А, бре, Вета народе мој!

05.05.2016 02:10
А, бре, Вета народе мој!

„Пискотници се слушаат од Галичник до Река“ деновиве. Голема неволја ни се заканувала, топтан ќе сме биле казнети од меѓународните, ќе ни потонела во бездна Македонија сосе сиот народ, каде сувото, таму и суровото. И тоа зошто? Само поради злоделата на владејачкиве! Каква неправда! Кој стаса лелека, моли, преколкнува, апелира, селективна правичност се бара од заканувачите, и официјално, и неофицијално. И сите исти солзи ронат: аманте, имајте милост, не удирајте по нашава земја, и онака е кревка, не го дотепувајте кутриот народ, и онака е отепан! Казнувајте ги виновниците, штом веќе конечно се сетивте дека кај нас има и такви. Тие се одговорни за сиот ужас што нè снајде. Поштедете нè нас, граѓаните на Македонија, ние сме невини.

Молам?! Невини сме биле?! Ајде, де! А, што со години „не бевме одовде“ и „си бркавме своја работа“? А, што си молчевме и мижевме? А, што се правевме „на удрени“ кога нѐ лажеа и ограбуваа? А, што понизно сѐ си трпевме? А, што се плашевме? А, што се „шлепавме“? А, што се „потпикнувавме“? А, што ниедно дно не ни беше најдолно за да ни дојде „преку глава“? А, што главите ни служеа само за бричење, потстрижување и бојосување во „плавуши“? А, што „сто стапа по туѓ грб не болат“, дури ни по сопствениот, па доброволно им го поттуравме? А, што саде радостии, пензионерски си одевме на бања? А, што си чекавме од Бога росица, зашто од властодршциве само горчливи капки паѓаа врз нашите полиња? А, што ДПМ-евски си пишувавме „чиста“ литература, та нели „поету го знаеш својот долг“, тоа е твојата единствена работа, седи си мадро, ѓаолот ни ора, ни копа? А, што МАНУ-евски мрсевме научно-уметнички конци околу тоа „како се размножуваат мравки на месечината“, лигушејќи се пред грујомагистерот? А, што за Хорхета вицови си „причавме“, сметајќи го недоветен, а не погубно штетен? А, што плачевме барабар со ужалените попови кога апансас „проплакаа“ иконите во црквите? А, што солза не пуштивме кога ги испосекоа дрвјата по улиците и ги искасапија шумите? А, што пред очи ни се трупаа бетонските монструми на урбаномафијашите, а ние глумевме ноеви? А, што си правевме весели селфија пред барокните „шампити“? А, што си ги „шиткавме три за сто“ „белите мантили“ и „црните мантии“ за да се вденеме во руба на дворски шутови? А, што од глумци, режисери, новинари, писатели, сликари, музичари… станувавме, или озлобени кловнови, или си лепевме фластери врз устите? А, што надалеку трубевме и труевме со, смртоносен за здравиот дух, дефетизам? А, што Божицата на правдата се срамеше од нејзините земни застапници, а нам „ни да ни чуе“? А, што професорите ги „силуваа“ учениците и студентите со фалшиви лекции? А, што си гледавме турски серии додека домобраните арамии ни ги крадеа слободата, вистината, зборот, честа, имотот, земјата, водата, воздухот... и иднината? А, што и покрај сето тоа, „политика не нѐ интересираше зашто сме in фаци“, и си дремевме по кафулињата, сурфајќи си во мобилните? А, што бевме избалансирани, малку забавно, малку народно, па „не гласам за никого, сите се исти г....“?

Е, баш е така. Да, сите сме исти: виновни и одговорни, и тоа како! Злосторниците за сторените злосторства, а ние, граѓаните на Македонија, за нестореното - непростливо долго бевме Вета инсекти. Сте чуле за нив? Вид ендемски скакулци се. Постојат само во Мариовско, во наша Македонија, веќе дваесет милиони години, постари и од диносаурусите. Знаете ли на кој начин им успеало да преживеат досега? Единствено благодарение на тоа што се тотално пасивни - ниту напаѓаат, ниту се бранат. Ама, животот на луѓето не им е даден за Вета преживување, наменет е за човечко живеење.

Деновиве, почнувам да верувам дека ние, Вета инсектоидите, конечно тргнавме да се очовечуваме. Секој ден сме на улица, илјадници шаренореволуционери. Доволно? Да, ама доволно за почеток, не и за крај на злодобата и на злосторниците. Уште милион и не знам колку стотици илјади кои сѐ уште не сме се иселиле од земјава, севезден се ветосуваме. До кога, бре, скакулчиња? Додека „уста полна со земја“ засекогаш не ни го затне душникот, а? И, ај, после речете, не сме биле виновни. А, бре, Вета народе мој!

Неодговорноста за сопствениот, човечки достоинствен живот е нашата најголема вина. Ниедна казна не може да биде поголема од самоказнувањето. Се покажавме шампиони во таа дисциплина. Друга работа е што и меѓународните правдољупци би требало да си пропишат казни и себеси, за сѐ што сториле, а не смееле, за сѐ што требало, а не сториле. Но, кој ни е крив што сме биле… се надевам никогаш повторно не ќе сме… Вета народ.

(П.С. Молам, нека ми простат сите „еднини“ што насекаде во текстов ги напикав во множината. Стерна е таа, не прави разлика, сенешто голта проклетијата. Ни себеси не можам да се изземам од неа. И јас до некоја доба бев, на извесен начин, „множинска форма“. Ако за ништо друго, тогаш затоа што како логистика стоев зад барикадите, „на посигурно“. Сега сум на најсигурно – среде „Шарената револуција“, во прво лице еднина. Вие, пак, коишто (си знаете зошто) и понатаму сте им bff на мариовските Вети, пратете им поздравче со kiss4e. Кутричките немаат поблиска рода од вас на светов и на веков. Та нели ендемски вид се?

Извор: Плусинфо
Слики: Canvas Project

ОкоБоли главаВицФото