Непроценлива штета

05.05.2016 01:49
Непроценлива штета

На судењето против двајцата демонстранти, обвинети за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, билa соопштена и процената на штетата направена при демолирањето на Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија - 880.000 денари (приближно 15.000 евра). Одбраната тврди дека процената била паушална, одредена без вешт наод и мислење, и ѓутуре натоварена врз двајцата обвинети.

Целата оваа судско-парнична процедура има некаква смисла само под еден услов: да не се знае, или целосно да се занемари фактот дека на функцијата претседател на Република Македонија се наоѓа лицето Ѓорге Иванов. Ако, пак, се знае дека Хорхе е замешан во случајот, правната церемонија веднаш станува апсурдна, бесмислена, со сериозни симптоми на еден кафкијански процес.

Некоја помалку паушална анализа би покажала дека штетата од отворањето на канцеларијата - од непознати причини наречена „народна“ - е неспоредливо поголема од нејзиното демолирање. Овој узурпиран простор не може да не се гледа како симбол на демолирањето на правото, на институциите (и на институцијата претседател), на демократијата и на државата, пред сè.

Таа не е неговото најголемо - ништо не може да се спореди со аболицијата на криминалците - ама секако дека е едно од кривичните дела извршени со учество во злосторничко здружување. И штетата ќе мора сам да ја плати, кога-тогаш.

Извор: Слободен печат
Фотографија: Ванчо Џамбаски