Одат на три месеци, се надеваат дека ќе останат со години

07.05.2016 14:18
Одат на три месеци, се надеваат дека ќе останат со години

Македонските граѓани, пред сè од источниот дел на земјава, тргнаа на сезонска работа во странство. Се полнат автобусите што одат за Италија, каде што ги чекаат лозовите насади. Во оваа земја се оди со бугарски пасош, но за многу македонски државјани тоа не е проблем, зашто тие истовремено се и бугарски државјани.

Според локалната телевизија „Стар“, од Каменица и од Делчево само за три дена заминале 500 жители во Италија. Во разговорите што телевизијата ги направила со оние што заминуваат на печалба, имало невработени, вработени, но и административци. Работниците одат за плата од по 6 евра на час и се надеваат дека ќе заштедат неколку илјади евра за да преживеат кога ќе се вратат од сезонската работа.

Пасош од земја од ЕУ не е потребен за Малта, па таа последниве години станува сè поголем хит за младите од Македонија. Но, најголем дел од нив, кои почнуваат како сезонски работници во тамошните кафулиња, таму остануваат да работат со години, затоа што во оваа островска земја има постојано туристи.

- Двајца мои другари веќе шест месеци се во Малта. Таму работниот час е од 4 до 6 евра, во зависност од работата, но и од степенот на познавање англиски јазик. За изнајмување стан од педесетина квадратни метри се потребни од 500 до 700 евра. За да се остане три месеци, не требаат посебни формалности, а доколку газдата одлучи да ве задржи подолго, тогаш треба да си платите работна дозвола од околу 500 евра. Како и да е, таму многу повеќе ќе се заработи. Јас, на пример, овде работев како плочкар во фирма и дневницата ми беше 650 денари - вели Роберт од Скопје, кој се пакува за Малта.

Работа за млади се наоѓа и во Црна Гора и според информациите, во тамошните ресторани и хотели може да се заработи од 600 до 700 евра.

Поранешниот директор на Државниот завод за статистика Данчо Герасимовски вели дека не постојат официјални статистички податоци за тоа колку луѓе заминуваат на привремена работа во странство.

- За разлика од времето на поранешна Југославија, кога при излезот од Македонија требаше да се каже на колку време се патува и што е целта на посетата, сега такви информации ниту се бараат ниту се води некаква евиденција - објаснува Герасимовски.

Тој вели дека постојат некои сознанија на структурата на сезонските вработувања врз база на податоците за децата што се раѓаат во странство.

- Во странство секоја година се раѓаат по околу 4.700 деца, но во семејства што долги години се веќе на работа во странство. Според податоците, нивните родители најчесто се земјоделци, дрвосечачи или градежни работници. Тие многу често повлекуваат на сезонска работа и други членови од семејството од Македонија - објаснува Герасимовски.

Според неговите сознанија, во Италија најмногу одат од струмичко Ново Село, од Каменица, од Делчево, но и од Дебар. Во Германија, Австрија и во Швајцарија заминуваат жители од Гостивар и од Струга.

Македонците разработиле и шема, со која сезоната ќе ја продолжат на цела година - прво работат на лозјето во Италија, па потоа се префрлаат на есенски работи во земјоделието во Швајцарија.

Извор: Слободен печат
Слики: ШкАрт