фотографии од кои неколку ќе бидат селектирани од страна на менторите за изложба. Работилницата ќе биде водена од тимот на Revoshot чија задача ќе биде да го претстават креативниот процес кој стои зад секоја фотографија и да им помогнат на учесниците да ги материјализираат нивните идеи.

Низ оваа работилница учесниците ќе имаат можност да се запознаат со целиот процес, односно патот кој води од првичната замисла, па сѐ до испечатена фотографија, да си разменат искуства и идеи, да добијат совети од менторите и секако на самиот крај да ги изложат своите фотографии во рамки на саемот за современа уметност „Паратисима Скопје 2016“.

Пријавување

Сите заинтересирани учесници треба да испратат кратко портфолио кое ќе ги содржи следните елементи:

-Име и презиме
-Возраст
-Контакт телефон
-Е – маил адреса
-3-5 портретни фотографии кои најдобро го доловуваат нивниот стил
-Секој учесник треба да поседува сопствен DSLR фотоапарат

Апликациите се испраќаат на contact@paratissimaskopje.mk најдоцна до 20.05.2016

Селектираните учесници ќе бидат контактирани најдоцна до 03.06.2016

ОкоБоли главаВицФото