Што се крие(ше) зад ирационалниот страв?

07.05.2016 10:33
Што се крие(ше) зад ирационалниот страв?

Мислам дека г-динот Ванхауте највпечатливо ја опиша нашата состојба. Тој го откри нашиот проблем во самата негова суштина. Според него, во земјава владее неверојатен страв. Работел во многу земји, вели за себе г-динот Ванхауте, и никаде не наишол на толку голем страв како во Македонија.

Вложувањето напор за трансформација е нешто сосема нормално во сликарската професија. Човекот по дефиниција е битие кое еволуира од пониска кон повисока свест, од погрубо кон посуптилно.

Но, ова што се случува сега за мене е нешто невидено до сега. Постои огромна негативна енергија која се самообновува. Колку и да ја трансформираме, таа пак се обновува. И во 2001 година имаше таква негативна енергија, но во ваква латентно затскриена и перфидна форма како сега не.

Стравот владее не само со населението кое живее во егзистенцијална неизвесност, туку и со тие кои заради комодитет не сакаат „да се оптоваруваат со политика“. Се плашат ненормално, или барем се плашеа до сега и се бранеа или со изолација или со игнорирање на проблемите!

Г-динот Ванхауте ја спореди нашата состојба со таа во Германија во времето на нацизмот. Навистина кај нас се во подем некакви мрачни окултни елементи кои сакаат да си играат моќ и можеме да направиме паралела со психопатолошките елементи од тоа време (меѓу другото, паралела се прави и со улогата на пропагандата и во нацистичка Германија и сега во Македонија.)

Деведесет отсто од енергијата ја трошиме во борба со таа негативна енергија за да се одржиме во нормала. После сето тоа толку сме уморни што немаме сили да си ја работиме својата работа или што било друго. Сета наша работа сега се состои во пружање отпор.

Оваа шарена револуција ќе трае сè додека не се икорени ирационалниот страв и сè додека не ја победиме Смртта со Живот. Таа е базата-структура во насушната потреба за некаква идна широка шарена влада која ќе произлезе и ќе ги отсликува квалитативните промени.

Во крајна линија, ние сега сме во борба со Незнаењето, за Живот кој ќе биде нов квалитет. Можеби ние сега влегуваме во повисок статус и ова соочување со стравот, односно со смртта е тест кој треба да го положиме за да одиме напред. На еден многу суров начин дадена ни е шанса за промена кон подобро.

Што се крие(ше) зад ирационалниот страв?

Дефинитивно страв од смртта! Злосторничкото здружување е примитивна, простачка организација-секта која сакаше да завладее со сите нас и донекаде им успеа во тоа, парадоксално, со помош на софистицирани методи - пропагандата, (не со нивна памет, тие дури и за тоа не се способни). Значи, станува збор за перфидни методи за владеење со другите. Токму тие нечисти мотиви и методи (прислушкување, уцени, разни присилувања) ја прават нашата ситуација уште поодвратна и гадењето ги тера луѓето да се дистанцираат од целиот процес, едноставно сакаат да заборават бегајќи од „дневна политика“. Истовремено нивното молчење го зацврстуваше режимот, па така пред некој ден Tribunus Civilis организираше симболичко судење: Злосторството на молчењето – „Да ги осветлиме тие ликови и инстуции чие молчење, страв, опортунизам, директен клиентелизам со диктатурата и невршење на својата улога во образованието, науката, јавната дебата – ѝ овозможи на таа диктатура да се стабилизира, да трае и толку долго, жилаво да се бори за опстанок. Ѝ овозможи толку многу штета да направи врз Mакедонија и нејзиното граѓанско општество, јавната свест и култура“. (Љ. Фрчковски)

Да заклучам: не треба се грижиме премногу, ние фактички веќе имаме добар лек против стравот! Тоа е ова наше секојдневно марширање по улиците – најбрз и најдобар начин како донекаде да се наполниме со позитивна енергија и да се одржиме во нормала. Затоа овој курс мора да продолжи, а движењето ПРОТЕСТИРАМ или ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА да се шират и понатаму. Ослободувањето кај нас оди постепено, но темелно, и во бранови: најпрвиот бран беа протестите против полициската бруталност пред пет години, потоа првиот поголем бран беше минатата година со кревање на студентите и средношколците, АЈДЕ и ПРОТЕСТИРАМ, втор уште поголем бран се крева сега.

Сè повеќе уметници се присутни меѓу демонстрантите на шарената револуција.

Наспроти нив се уметници кои веруваат во светски заговор, замаени се со некакви силни водачи, окултни моќи и енергии, и со слични грандиозни глупости, или се обични конформисти кои се кријат зад погубниот малодушен став „и едните и другите се исти, значи сите се и ќе бидат исти“.

Бездна се продлабочува меѓу два статуси: од една страна е директната демократија која добива се поголем замав (уметникот Јозеф Бојс* уште во 1972 година организирал референдум за директна демократија), од друга страна е ропската покорност кон „лажен авторитет“.

Ние сме во неповратен процес кој се движи во добра насока, но потребно е време за преобразба.

Ќе победиме!
Нема правда, нема мир!

_____________________________________________

* “Општествените промени се остваруваат преку социјална скулптура, која настанува со радикално проширување на уметноста во општествениот живот. Според Бојс, уметноста во минатото ги следела промените на општеството, а во шеесеттите и седумдесеттите години таа станува инструмент за промена на општеството. Градењето социјален организам како уметничко дело се остварува така што уметникот ја буди и ја развива креативноста на секоја општествена единка. Бојс се заложува за еволуциона и револуциона преобразба на општествената единка во творечки општествен субјект. Според неговите зборови, социјалната скулптура и социјалната архитектура потполно ќе се оформат кога и последниот човек кој живее на Земјата ќе стане уметник, вајар или архитект на општествениот организам. Со тоа ќе се оствари утопијата на акционата уметност на флуксусот и хепенингот. Ќе настане демократско општество засновано на директна демократија. Таквиот поим на револуционерна уметност може да постане политички продуктивен и да се оствари со посредство на секој историски човек. Секој човек е слободен, уметник кој учи да ги одредува новите степени на тоталното уметничко дело на идното општествено устројство.“ Мишко Шуваковиќ, Концептуална уметност

Слични содржини

Став

ОкоБоли главаВицФото