1022 hPa
71 %
10 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 15:59
Весна Ацевска
Подготовки за претстава
Најнапред лавовите, слоновите,
мајмуните и другите дивини
треба да се смират со благи средства.
Шапката на маѓионичарот внимателно
да се исполни со бели гулаби
шарени шамии и други сродни ветувања.
Добро да се проверат синџирите
оптегнатите јажиња, цврстината
на мрежата, бравите на големиот кафез.
Но најмногу од сè внимание бара
ритуалното шминкање на кловнот,
на кого се потпира секоја претстава.
Магдалена Хорват
„Подготовки за претстава“
Прва песна на која помислив соочена со предлогот да ја продолжам веригата беше „Подготовки за претстава“ (од истоимената збирка од 1985) на Весна Ацевска. Можеби бидејќи рубрикава, додека го пишувам ова, е сè уште во фаза на подготовки; можеби оти државата веќе подолго време ни наликува на циркус; или можеби оти секој јавен настап, макар и во форма на песна или напис, е претстава?
Не знам. Но, како и највпечатливите уметнички дела, и „Подготовки...“ е огледало, кое ни ги отсликува сопствените проекции. Ни укажува на неопходноста од лична преобразба без да држи предавања. Не е исповедна. Не е сентиментална. Едноставно ни опишува што се случува, посочувајќи ни ги сите учесници и реквизити (сите тие „дивини“ што, само кога се скротени, соработуваат; „шапката на маѓионичарот“ и соодветните трикови; „оптегнатите јажиња“ по кои ќе чекорат акробатите...). Знаејќи дека ќе сфатиме од контекстот, Ацевска ниту еднаш не спомнува за каква претстава се подготовките. Нејзиното нерасфрлање со зборови уште повеќе го засилува впечатокот.
Од технички аспект, би ја издвоила ненаметливата асонанција, особено на гласот е. Тој, потсетувајќи нè на смеење, не им дозволува на стиховите да зазвучат премногу сериозно: од „лавовите, слоновите, мајмуните“, до тоа „шминкање“ што бара „најмногу од сè внимание“). Се забележува и суптилна алитерација: успокојувачката согласка ш се појавува, случајно или намерно, и во „шапката“ и во „шарени шамии“. Ацевска маестрално ја користи и пасивната реченица („да се смират со благи средства“; „да се исполни со бели гулаби“) и за да ги придобие нашите доверба и емпатија, и за истовремено да се дистанцира—себеси, ама и нас—од сè што ни предочува.