Евангелие по Јуда (извадок)

07.05.2016 13:08
Евангелие по Јуда (извадок)

Без намера за навреда. Само во обид да ви предочам дека нè и има такви што вашите приказни поинаку ги раскажуваме.

Извадок од „Евангелие по Јуда“ ( 1993 г. ), дел од Сцена 12.

Голгота. На сред Голгота се наоѓа крст, а на крстот се наоѓа распнат Исус. Во подножјето на крстот се наоѓа Марија. До неа стои Јуда. А на неколку чекори од нив стојат Апостолите (Петар, Андреј и Матеј). Околу распнатиот Исус постојано лета и ѕуни Мувата. Во текот на дејство во сцената ѕунењето на Мувата станува сè посилно и сè погласно. Јуда и Апостолите, од време на време се обидуваат, бездушно, да ја избркаат Мувата.

ЈУДА: (Погледнува кон останатите, се накашлува, им дава знак.)

И ен, и два, и три! (Почнува да пее.)
„Распнат ми виси Исус Поп Јорданов.
Распнат ми виси Исус Поп Јорданов.
Под нозе му седи, стара му мајка,
Жално го жали, милно го плаче.“

МАРИЈА:
(Пее.) „Слези ми, слези, мое мило чедо.
Слези ми, слези, мое мило чедо.
Твоите другар, по сокаци одат,
по сокаци одат, жални песни пеат.“

АПОСТОЛИ: ( Пеат.)
„Бог да го прости Исус Поп Јорданов.
Исус Поп Јорданов за народ загина,
за народ загина, за Македонија. “
ИСУС: Просто ми иде да плачам ко дете,
и стегам срце клето да не пушти крик!

ЈУДА: И ен, и два, и три!

МАРИЈА:
Леле синко, леле мајчин. Слези сине, рано лута.
Тука ти се другарите, другарите девојките,
Да пиете рујно вино, да јадете посно лепче.
Леле синко, леле мајчин, јас ти велев и зборував:
Не се чешај кај не сврби, ниту мати кај не сркаш.
А ти сине, жива рано, пусто пусти пустињата.
Те распнаа душманите, душманите фарисеи,
фарисеи свештеници.
Пилат суди, раце мие, Ерусалим крв ти пие.
Народ вика: Распнете го! Распнете го, убијте го!
Ој Голгото, црно брдо, син ми оди сè по тврдо.
Дрво тешко, маки тешки, маки тешки, пат од камен,
пат од камен, дробна снага.
Горо болна, горо пуста; проклета си, мртва да си.
Да се урнеш, па да паднеш; в црна бездна да пропаднеш.
Врз твоето тело горо, душманите играт оро.
Кршат коски, дробни раце; коски божји, божји раце.
Леле синко, леле мајчин; гол до кожа соблекоa,
со клинови прободоа, млад ти живот пресекоа.
Пресекоа, испекоа, младо дрво изгореа.

ИСУС: (Пее. )
„Дај да пијам, мила мајко, да се опијам.
Јадовите, мила мајко, да заборавам;
јадовите, мила мајко, да заборавам.“

МАРИЈА:
Викни синко стројна песна, да се чуе дур’ до Рима.
цела земја потреси ја; протреси ја, откорни ја.
Нек’ излезат сите мртви, нека има многу жртви.
Нека биде правда твоја, утеха за рана моја.
Леле синко, мајка плаче; мајка плаче коси корне.
Летај синко, летај мајчин; летај душо дур’ до татка;
па му седни в десно крило; царуј, сине, твое царство:
Нек’ се смее тој што плаче; нека плачат радосните.

ЈУДА: И ен, и два, и три!!!

(Сите, освен се разбира Исус, се фаќаат во оро, играат и пеат. )

ЈУДА, МАРИЈА, АПОСТОЛИ: (Ираат и пеат.)
„Ако умрам ил’ загинам, немој да ме жалите
напијте се рујно вино, скршете ги чашите.“

(Ѕунењето на Мувата станува толку силно што покрива се останато.)

Извор: Andrea Mantegna, Christ as the Suffering Redeemer (1488–1500)

ОкоБоли главаВицФото