Колаборационисти и второборци

09.05.2016 02:43
Колаборационисти и второборци

1.

И имав право кога напишав дека бргу-бргу ќе се појават душегрижници за „малата“ македонска култура, за кревките демократија и слобода и, апропо актуелниот след на настаните, луксузот да се пребројуваме, да се бараат (и наоѓаат) квислинзи и колаборационисти во редовите на таа македонска култура. Зашто, меѓу нив имало и „значајни личности“, па дури и такви кои „дале поголем придонес во борбата за демократска и слободна Македонија отколку првоборците кои први фрлале со јајца против непријателот“[1]. Се разбира, тоа е познатиот начин сè, па и овој народен гнев, да се релативизира и повторно да се остане, демек, паметен и на линија. И сето ова што се случува на македонските улици да се сведе на – фрлање јајца! Иако, на пример, порано спомнатиот проф. Спасов (сега) точно ја лоцира „дилемата“ за криминалната банда прашувајќи се „кој ќе им суди – историјата или редовен суд“[2]! Но и тоа не е вистинска дилема. Едните ќе бидат (о)судени од двете инстанци, другите – веќе напишав – ќе мора да го по(д)несат судот на сегашноста и на историјата. И тоа само затоа што злосторството на молчењето и неправењето не е кривично дело. Инаку, според сите други параметри, нивното соучесништво во деценискиот криминал е неспорно. И потенцирам: соучесништво, зашто најголемиот број од оние за кои деновиве говориме се токму тоа – соучесници! И токму нивните биографии, или нивното некогашно значење за македонската култура и уметност, па ајде нека е и нивниот „придонес“ за македонската демократија, уште повеќе им ја отежнуваат положбата. И го зголемуваат злосторството. А сето тоа заедно нависнува на тежината на „пресудата“. Зашто, токму тие се одговорни – или многу поодговорни, ако сакате – од сите останати во македонската култура за културниот геноцид, за девастацијата на културното наследство, за партизацијата на културата, за сегрегацијата на „наши“ и „нивни“ во културата итн.

И токму за тој вид квислинштво и колаборационизам говориме, и токму за таквите луѓе со кои што оваа култура некогаш се гордеела и ги поддржувала, а тие ја продале за триесет сребреници!

2.

Затоа, сите (апсолутно глупави) споредби со партизаните, првоборците и слични будалаштини се целосно депласирани и служат за заматување на актуелната слика во македонската култура. И спојуваат неспоиви категории. На пример, која е, и каква воопшто може да биде врската – некогашна и/или сегашна – помеѓу колаборационистите и првоборците, или дури второборците? Тоа е не само навреда туку и светогрдие, ако сакате. Зашто, ни тогаш, ниту пак сега, не станувало збор за тоа кој кога стасал на боиштето и дали бил во првите или бил во вторите или којзнае кои редови. Овде станува збор за колаборационизам контра (современо) „партизанство“, за две различни категории! Колаборационистите биле / се соработници на непријателот, партизаните (па и современите „партизани“) биле / се борци против непријателот. Која, и каква е тука споредбата?

Актуелните македонски колаборационисти цела деценија соработуваа(т) со криминалната банда, од различни но по правило клиентелистички побуди. Тие цела деценија, и денес, го цицаат културниот буџет за лични цели и потреби, не водејќи сметка за никој друг. Тие цела деценија седат во разни одбори, комисии, совети, форуми… за дебели хонорари, учествувајќи во поткопувањето на современите темели на македонската култура, инфицирајќи го здравото ткиво на македонската култура со партиски и секакви други терминални вируси. Нивните имиња се секоја година на листата на приоритетните, дури единствените, како други автори во Македонија да не постојат. И ниту еднаш не се сетија да се подзавртат назад и да погледнат што се случува со другите или да си ги прашаат газдите каде ја водат оваа расклатена македонска композиција. Добро е додека оди, а потоа ќе се прешалтуваме, нели?! Тоа ли е филозофијата што сега треба да се брани и оправдува со некогашните „големи“ дела? Тоа ли е моралот што треба да се остави во наследство?

3.

Кај првоборците и второборците разликите се само во времето на приклучувањето. А не кој кога загинал! И какви се тие морбидни споредби? Кај колаборационистите, пак, приклучувањето е – последното прибежиште, тоа е нивна мимикрија, фалсификат солидарност, мермер што не е мермер а личи на мермер! Дури, нашиве „познати“ колаборационисти воопшто немаат намера да се приклучат. Тие се претвораат во последниот бастион на режимот, онаа најсрамна линија која што мора да го одржува привидот на сплотеност, интелектуалност, општост… Инаку, би останале само бандитите и нивните побратими! Затоа, овие се уште полоши!!! И нивната осуда е неминовна, денес или утре. И праведна, за спас на остатокот на македонската култура која што, инаку, малку фали целосно да се распадне. Но, ако сè уште браниме, па дури и славиме вакви бараби колаборационисти, тогаш чуму сето ова?

_________________________________________________

[1] Ерол Ризаов, Кој кога заминал во партизани,Утрински весник, 06 мај 2016

[2] Ѓорѓи Спасов, Кој ќе им суди – историјата или редовен суд, Утрински весник, 06 мај 2016

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото