Студенти на ФЕИТ собираат пари за учество на Светскиот натпревар за роботика во Париз

09.05.2016 12:17
Студенти на ФЕИТ собираат пари за учество на Светскиот натпревар за роботика во Париз

Со онлајн кампања, четворица студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, од отсекот за Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика, се обидуваат да соберат пари кои им се потребни за да заминат во Париз и да учествуваат на завршниот настан на Светскиот натпревар за роботика. Претходно, тие успеаја да се пласираат на 16-то место, од вкупно 550 тимови.

Поканата да учествуваат во натпреварот ги израдувалa, но сега ниту тие, ниту нивниот факултет, ги имаат потребните средства за да се покријат трошоците за пат и престој. Затоа, ја покренаа кампањата на веб-страницата www.generosity.com, каде секој може да донира.

Кампањата е отворена пред неколку дена, а целта е да се соберат вкупно 2.800 долари. Оној кој ќе донира до 15 долари ќе добие лична благодарност од студентите, додека оние кои сакаат да донираат повеќе, односно до 100 долари, нивното име или лого ќе биде испечатено на маичките што ќе ги носат за време на финалниот предизвик во Париз.

„Сега е 2016 година. Многу работи се променија. Непотребно е да се каже, интернетот овозможи учењето да биде достапно и прифатливо. Сепак, сè уште има многу ограничувања. Некои видови образование, особено напредните науки, бараат големи инвестиции и скапи технологии кои едноставно не се достапни во делови од светот во развој, како Македонија. Ова е сигурно случај со роботиката и автоматиката – област што е значително неразвиена во Македонија“, се вели во описот на онлајн кампањата.

Студентите очекуваат да им се оствари ова неверојатно и ретко искуство, бидејќи ако не успеат да ги соберат парите на време, нема да можат да стигнат до натпреварот.

Извор: Радио МОФ

ОкоБоли главаВицФото