Инклузивитети

04.05.2016 03:19
Инклузивитети

1.

Не знам зошто баш секој новинар мисли дека е квалификуван политички аналитичар, како што и секој што завршил некаква политичка комуникологија – што и да значи тоа – автоматски станува политички експерт. Како што, впрочем, не секој што завршил уметничка академија е – уметник! Овде не ги бројам оние партиски пришипетљи кои по силата на партијата се самопрогласуваат за компетентни стручњаци за сè, а за политика особено. Затоа и мислам дека „исклучувачката матрица“, во случаи како нашиов, е полезна работа. Иако, во принцип, не сум поборник на исклучувања од каков и да е вид, ама некаде тоа е неминовно. На пример – во медиумите! Или (уште) ќе се убедуваме во апсолутно разорното десетгодишно дејство на поголемиот дел од медиумите – електронски и пишани – со т.н. национален предзнак, оние кои добиваа дебели владини „субвенции“ (читај: поткупи) за да секојдневно ја искривуваат реалноста во полза на бандитиве? И, богами, некои тоа сè уште го прават. На еден или на друг начин: (само)деструктивно останувајќи на испробаниот „владин курс“, пишувајќи/објавувајќи двосмислени и често поткопувачки „колумни“, жизнерадосно стимулирајќи на нивните страници или низ катодните цевки шарлатани и дилетанти, дури и пробисвети со тапија кои одработуваат за бандата итн. Малку се изнагледавме/изначитавме такви подопашници од форматот на оној „андерграунд“ уметникон, или оној подлизурко „публицист и режисер“, па „водителине“ на секакви идиотизми финансирани со народни пари? И сите тие ли спаѓаат во заштитената категорија „плурализам на мислења“? И зошто тој плурализам, ама во обратна насока, го немаше на страниците на нивните весници или во програмите на нивните телевизии?

2.

Нивното самоизбрано слепило сè уште, до денешен ден, сака да нè убеди дека човекот кој буквално ја погреба оваа држава некогаш бил „човекот што влезе во политиката како голема надеж за Македонија“. Надеж – за кого, за криминалните структури и булументите простаци во оваа земја? На страна неписменоста (употребата на „што“ наместо „кој“!), оваа „анализа“ дури оди дотаму што истиот го прогласува за небаре месија кој требал „да ја поведе Македонија во просперитет“. И не само тоа, туку неговите седници на Владата „се чекаа со љубопитност поради свежината што ја внесоа на зачмаената посткомунистичка сцена во Скопје“! Е па нè доведе, нели, до „просперитетот“ за којшто со хвалоспеви го поддржуваа толку години, а свежината на „посткомунистичката сцена во Скопје“ еве ја живееме секој ден во главниот град, за цели (цирка) 600 милиони евра?!

И сега, вакви ли дилетанти ќе продолжат да солат памет, а не можеле да согледаат со кого си имале работа, веднаш на стартот? Или барем година две подоцна? Такви ли режимски протуви кои сега божем прогледуваат ќе бидат и идната надеж на „Шарената револуција“? Кому би му требала таквата „инклузивна матрица“ и што би можеле младиве луѓе да научат од такво „политичко новинарство“? И што би „инклузивирале“ од нив? Нивната безличност, нивниот опортунизам, нивната корумпираност…?

Затоа – ќе се вратам на почетокот на оваа серија текстови под заеднички наслов „Народен гнев“ – овој излев на оправдан револт, дури бес по македонските улици не е само протест против онаа безлична минорна фигуринка на Водно и неговите скандалозни помилувања. Мислам, така гледам, овој народен гнев веќе јасно ги посочува магистралните правци на потребните реформи во општеството. И тоа не онакви, шминкерски, какви што си посакуваше оној во кого некои тутурутки гледале „голема надеж за Македонија“, туку коренити реформи на сите општествени структури и институции, на вкупниов систем и неговите на глава поставени „стандарди“ и „вредности“, меѓу кои (не случајно) медиумите зазедоа прво место!

3.

Затоа и „инклузивната матрица“ мора да има и еден сериозен, густ филтер да го задржи сиот талог што тендира да се протне низ некое дупче. Зашто, инаку, барабиве ќе ја киднапираат и оваа шанса, а потоа други може и да нема. На рака им одат и таквите „новинари“ кои малку-малку па нè потсетуваат на старите „добри“ денови на крминалциве, кога тие само глумеле политичари и водење политика. Нè потсетуваат, демек, како ни било добро (како кому, нели?!), како сме имале перспективи (како кој, во зависност од диоптријата!) и надежи. Не е далеку денот кога бандата ќе посака сериозно да се инфилтрира во движењето, да покаже дека демек се свестила, се поправила, си ги увидела грешките. И тие играат на „инклузивната матрица“ која што за нив е посакуваниот спас. Ако им се дозволи, се разбира!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: ШкАрт

ОкоБоли главаВицФото